ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 18-та недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 18  новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип со инциденца од 0,9 на 100.000, што претставува намалување од 61,7% во споредба со минатата недела кога беа пријавени 47 случаи.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа недела одговара на многу ниско ниво на интензитет според моделот за одредување на интензитет на активноста на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2016, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

1

Оваа недела, случаи се пријавени од 6 ЦЈЗ/ПЕ. Во сите ЦЈЗ/ПЕ кои пријавија заболени во текот на оваа недела, се регистрираат поединечни случаи.

Највисока инциденца од 10,8/100.000 е пријавена од подрачјето на ПЕ Дебар што сепак одговaра на многу ниска (вон-сезонско) активност на инфлуенца вирусот исто како и во другите ЦЈЗ/ПЕ каде се регистрирани случаи.

Во 25 ЦЈЗ/ПЕ не е регистриран случај на заболување од грип/заболување слично на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 18 недела 2017

18 недела

Како и во претходната, така и во 18-та недела од 2017 најголем број заболени (n=10) односно 55,6% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години. Во пријавените случаи од 18-та недела, регистрирани се 5 случаи кај децата на возраст од 5-14 години, 2 случаи кај лицата над 65 години, а еден случај е регистриран кај децата на возраст од 0-4 години.

Највисока специфична инциденца од 2,2/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години, кај децата на возраст од 0-4 години – 0,9/100.000 жители, кај постари од 65 години инциденцата е 0,8/100,000, и кај лицата од 15-64 години инциденцата изнесува 0,7/100.000 (Графикон 2).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000  жители, сезона 2016/2017  

 2

Кумулативни податоци

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип заклучно со 18-та недела изнесува 35.032 со кумулативна инциденца од 1.693,0 на 100.000 жители.

Во оваа сезона, сите Центри за јавно здравје и Подрачни единици пријавиле случаи на грип/заболувања слични на грип.

Најголем кумулативен број на заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Скопје (n=4.562; 13,0%), ЦЈЗ Струмица (n=3.283; 9,4%), ПЕ Гостивар (n=3.010; 8,6%), ПЕ Кавадарци (n=2.997; 8,6%) и ЦЈЗ Битола (n=2.828; 8,1%) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Кавадарци (I=6.964,3/100.000), ПЕ Свети Николе (I=5.899,0/100.000), ЦЈЗ Струмица (I=3.466,1/100.000), ЦЈЗ Охрид (I=3.389,8/100.000) и ЦЈЗ Велес (3.226,8/100.000) (Графикон 3).

Во сезоната се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017    

3

Според дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци, во текот на во месец октомври се пријавени 171 случај или 0,5%, во ноември се пријавени 532 случаи или 1,5%, а во  декември се регистрирани 15.073 случаи или 43,0%, од случаите во сезоната. Највисок број на заболени лица се регистрира во месец јануари – 17.158 случаи или 49,0% од случаите во сезоната 2016/2017. Во февруари пријавени се 1.396 случаи или 4,0%, во месец март – 519 случаи или 1,5%, а во месец април – 165165 случаи или 0,5%. Во текот на месец мај, за една недела, пријавени се 18 случаи или 0,1% од пријавените во текот на оваа сезона.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 24.188 случаи (69,1%), а најголема кумулативна инциденца од 2.004,3 на 100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години каде што кумулативно се регистрирани 4.639 случаи, а кај децата на возраст од 0-4 години инциденцата изнесува 1.951,9/100.000 (n=2.268). Кај лицата над 65-годишна возраст, кумулативниот број на случаи е 3.937, со инциденца од 1.501,9 на 100.000 жители (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип/заболувања слични на грип по  возрасни групи, кумулативно за сезона 2016/2017

 4

 

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 18-та недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, не е пристигнат примерок за тестирање, негативен за присуство на вирусот на грип.

Кумулативно во сезоната 2016/2017, од вкупниот број на тестирани биолошки материјали (n=170) добиени со рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, 63 (37,1%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа 60 – Influenza A/H3, 2 се нетипизирани Influenza A вируси и еден е Influenza B вирус (Графикон 5).

Графикон 5. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2016/2017

 5

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.325 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 661 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.909 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната со пик на активноста кон крајот на декември 2016 и првата половина од јануари 2017 година.

Почнувајќи од 6-та недела, податоците од епидемиолошкиот и вирусолошкиот надзор укажуваат на многу ниска активност на грипот во Македонија.

Ова значи дека активноста на вирусот на грип во Македонија завршува и покрај тоа што календарски сезоната на грип сé уште е во тек. Веројатноста за повторно зголемување на бројот на случаи е многу мала.  

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (17 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на грип и понатаму се намалува, а 40 земји пријавена е ниска ниво на активност.

Процентот на позитивно тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е 10% и е благо намален во споредба со претходната недела (13%). Почнувајќи од 11 недела, најголемиот процент на примероци се инфлуенца Б. Иако се забележува зголемен број на инфлуенца Б, како што е и вообичаено за крај на сезоната, сепак бројот останува мал.

Меѓу хоспитализираните лица предоминираат лицата постари од 65 години, но бројот продолжува да се намалува, што одговара на претпоставката дека во сезона во која доминира активноста на А(H3N2), се очекува да се најзафатени постарите возрасни групи.

Кај поголем дел од 19-те земји кои водат статистика за вишок на смртни случаи, се регистрира зголемен број на смртни случаи кај возрасната популација од 15-64 години и кај лицата постари од 65 години, што најверојатно се должи на циркулацијата на А(H3N2) вирусот.

Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 48-та до 51-ва недела.

Досега доминира инфлуенца А типот (90%), а 99% од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Минатата сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09.

Засега, циркулирачкиот А (H3N2) вирус е антигенетски сличен со сојот што е вклучен во вакцината, иако две третини од изолираните соеви оваа сезона припаѓаат на различна субкласа.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје