Република Македонија секоја година го одбележува Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Тоа е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Осми март за Меѓународен ден на жената е прогласен од страна на Обединетите нации со цел да се одбележи улогата на обичната жена во историјата, како и нејзината борба за еднаквост, правда, мир и развој. Организираните барања на жената за половата еднаквост, учество во јавниот живот, како и подеднакви права и обврски со мажот за првпат се појавуваат во 20 век од страна на Социјалистичката партија на Америка. Симболиката на овој празник треба да биде актуелизирање на барањата за подобрување на условите на работа на жените и квалитативно подобрување на нивниот социјално-политички статус во општеството.

Оваа година, интернационалниот ден на жената е со мото – “Да се заложиме за еднаквост!” Тоа подразбира дека сите, и мажите и жените, треба да се заложат за превземање на конкретна активност за да се помогне во постигнување на родовата еднаквост, а тоа подразбира – на жените и девојките да им се помогне да ги остварат своите амбиции, лидерството да биде балансирано (и кај жените и кај мажите), почитување и вреднување на различностите, развој на инклузивни и флексибилни култури и искоренување на пристрасноста кон работното место, односно и жените да можат да ги работат “машките професии”. Секој од нас може да биде лидер во нашата сопствена сфера на делување, се со цел да се подобри и унапреди родовата еднаквост.

Република Македонија значително работи на сите полиња-економски, политички, социјални и здравствени, се со цел да се подобри и олесни животот на секоја жена во ова општество. Министерството за труд и социјална политика има формирано Сектор за еднакви можности со цел за унапредување на статусот на жените во сите области на општественото живеење и воспоставување на еднакви можности за жените и мажите, на национално и локално ниво. Секторот за еднакви можности преку соработка со надлежните институции во државата, како и во соработка со граѓанскиот сектор и со социјалните партнери активно работи кон промовирање на еднаквите можности на жените и мажите. Секторот е одговорен за спроведување на позитивната законска регулатива во Република Македонија, Законот за еднакви можности на жените и мажите и Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020. Превенцијата и заштитата од секаков вид на насилство и дискриминација претставуваат дел од активностите на Секторот. Република Македонија успешно ги следи и работи според следните меѓународни конвенции и декларации:

  • Универзална декларација за човекови права
  • Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените
  • Европската конвенција за човекови права
  • Конвенција за борба против трговија со луѓе и транснационален организиран криминал и
  • Протокол од Палермо – Европската конвенција на Совет на Европа за борба против трговија со луѓе.

Во еднаквите можности на жените и нивните права влегува и женското здравје на кое што треба многу да се работи. Тоа преставува состојба на емоционална, социјална, културна, душевна и физичка благосостојба  на жените која истовремено е детерминирана  од нивниот општествен и економски статус,како и од нивните биолошки карактеристики.Жените имаат право да ги уживаат највисоките достапни стандарди на физичко и на ментално здравје. Уживањето на ова право е витално за нивниот живот и добросостојба, како и за нивната можност да учествуваат во сите полиња на јавниот и на приватниот живот.

Ова право на жените е признато во бројни меѓународни инструменти. Во Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените, правото на здравје на жените е регулирано во член 12, кој гласи: „1. Државите членки преземаат соодветни мерки заради елиминирање на дискриминацијата на жените во областа на здравствената заштита за да можат, врз основа на рамноправноста на жените и мажите, да обезбедат достапност на здравствените услуги, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на планирањето на семејството. 2. Без оглед на одредбата од став 1 на овој член, државите членки на жените за време на бременоста, раѓањето и во периодот по раѓањето на детето, кога е потребно, им обезбедуваат соодветни бесплатни здравствени услуги и соодветна исхрана за време на бременоста“. Значајни меѓународни документи од оваа област претставуваат и: Универзалната декларација за човековите права, Пекиншката декларација и платформа за акција, Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН за жени, мир и безбедност, Милениумската декларација, Милениумските развојни цели и др. Потребите на жените во однос на здравјето и здравствената заштита се препознати и се уредени во домашното законодавство, пред сè во Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, Законот за заштита на правата на пациенти, како и во Програмите на Владата на РМ кои се во надлежност на Министерството за здравство, особено Националната годишна програма за јавно здравје, Програмата за рана детекција на малигни заболувања, Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во РМ, Програмата Здравје за сите, Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца, во кои се предвидени активности за унапредување на здравјето на жената, редовно одење на превентивни прегледи, скрининзи за рак на дојка, рак на грло на матка, колоректален карцином и сл.

Институтот за јавно здравје на Република Македонија работи на унапредување на здравјето на девојките, мајките и на сите жени воопшто преку спроведување на бројни програми, задачи и активности. Секојдневно се следат систематските прегледи на жените, превентивните прегледи кои се реализираат на терен во рурални и урбани средини и на места каде што е помала достапноста од лекар. Се подготвуваат и дистрибуираат брошури и прирачници со најразлични теми за здравјето на жената и на целото население кои што се дистрибуираат низ целата држава. Се организираат и спроведуваат многу кампањи и настани кои што помагаат да се допре до пошироката маса на население. Институтот за јавно здравје посебно внимание обрнува на безбедното мајчинство со тоа што покрај печатени и дистрибуирани брошури за безбедно мајчинство и за улогата на младите родители во одгледувањето на децата, се работи и на зголемување на бројот на жените кои што имаат избрано матичен гинеколог и негова редовна посета, а најбрзо се делува преку патронажните сетри кои се постојано на терен и ги информираат и насочуваат жените како да постапат. Во рамки на унапредување на здравјето се следи и унапредува работата и со Ромките на терен со помош на ромски здравствени медијатори, а исто така Институтот преку Секторот за промоција, анализи и следење на незаразни болести работи на координација на работата на советувалиштата за сексуално и репродуктивно здравје и советувалиштата за откажување од пушење во рамки на 10-те центри за јавно здравје.

Покрај активностите на државните органи и невладините земаат активно учество кога станува збор за женските права. Така, формирана е “Платформа за родова еднаковост”  која всушност претставува здружение на граѓани кои што се поттикнати од маргинилизираната положба на жените во Република Македонија да ја идентификуваат потребата за здружено делување во насока на унапредување на родовата еднаквост во државата и јавно ја потпишаа Декларацијата за родова еднаквост. Здружувањето доаѓа и како реакција на сеприсутните патријархални вредности, јазот во распределбата на општествените добра и моќ, маргинализираниот социјален, економски и политички статус и положба на жените во Република Македонија. Платформата делува во вкупно шест области и тоа економија, образование, репродуктивни права и здравје, родово базирано насилство, пристап до услуги после преживеано насилство, социјална политика и учество на жената во политиката.

Користена литература:

  1. Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените и нејзиниот Факултативен протокол, Обединети нации, 2003
  2. iph.mk – ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Македонија
  3. rodovaednakvost.gov.mk – Сектор за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика
  4. esem.org.mk – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.
  5. internationalwomensday.com

ПОДГОТВИЛ: Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести