Во текот на 46-та недела од 2015 година (09.11 – 15.11.2015), во Република Македонија од десет извештајни единици пријавени се 132 случаи на грип со инциденца од 6,4 на 100.000 жители, што е зголемување од 33,3% во однос на минатата недела (99 заболени лица). Бројот на пријавени лица оваа недела е е помал за 19,5% во споредба со 46-тата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 164 случаи (Графикон 1).

Графикон 1. Дистрибуција на заболените од сезонски грип по недела на пријавување, моделирана типична епидемиска крива од последни 5 сезони, сезона 2014/2015 и сезона 2015/2016

 grafikon 1

Како и претходната, во 46-та недела најголем број заболени (96) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 9,9/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела до ИЈЗ пристигнати се 2 биолошки примероци за кои лабораториската дијагноза е во тек. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 13 примероци, не е добиен позитивен резултат за вирус на грип.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа сезона е 456, а кумулативната инциденца – 22,0/100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од 15 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (181), ЦЈЗ Куманово (92) и ЦЈЗ Прилеп (67), додека во останатите региони се регистрираат спорадични случаи.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени во оваа сезоан се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години – 300 случаи (68,8%), а најголема кумулативна инциденца од 34,1/100.000 се регистрира кај школкските деца на возраст од 5-14 години.

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се 24.784 лица, што претставува 80,7% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 61,1%, 34,5% се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,4% од сите вакцинирани. Вакцинирани се пет деца под 5 години. Од вкупниот број вакцинирани, 69,3% се со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 734 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Нема вакцинирани бремени жени.

Вакцинацијата е завршена во ПЕ Свети Николе, ПЕ Делчево, ПЕ Дебар, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

За прв пат оваа недела, пријавениот број на случаи во 46 – та недела е над неделниот број (n=120) кој ја означува границата на сезонска активност на вирусот на грип, што значи дека се наоѓаме на прагот на вистински влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и вакцина против сезонски грип.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 45 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип е со низок интензитет со локална или спорадична географска активност во 42 земји кои доставиле извештај.

Од почетокот на сезоната, пријавени се вкупно 32 лабораториски потврдени изолати на инфлуенца од сентинел и рутинските надзори. Детектирани се сите три сезонски инфлуенца вируси (А (H1N1) pdm09, А (H3N2) и B).

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје