ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 48-мата недела од 2015 година (23.11 – 29.11.2015), во Република Македонија од десет извештајни единици пријавени се 100 случаи на грип со инциденца од 4,8 на 100.000 жители, што е идентично како и минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 48,2% во споредба со 48-мата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 193 случаи (Графикон 1).

Оваа недела, пријавениот број на случаи е под бројот 120, кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, а кој беше надминат само во 46-та недела. Ова значи дека активноста на вирусот на грип е на границата и дека сме на прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1

Графикон 1. Дистрибуција на заболените од сезонски грип по недела на пријавување, моделирана типична епидемиска крива од последни 5 сезони, сезона 2014/2015 и сезона 2015/2016

Во 48-ма недела, најголем број заболени (63) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 11,2/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа сезона е 656, а кумулативната инциденца – 31,7/100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од 16 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (240), ЦЈЗ Куманово (135) и ЦЈЗ Прилеп (113), додека во останатите региони се регистрираат спорадични случаи.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени во оваа сезона се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 442 случаи (67,4%), а најголема кумулативна инциденца од 47,1/100.000 се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години.

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Оваа недела во ИЈЗ се тестирани 3 биолошки примероци од кои само еден е позитивен на присуство на вирусот на грип (Influenza A – нетипизиран). Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 18 примероци, ова е првиот позитивен резултат за вирус на грип.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се 25.751 лице, што претставува 83,9% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,4%, 34,7% се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,7% од сите вакцинирани. Вакцинирани се пет деца под 5 години. Од вкупниот број вакцинирани, 68,3% се со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 806 здравствени работници (3,1% од сите вакцинирани лица). Нема вакцинирани бремени жени.

Вакцинацијата е завршена во ПЕ Кичево, ПЕ Свети Николе, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино,  ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип кој се движи околу неделната граница за сезонска активност, малиот број на ЦЈЗ/ПЕ кои пријавуваат заболени лица, како и резултатите добиени од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на ниска активност и спорадична географска распространетост на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 47 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип е со низок интензитет со локална или спорадична географска активност во 44 земји кои доставиле извештај.

Детектирани се сите три сезонски инфлуенца вируси (А (H1N1) pdm09, А (H3N2) и B) во сентинел и рутинските примероци. Субтипизирани се мал број на вируси (тип А), но во споредба со сезоната 2014-2015, А (H1N1) pdm09 е детектиран во поголем број на примероци во споредба со А(H3N2).

 

 Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 Институт за јавно здравје