СОСТОЈБА СО ГРИП ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА,
СЕЗОНА 2018/2019
(44 недела, до 04.11.2018)

Во текот на 44-та недела од 2018 година (од 29.10.2017 – 04.11.2017), во Република Македонија пријавени се 48 (I=2,3/100.000) нови случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. Во однос на регистрираните случаи во минатата недела (n=14) постои зголемување од 3,4 пати.
Во споредба со бројот на регистрирани случаи во 44-та недела од минатата сезона (n=130), се бележи намалување од 63,1%.
Во оваа недела, пријавени се случаи од 9 извештајни единици. Најголем број се пријавени од Скопје – 12, Струмица – 10 и Тетово – 8. Највисока инциденца се бележи во ПЕ Свети Николе – 24,4/100.000 жители, а најниска во ЦЈЗ Скопје (1,9/100.000).
Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени во текот на оваа недела се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 27 случаи (56,3%), а највисока инциденца (11,2/100.000) се регистрира кај најмладите – децата на возраст од 0-4 години каде вкупно се пријавени 13 заболени лица.
Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип/ заболувања слични на грип изнесува 99 (I=4,8/100.000), што е помалку за 60,9% во споредба со истиот период минатата година биле регистрирани 253 заболени лица.
Во текот на 44-та недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигна еден материјал за тестирање на грип. Тестираниот материјал е негативен за присуство на вирусот на инфлуенца.
Од почетокот на сезоната 2018/2019, во оваа лабораторија пристигнати се 4 материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, сите тестирани негативни за присуство на вирусот на инфлуенца.

Вакцинација против грип
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО):
• бремени жени, во било кој стадиум од бременоста
• деца на возраст од 6 месеци до 5 години
• постари лица на возраст од 65 години и повеќе,
• лицата со хронични заболувања и состојби на намален имунитет
• здравствени работници.

Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.
За првпат, од оваа сезона на инфлуенца, во Р. Македонија започна бесплатна вакцинација против инфлуенца за одредена категорија на население. За таа намена, Министерството за здравство набави 28.000 дози за лицата постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија и без примања. Дополнителни 13.100 дози се набавени од страна на Центрите за јавно здравје како комерцијални вакцини за останатото население. Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува ЦЈЗ/ПЕ, како и претходните сезони со тоа што за прв пат од оваа сезона, закажувањето за бесплатните вакцини е преку матичен лекар во системот Мој Термин.
Според податоците од Управата за електронско здравство, во текот на првите 3 дена од вакцинацијата, искористени се 5.001 доза од набавените бесплатни вакцини.
Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, истите се целосно потрошени во 7 ЦЈЗ и нивните ПЕ (Прилеп, Охрид, Тетово, Велес, Кочани, Штип и Струмица), додека останатите сѐ уште располагаат со одредени дози на комерцијална вакцина (Битола – 400 дози, Куманово – 385 дози и Скопје – 2.288 дози). Подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип ќе бидат објавени по завршување на тековната недела, во наредниот извештај.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН
Согласно презентираните информации на Flu News Europe за 43 недела од 2018 година, активноста на вирусот на инфлуенца во Европа е со низок интензитет, што е вообичаено за ова време од годината.
Само неколку земји пријавиле детекција на спорадични инфлуенца вирусни инфекции, преку редовниот и сентинел системот за надзор кај кои се докажани инфлуенца А и инфлуенца Б. Вкупно, 1,5% од тестираните примероци биле позитивни за присуство на вирусот на грип.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања
Институт за јавно здравје