Во текот на 47-ма недела од 2015 година (16.11 – 22.11.2015), во Република Македонија од десет извештајни единици пријавени се 100 случаи на грип со инциденца од 4,8 на 100.000 жители, што е намалување од 24,2% во однос на минатата недела (132 заболени лица). Бројот на пријавени лица оваа недела е е помал за 36,7% во споредба со 47-мата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 158 случаи (Графикон 1).

Оваа недела, пријавениот број на случаи е иако близу, повторно под бројот (n=120) кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, а кој беше надминат само во минатата, 46 недела (n=132). Ова значи дека активноста на вирусот на грип е на границата и варира околу сезонско ниво, што значи дека сме на прагот на вистински влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Дистрибуција на заболените од сезонски грип по недела на пријавување, моделирана типична епидемиска крива од последни 5 сезони, сезона 2014/2015 и сезона 2015/2016

Grafikon 1

Како и претходната, во 47-ма недела најголем број заболени (79) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 9,9/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела до ИЈЗ пристигнати се 3 биолошки примероци за кои лабораториската дијагноза е во тек. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 15 примероци, не е добиен позитивен резултат за вирус на грип.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа сезона е 556, а кумулативната инциденца – 26,9/100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од 15 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (211), ЦЈЗ Куманово (115) и ЦЈЗ Прилеп (88), додека во останатите региони се регистрираат спорадични случаи.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени во оваа сезоан се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години – 379 случаи (68,2%), а најголема кумулативна инциденца од 40,6/100.000 се регистрира кај школкските деца на возраст од 5-14 години.

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се 25.435 лица, што претставува 82,9% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,7%, 34,5% се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,4% од сите вакцинирани. Вакцинирани се пет деца под 5 години. Од вкупниот број вакцинирани, 68,5% се со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 800 здравствени работници (3,1% од сите вакцинирани лица). Нема вакцинирани бремени жени.

Вакцинацијата е завршена во ПЕ Свети Николе, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и вакцина против сезонски грип.

 

Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип, кој се движи околу неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска активност на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 46 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип е со низок интензитет со локална или спорадична географска активност во 42 земји кои доставиле извештај.

Детектирани се сите три сезонски инфлуенца вируси (А (H1N1) pdm09, А (H3N2) и B) во сентинел и рутинските примероци. Субтипизирани се мал број на вируси (тип А), но во споредба со сезоната 2014-2015, А (H1N1) pdm09 е детектиран во поголем број на примероци во споредба со А (H3N2).

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје