ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 50-тата недела од 2015 година (07.12 – 13.12.2015), во Република Македонија од 11 извештајни единици пријавени се 106 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 5,1 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 30,9% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 58,3% споредено со 50-тата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 254 случаи (Графикон 1).

И оваа недела, пријавениот број на случаи е под бројот 120, кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип. Ова значи дека активноста на вирусот на грип е сéуште на вон-сезонско ниво (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип, моделирана типична епидемиска крива од последни 5 сезони, сезона 2014/2015 и сезона 2015/2016

Grafikon

Во 50-та недела од оваа сезона, најголем број заболени (66) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 14,6/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени (38) се пријавени од ЦЈЗ Прилеп, на територија на ЦЈЗ Тетово се регистрирани 20, а од ЦЈЗ Охрид пријавени се 15 случаи. Најголема инциденца од 42,0 на 100.000 жители е регистрирана во ПЕ Крушево каде во текот на 50-тата недела, регистрирани се 4 заболени лица (Картограм).

Картограм. Инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија,  50-та недела

kartogram

Вкупниот број на пријавени случаи во текот на оваа сезона е 843, а кумулативната инциденца –40,7 на 100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од 18 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (280; 33,2%), ЦЈЗ Прилеп (167; 19,8%) и ЦЈЗ Куманово (166; 19,7%), додека во останатите региони се регистрираат помал број на случаи. Највисока инциденца е забележана во Крушево и изнесува  251,9/100.000 (24 заболени).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени во оваа сезона се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 561 случај (66,5%), а најголема кумулативна инциденца од 68,9/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години, како и кај децата на возраст од 5-14 години (62,6/100.000 жители).

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Оваа недела во ИЈЗ нема пристигнати биолошки примероциза тестирање за присуство на вирусот на грип. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 20 примероци, само еден е позитивен на вирусот на грип – Инфлуенца тип А.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015, започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се 26.079 лица, што претставува 86,3% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,2%, 34,8% се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,8% од сите вакцинирани. Вакцинирани се пет деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 68,3% се со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 814 здравствени работници (3,1% од сите вакцинирани лица).

Од вкупниот број на набавени вакцини од страна на ЦЈЗ Велес, 480 се дадени за потребите на припадниците на Министерството за одбрана кои ја обезбедуваат јужната граница на државата.

Во текот на 50-тата недела, пристигнат е извештај за вакцинирани лица во една од приватните здравствени установи во Скопје (ПЗУ Медика). Вакцинирани се 656 лица, од кои најголем број се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) се лица на возраст над 65 години, додека лицата на возраст од 30-64 години чинат 20,1% од сите вакцинирани (132 лица) и од 5-29 години вакционирани се 57 лица (8,7%).

Од вкупниот број вакцинирани,  164 (25%) се со историја на хронично/и заболување/а.

Вакцинацијата е завршена во 8 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип кој се движи околу неделната граница за сезонска активност, малиот број на ЦЈЗ/ПЕ кои пријавуваат заболени лица, како и негативните резултати од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на ниска активност и спорадична географска распространетост на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 49 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип е со низок интензитет во 42 земји кои доставиле извештај. Во 20 земји е регистрирана спорадична географска активност.

Спорадично се детектирани сите три сезонски вируси на инфлуенца (А (H1N1) pdm09, А (H3N2) и B) во сентинел и рутинските примероци. Субтипизирани се мал број на вируси (тип А), но во споредба со сезоната 2014-2015, А (H1N1) pdm09 е детектиран во поголем број на примероци во споредба со А(H3N2). Досега се вкупно детектирани 142 инфлуенца вируси од сентинел надзорот во земјите кои пријавуваат, од кои 63,4% се инфлуенца А вируси (најчесто А (H1N1) pdm09).

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје