ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на осмата недела од 2016 година (22.02 – 28.02.2016), во Република Македонија од 30 извештајни единици пријавен е 3.091 случај на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 149,4 на 100.000 жители, што претставува намалување за 38,7% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 7,1% споредено со 8-мата недела од минатата сезона, а во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони постои зголемување од 7,6% (Графикон 1).

Горенаведените податоци говорат во прилог на намалување на сезонската активност на грип по достигнатиот пик во текот на минатата недела, а пријавениот број на случаи оваа недела  е под горната неделна граница на очекуван број на случаи (4.728) (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона  2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 Grafikon 1

И во осмата недела, најголем број заболени (n=2.077) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години (I=228,1/100.000) и кај децата/учениците на возраст од 5-14 години – 225,1/100.000 жители.

Оваа недела најголем број заболени (n=451) се пријавени од ЦЈЗ Скопје, ЦЈЗ Прилеп има регистрирано 325 заболени, ЦЈЗ Тетово – 268 и ЦЈЗ Охрид – 260. Највисока инциденца од 574,0 на 100.000 жители, во текот на неделата е регистрирана во ПЕ Кавадарци, на територија на ЦЈЗ Охрид се регистрира втора највисока инциденца од 463,4/100.000 а во ЦЈЗ Велес инциденцата оваа недела изнесува 436,2/100.000 (Картограм).

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, осма недела 2016 година.

 mapa

Вкупниот број на пријавени случаи од грип изнесува 20.369,  a кумулативната инциденца е 984,4/100.000 жители. За истиот овој период, пријавени се 2 смртни случаи асоцирани со грип од ЦЈЗ Битола.

Во споредба со истиот период од минатата година, вкупниот број на пријавени случаи во оваа сезона е поголем за 46,8%, а во однос на моделот за последните пет сезони исто така се регистрира зголемување од 30,6%.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 30 извештајни единици. Најголем број се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Струмица (n=2.840; 13,9%), ЦЈЗ Скопје (n=2.097; 10,3%), ЦЈЗ Прилеп (n=2.049; 10,1%) и ЦЈЗ Битола (n=1.731; 8,5%). Нема пријавено заболени лица само во ПЕ Валандово. Највисока кумулативна инциденца (I=4.509,6/100.000) е регистрирана во ПЕ Свети Николе, каде се регистрирани вкупно 925 заболени лица (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ, сезона 2015/16

Grafikon 2

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 13.492 случаи (66,2%), а најголема кумулативна инциденца од 1.711,4/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години (1.304,7/100.000 жители) (Графикон 3).

Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возрасни групи, сезона 2015/16

Grafikon 3

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст секој нареден месец од почетокот на сезоната. Најголем број на заболени се регистрирани во текот  на месец февруари, кога пријавени се 15.489 случаи или 76,0% од вкупниот  број на заболени случаи во сезоната (Графикон 4).

Графикон 4. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

 Grafikon 4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 8-мата недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ сe тестирани 3 материјали за присуство на грип, од кои 2 се позитивни, Influenza B.

Во сезоната 2015/2016 од пристигнатите 69 примероци, 13 (18,8%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (3 се A(H1N1)pdm09, 6 се Influenza A – нетипизирани  и 4 –  Influenza B).

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, во ЦЈЗ и нивните ПЕ вакцинирани се вкупно 26.753 лица и потрошени  88,5% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 8-ма недела, вакцинирани се 9 лица – во Скопје – 4, во Тетово – 3 и Куманово – 2.

80,1% од вакцинираните примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,1% (n=16.068), 34,9% (n=9.333) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 2,0% (n=533) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 8 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 808 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.165 или 67,9% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години и од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%). Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во овој момент, вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Оваа недела се регистрира значителен пад на бројот на регистрирани случаи, но и понатаму се одржува широка географска распространетост – 96,8% од ЦЈЗ/ПЕ пријавиле случаи. Вирусолошкиот надзор говори во прилог на висок процент на позитивни примероци, при што оваа недела преовладува Инфлуенца Тип Б.

Може да се констатира дека во Македонија активноста на вирусот на грип и понатаму е со висок интензитет, но се движи во рамките на очекуваниот интензитет за овој период од сезоната. Се очекува активноста на грип постепено да се намалува, но да се одржи со релативно висок интензитет во наредната недела.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 7 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, 28 од вкупно 45 земји-членки во Европскиот регион на СЗО пријавиле широко распространета активност на вирусот на грип врз основ на епидемиолошките податоци од надзорот за болести слични на грип (ILI) и акутни респираторни инфекции (ARI).

Седум земји објавија висок интензитет на грип. Грипот го достигна пикот во некои делови на регионот согласно извештаите за трендови на опаѓање во 21 од 37 земји кои известуваат за овој индикатор.

Триесет и осум земји објавија детекција на вирусот на инфлуенца во 46% од тестираните примероци од сентинел надзорот. Инфлуенца Б вирусот учествува со 43% во детектираните сентинел примероци, што укажува на постепен премин кон инфлуенца Б. А(H1N1) pdm09 останува доминантен подтип со 86% од Инфлуенца А.

Случаи на тешка болест се помалку детектирани во споредба со претходните недели, но бројот варира од земја до земја. Најтешките случаи се поврзани со А (H1N1) pdm09 и се кај лица на возраст од 15-64 години.

Досега, доминацијата на А(H1N1) pdm09 ја карактеризира сезоната 2015-2016 во повеќето земји во регионот; овој подтип може да предизвика потешка болест и смрт кај луѓето помлади од 65 години.

Околу три четвртини (70,3%) од откриените вируси оваа сезона се тип А, а 29,7% се тип Б. Најголем дел од Influenza А e А(H1N1)pdm09 подтипот (82,4%), а од Influenza B, од типизираните – B/Victoria (33,2%).

Од 52/2015 недела, неколку европски земји со системи за надзор за тешки акутни респираторни инфекции (SARI) пријавиле зголемување на бројот на случаи поврзани со А (H1N1) pdm09. Слично на тоа, земјите кои пријавуваат лабораториски потврдени случаи во болниците и одделите за интензивна нега детектирале инфлуенца А кај поголемиот број на случаи од почетокот на сезоната, а А(H1N1) pdm09 е доминантен подтип.

Досега типизираните вируси оваа сезона се генетски слични на соевите кои се препорачани за вклучување во вакцината за северната хемисфера за оваа сезона.

За сезоната 2016-2017 на северната хемисфера СЗО препорачува тривалентна вакцина која содржи:

  • A/California/7/2009 (H1N1) pdm09-like вирус;
  • A/Hong Kong/4801/2014 (H3N2)-like вирус;
  • B/Brisbane/60/2008-like вирус (Victoria).

Се препорачува квадривалентната вакцина да ги содржи горенаведените плус уште еден тип на инфлуенца Б вирус – B/Phuket/3073/2013-like virus (Yamagata).

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје