ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на втората недела од 2016 година (11.01 – 17.01.2016), во Република Македонија од 24 извештајни единици пријавени се 611 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 29,5 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 2,2 пати во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 2,0% споредено со првата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 599 случаи (Графикон 1).

Како и претходните три недели пријавениот број на случаи е над бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, што говори во прилог на интензивирање на сезонската активност на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона  2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 Grafikon 1 (1)

Во втората недела од 2016, најголем број заболени (n=476) се пријавени во возрасната група од 15-64 години каде е регистрирана и најголема инциденца од 32,6 на 100.000 жители. Кај децата на возраст од 0-4 години се регистрирани се 36 случаи, но со втора највисока инциденца оваа недела од 31,0/100.000.

Оваа недела најголем број заболени (120) се пријавени од ЦЈЗ Струмица, ЦЈЗ Куманово со регистрирани 107 заболени и ЦЈЗ Охрид каде се пријавени 69 случаи.

Највисока инциденца оваа недела (I=355,3/100.000) е регистрирана во ПЕ Кратово каде се пријавени 34 заболени лица (Картограм).

 Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, втора недела 2016 година.

 mapa grip 2ra nedela

Вкупниот број на пријавени случаи во текот на оваа сезона е 2.136, а кумулативната инциденца –103,2 на 100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 27 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (n=464; 21,7%), ЦЈЗ Куманово (n=386; 18,1%) и ЦЈЗ Прилеп (n=311; 14,6%), додека во останатите региони се регистрираат помал број на случаи. Највисока инциденца е забележана во Кратово и изнесува 491,2/100.000 (вкупно 47 заболени).

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 1.498 случаи (70,1%), а најголема кумулативна инциденца од 153,2/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години каде се пријавени 178 случаи, како и кај децата на возраст од 5-14 години (143,0/100.000 жители) каде се пријавени 331 случај.

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци:

  • октомври – 225 случаи или 10,5%
  • ноември – 431 случај или 20,2%
  • декември – 592 случаи или 27,7%

Во првите две недели од месец јануари, пријавени се 888 случаи или 41,6% од вкупниот број оваа сезона.

  

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Оваа недела во ИЈЗ анализирани се 4 примероци за присуство на вирусот на грип, сите се негативни за присуство на инфлуенца вирусот. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 39 примероци, два  (5,1%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (Influenza A – нетипизиран и Influenza B).

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

 Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се вкупно 26.320 лица и потрошени  87,1% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на втора недела, вакцинирани се вкупно 43 лица, најголем број од нив во Скопје (21).

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,1% (n=15.812), 35,0% (n=9.199) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,9% (n=489) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 6 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.949 или 68,2% се лица со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 814 здравствени работници (3,1% од сите вакцинирани лица).

Од вкупниот број на набавени вакцини од страна на ЦЈЗ Велес, 480 се дадени за потребите на припадниците на Министерството за одбрана, на јужната граница на државата.

Нема податоци за бројот на ново-вакцинирани лица во ПЗУ. Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица и тоа во ПЗУ Медика во Скопје. Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години, од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%) и од 5-29 години – 57 лица (8,7% од сите вакцинирани).  Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Вакцинацијата е завршена во 9 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

 Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

 ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Бројот на регистриран случаи на грип е над границата за сезонска активност, но под очекуваниот број за овој период од сезоната. Се проширува географската распространетост, односно 77,4% од ЦЈЗ/ПЕ пријавуваат случаи, сепак процентот на позитивни примероци е сеуште мал. Може да се констатира дека, иако сеуште ниска, активноста на вирусот на грип се зголемува, како и географската распространетост на територијата на Р. Македонија. Се очекува понатамошно зголемување на активноста на грип во наредните недели.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 1 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип останува со низок интензитет во повеќето земји од европскиот регион, но со тренд на раст.

Од земјите кои дадоа податок за географска распространетост, 19 пријавиле спорадична, 7 локална, 1 регионална и 9 широка распространетост.

Процентот на позитивни примероци на грип од сентинел надзорот продолжи да се зголемува, од 30% во 53 недела, на 37% во 1 недела, но најголемиот број на позитивни резултати е само од две земји (Израел и Турција) иако е зголемен и бројот на земји кои пријавуваат позитивни резултати.  Зголемувањето на процентот на позитивни примероци се должи А/H1N1pdm09 типот на грип кој се детектира почесто (75,2% од инфлуенца А) во однос на типовите А/H3N2 и Б вирусот на грип. Од вкупниот број на позитивни примероци оваа сезона, кај 74% е докажан Influenza A, а кај 26% Influenza B.

Процентот на инфлуенца-позитивните примероци во сентинел надзорот е над 10% во четири последователни недели што укажува на почеток на сезоната на грип во 51 недела.

Досега типизираните вируси оваа сезона се генетски слични на соевите кои се препорачани за вклучување во вакцината за северната хемисфера за оваа сезона.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје