ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 53-та недела од 2015 година (28.12 – 03.01.2016), од 12 извештајни единици пријавени се 165 случаи на грип/заболувања слични на грип со инциденца од 8,0 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 26,9% во однос на минатата недела (Графикон 1).

Оваа недела пријавениот број на случаи е над бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (120) (Графикон 1). Веќе втора недела бројот на  регистрирани случаи ја надминува сезонската активност, што говори во прилог на интензивирање на сезонската активност на грип, иако бројот на случаи е значително помал од очекуваната (типична) епидемиска крива (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона  2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 grafikon 1

Во 53-рата недела од оваа сезона, најголем број заболени (n=105) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 16,0/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени (51) се пријавени од ЦЈЗ Струмица, следува ЦЈЗ Тетово со регистрирани 37 заболени и ЦЈЗ Охрид, ЦЈЗ  Прилеп и ЦЈЗ Куманово, каде се пријавени по 18, 17, односно 15 случаи. Најголема инциденца од 53,8/100.000 жители оваа недела е регистрирана исто така на подрачјето на ЦЈЗ Струмица (Картограм).

Картограм. Инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, 53-та недела

kartogram

Вкупниот број на пријавени случаи во текот на оваа сезона е 1.245, а кумулативната инциденца –60,2 на 100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 22 извештајни единици. Најголем вкупен број е регистриран на регионот на ЦЈЗ Тетово (376; 30,2%), ЦЈЗ Прилеп (238; 19,1%) и ЦЈЗ Куманово (224; 18,0%), додека во останатите региони се регистрираат помал број на случаи. Највисока кумулативна инциденца е забележана во Крушево и изнесува 325,3/100.000 (вкупно 31 заболени).

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 794 случаи што е 63,8% од вкупниот број оваа сезона. Најголема кумулативна инциденца од 109,3/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години, како и кај децата на возраст од 5-14 години (102,8/100.000 жители).

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци, покажува дека во месец октомври пријавени се 225 случаи на грип/заболувања слични на грип (18,1% од вкупниот број на заболени во сезоната 2015/2016), во ноември – 431 случај или 34,6%, а во декември се пријавени 589 случаи или 47,3% од вкупниот број на заболени во оваа сезона.

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Оваа недела во ИЈЗ пристигнат е еден биолошки примерок кој, по извршените лабораториски анализи, е најден за негативен на присуство на вирусот на грип. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 29 примероци, два се позитивни на присуство на вирусот на грип (Influenza A – нетипизиран и Influenza B).

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се вкупно 26.258 лица и потрошени 86,9% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 53 недела вакцинирани се вкупно 27 лица, најголем број од нив во Гевгелија – 8, потоа 6 лица во Скопје, и по пет во Битола и Куманово. До затварање на извештајот, не е добиена информација за број на вакцинирани лица на територијата на ЦЈЗ Тетово, ПЕ Берово и ПЕ Пехчево.

Најголем број лица примиле вакцина во текот на првите две недели од отпочнувањето со вакцинација (42 и 43), а најмал број во 53-тата недела. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,1% (n=15.790), 34,9% (n=9.175) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,8% (n=474) од сите вакцинирани. Вакцинирани се пет деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 17.929 или 68,3% се лица со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 814 здравствени работници (3,1% од сите вакцинирани лица).

Вакцинацијата е завршена во 9 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Нема податоци за бројот на ново-вакцинирани лица во ПЗУ. Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица и тоа во ПЗУ Медика во Скопје. Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години, од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%) и од 5-29 години – 57 лица (8,7% од сите вакцинирани).  Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Имајќи ги во предвид фактите дека: неделната фреквенција на регистрирани случаи на грип ја надминува границата на сезонската активност од една страна, но релативно мал е бројот на ЦЈЗ/ПЕ кои пријавуваат заболени лица и постои низок процент на позитивни резултати од вирусолошки надзор од друга страна, може да се заклучи дека активноста на вирусот а грипот е сéуште ниска, со локална географска распространетост на територија на Р. Македонија.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 52 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип останува со низок интензитет во повеќето земји од европскиот регион.

Иако бројот на регистрирани случаи е стабилен, се зголемува процентот на позитивни примероци на грип од 11% во 51 недела, на 17% во 52 недела.  Зголемувањето на процентот на позитивни примероци се должи А/H1N1pdm09 типот на грип кој се детектира почесто во однос на типовите А/H3N2 и Б вирусот на грип.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје