ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 44-та недела од 2016 година (од 31.10.2016 – 06.11.2016), во Република Македонија пријавени се 89 (I=4,3/100.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип, што е зголемување за 2,1 пати во споредба со минатата недела.

Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 15,6% споредено со 44-та недела од минатата сезона (n=77), а во однос на бројот за 44-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 6 сезони) постои зголемување од 46,5% (Графикон 1).

Пријавениот број на случаи е под бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (n=148). Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Дистрибуција на заболените од сезонски грип, по недела на пријавување, моделирана типична епидемиска крива од последни 6 сезони, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

Графикон 1

Како и претходната, во 44-та недела најголем број заболени (n=54) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 9,5/100.000 жители е регистрирана кај најмладите – деца на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Тетово (n=25, I=12,5/100,000), додека најголема инциденца од 58,5/100.000 е регистрирана на територија на ПЕ Свети Николе (n=12).

Во сезоната 2016/2017 вкупниот број на заболени од грип изнесува 259 (I=12,5/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=225), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 15,1%, а во однос на моделот за последните 6 сезони (n=210) се регистрира зголемување од 23,3%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од 15 извештајни единици, а само во 7 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е над 10. Најголем број на заболени лица (n=116; 44,8%; I=58,1/100.000) се регистрирани во ЦЈЗ Тетово, а највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Дебар (I=61,3/100.000).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 165 случаи (63,7%), а најголема кумулативна инциденца од 24,1/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017

Графикон 2

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 44-тата недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, тестиран е еден примерок од рутинскиот надзор за присуство на вирусот на грип и истиот е негативен.

Од почетокот на сезоната 2016/2017, во оваа лабораторија тестирани се вкупно 19 биолошки материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти. Сите тестирани примероци се негативни за присуство на вирусот на грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип е започната од 43 недела, 2016.

Вкупната количина на достапни тритипни вакцини (Influvac, произведена во Abbot Biologicals Olst, Холандија) за оваа сезона изнесува 26.670 дози.

Според пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ, заклучно со 44-та недела, вакцинирани се вкупно 20.353 лица или 76,3% од вкупно набавените вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 11.554 лица или 56,8%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 7.897 лица или 38,8%, додека лица на возраст од 5-29 години вакцинирани се вкупно 502 или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 4 лица. Од категоријата на здравствени работници вакцинирани се 395 лица или 1,9%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 13.854 или 68,1% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 43 недела/2016) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво со спорадична детекција на вируси на грип во регионот. Потврдени се како позитивни 32 примероци (1,2% од тестираните) од сентинел надзорот.

Досега предоминира инфлуенца А типот, а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2).

Ситуацијата е вообичаена за овој период од годината.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје