ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 12-та недела од 2016 година (21.03 – 27.03.2016), во Република Македонија од 25 извештајни единици пријавени се 1.250 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 60,4 на 100.000 жители, што претставува намалување за 19,5% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 54,2% споредено со 12-та недела од минатата сезона, а во однос на број типичната сезонска крива за последните 5 сезони исто така постои зголемување од 7,2% (Графикон 1).

Горенаведените податоци говорат во прилог на намалување на сезонската активност на грип по достигнатиот пик во текот на седмата недела, а пријавениот број на случаи оваа недела е во рамките на очекуваниот број на случаи и под горната неделна граница (2.228) (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона   2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

Grafikon 1

И во 12-тата недела, најголем број и процент на заболени (n=782; 62,6%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Kај децата/учениците од 5-14 години пријавени се 262 случаја со највисока инциденца оваа недела од 113,2 на 100.000 жители.

Оваа недела најголем број заболени (n=295) се пријавени од ЦЈЗ Прилеп, во ЦЈЗ Тетово има регистрирано 195 заболени лица, во ЦЈЗ Скопје – 171, а 145 случаи се пријавени од страна на ЦЈЗ Охрид.

Највисока инциденца од 309,5 на 100.000 жители во текот на неделата е регистрирана на територија на ЦЈЗ Прилеп, инциденца од 258,4 случаи на 100.000 жители се регистрира во ЦЈЗ Охрид, а во ПЕ Дебар е регистрирана инциденца од 230,6/100.000 (Картограм).

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, 12-та недела 2016 година.

мапа

Вкупниот број на пријавени случаи од грип во сезоната 2015/2016 изнесува 26.862, a кумулативната инциденца е 1.298,2/100.000 жители. Досега во сезоната се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип, двата на територијата на ЦЈЗ Битола.

Во споредба со истиот период од минатата година, кумулативниот број на пријавени случаи во оваа сезона е помал за 6,5%, а во однос на моделот за последните пет сезони се регистрира зголемување од 15,8%

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 30 извештајни единици. Најголем број се пријавени од ЦЈЗ Струмица (n=3.200; 11,9%; I=3.378,5/100.000), ЦЈЗ Прилеп (n=3.098; 11,5%; I=3.250,2/100.000), ЦЈЗ Скопје (n=2.874; 10,7%; I=465,3/100.000), ЦЈЗ Тетово (n=2.351; 8,8%; I=1.176,9/100.000) и ЦЈЗ Охрид (n=2.179; 8,1%; I=3.883,5/100.000). Сезонава нема пријавено заболени лица само во Валандово (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ,  сезона 2015/16

Grafikon 2

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 17.610 случаи (65,6%; I=1.206,7/100.000), а најголема кумулативна инциденца од 2.280,8/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години каде инциденцата изнесува 1.748,0 на 100.000 жители (Графикон 3).

Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возрасни групи,  сезона 2015/16

Grafikon 3

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст до февруари 2016 кога се пријавени 15.489 случаи или 57,7% од вкупниот  број на заболени случаи во сезоната. Во текот на месец март, за 4 недели се пријавени 6.493 случаи или 24,2% од вкупниот број на регистрирани случаи во сезоната (Графикон 4).

 

Графикон 4. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

 Grafikon 4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 12-та недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 7 нови материјали за присуство на грип. Од вкупниот број на тестирани материјали, 3 се позитивни на присуство на Influenza B вирусот.

Во сезоната 2015/2016, тестиран е вкупно 101 примерок, од кои 28 (27,7%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (од нив 10 се A(H1N1)pdm09, 1 е А(H3N2), 6 се Influenza A – нетипизирани и 11 – Influenza B).

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, во ЦЈЗ и нивните ПЕ вакцинирани се вкупно 26.834 лица и потрошени  88,8% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 12-та недела, вакцинирани се вкупно 35 лица, од кои во ПЕ Гевгелија – 20, во       ПЕ Кичево – 8, во ЦЈЗ Скопје – 5 и едно лице е вакцинирано во ПЕ Гостивар.

Дури 79,9% од вакцинираните примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 59,9% (n=16.077), 34,9% (n=9.370) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 2,2% (n=571) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 8 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 808 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.190 или 67,8% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години и од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%). Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во овој момент, вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Иако и оваа недела се регистрира пад на бројот на регистрирани случаи и понатаму има широка географска распространетост, а преку вирусолошкиот надзор над грип оваа недела 42,9% од примероците се позитивни на инфлуенца Б.

Ваква епидемиолошка слика и зголемување на пропорцијата на позитивни примероци на инфлуенца Б се регистрира и во Европскиот регион.

Може да се констатира дека во Македонија активноста на вирусот на грип се одржува со средно висок интензитет, движејќи е во рамките на очекуваниот број за овој период од сезоната. Се очекува активноста на грип да продолжи да се намалува во наредните недели.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 11 недела/2015), инфлуенцата е сè уште е широко распространета во земјите во западниот дел на регионот, но најголемиот дел од земјите во Регионот (82%) пријавиле намалување или стабилен тренд. Активноста на вирусот на грип, врз основ на лабораториски потврдени лесни и тешки случаи во сентинел и рутинскиот надзор го достигна својот пик во 5-7 недела/ 2016. Процентот на позитивни сентинел примероци остана висок (49%), но вкупниот број на тестирани примероци се намалува од осмата недела. Постои поместување кон циркулација на инфлуенца Б; најизразено кај сентинел примероците, каде 66% од детекциите се инфлуенца Б. Процентот на детекција на инфлуенца Б кај хоспитализираните случаи се движи помеѓу 20% и 45%, што укажува на тоа дека инфлуенца А е најчесто откриен кај тешките случаи. Бројот на случаи на САРИ е помал отколку во претходните недели, но варира од земја до земја. Најтешките случаи се поврзани со А (H1N1) pdm09 инфекција и се кај луѓе на возраст од 15-64 години.

61,7% од откриените вируси во сентинел надзорот оваа сезона се тип А, а 38,3% се тип Б. Најголем дел од Influenza А вирусите отпаѓа на А(H1N1)pdm09 (82,8%), а од Influenza B, од оние типизираните – на B/Victoria (47,7%).

Седум земји од западниот дел на регионот пријавиле 3.549 случаи од единиците за интензивна нега и 2.851 од други оддели. Инфлуенца А е откриен во 88% од случаите примени во единиците за интензивна нега, а А (H1N1) pdm09 се доминантен поттип (98%). Во сите други оддели, регистрирани се 21% со Инфлуенца Б и 79% со Инфлуенца А, а А (H1N1) pdm09 е доминантен поттип (98%).

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје