ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 49-тата недела од 2015 година (30.11 – 06.12.2015), во Република Македонија од десет извештајни единици пријавени се 81 случај на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 3,9 на 100.000 жители, што претставува намалување за 19% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 45,6% споредено со 49-тата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 149 случаи (Графикон 1).

И оваа недела, пријавениот број на случаи е под бројот 120, кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, а кој беше надминат само во 46-та недела. Ова значи дека активноста на вирусот на грип е на границата и дека сме на прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Дистрибуција на заболените од сезонски грип по недела на пријавување, моделирана типична епидемиска крива од последни 5 сезони, сезона 2014/2015 и сезона 2015/2016

Grafikon

Во 49-та недела, најголем број заболени (53) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 7,8/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа сезона е 737, а кумулативната инциденца – 35,6/100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од 16 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (260), ЦЈЗ Куманово (155) и ЦЈЗ Прилеп (129), додека во останатите региони се регистрираат спорадични случаи.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени во оваа сезона се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 495 случаи (67,2%), а најголема кумулативна инциденца од 54,2/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години, како и кај децата на возраст од 5-14 години (53,6/100.000 жители).

 ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Оваа недела во ИЈЗ пристигнати се и тестирани 2 биолошки примероци – двата негативни на грип. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите вкупно 20 примероци, само еден е позитивен на вирусот на грип – Инфлуенца тип А.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се 25.941 лица, што претставува 84,5% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,3%, 34,8% се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,7% од сите вакцинирани. Вакцинирани се пет деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 68,3% се со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 811 здравствени работници (3,1% од сите вакцинирани лица).

Вакцинацијата е завршена во 9 извештајни единици: ПЕ Кичево, ПЕ Свети Николе, ПЕ Неготино, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар,  ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово, ПЕ Демир Хисар и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

 ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип кој се движи околу неделната граница за сезонска активност, малиот број на ЦЈЗ/ПЕ кои пријавуваат заболени лица, како и негативните резултати од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на ниска активност и спорадична географска распространетост на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 48 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип е со низок интензитет со локална или спорадична географска активност во 40 земји кои доставиле извештај.

Детектирани се сите три сезонски инфлуенца вируси (А (H1N1) pdm09, А (H3N2) и B) во сентинел и рутинските примероци. Субтипизирани се мал број на вируси (тип А), но во споредба со сезоната 2014-2015, А (H1N1) pdm09 е детектиран во поголем број на примероци во споредба со А(H3N2).

 

 Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 Институт за јавно здравје