ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на втората недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 5.472 (I=264,5/100.000) новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, што претставува намалување од 32,2% во споредба со минатата недела, кога беа пријавени 8.067 случаи.

Вкупниот број на пријавени случаи во републиката оваа недела е под границата на многу висока активност, но сѐ уште е над границата за висока активност, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2016, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

Графикон 1 (1)

И оваа недела како и минатата, најголем број заболени (n=924) е регистриран на територијата на ЦЈЗ Скопје,  а поголем број на случаи пријавени се во ЦЈЗ Битола (n=571), ПЕ Кавадарци (n=507) и ЦЈЗ Прилеп (n=501).

Највисока инциденца од 1.178,1/100.000 е пријавена од подрачјето на ПЕ Кавадарци, втора највисока инциденца од 658,2 се регистрира во ПЕ Свети Николе, во ЦЈЗ Битола инциденцата изнесува 560,2, а во Штип 548,7 на 100.000. Покрај горенаведените 4 ЦЈЗ/ПЕ, границата за многу висока активност е надмината уште во 8 ЦЈЗ/ПЕ. Висока активност се регистрира на територија на ЦЈЗ Кочани, ПЕ Гостивар, ПЕ Гевгелија и ПЕ Струга, а во 10 ЦЈЗ/ПЕ активноста е на средно ниво. Во 5 ЦЈЗ/ПЕ активноста е на сезонско (ниско) ниво (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 2 недела 2017

2 недела

Како и во претходната, така и во втората недела од 2017 најголем број заболени (n=3.934) односно 71,9% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, што претставува лесно зголемување на процентуалното учество од претходната недела (70,4%). Во пријавените случаи од 2-ра недела, лицата над 65 години учествуваат со 13,8% (n=755),  децата од 0-4 години со 7,9% (n=432), а со најмал процент – децата на возраст од 5-14 години  (6,4%;  n=351).

Највисока инциденца од 371,8/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години, сега на второ место е најстарата возрасна група – постари од 65 години – каде инциденцата изнесува 288,0/100.000, кај лицата на возраст од 15-64 години неделната инциденца е 269,6/100.000 жители, а кај школските деца на возраст од 5-14 години се регистрира најниска инциденца – 151,7/100,000 жители.

Во однос на претходната недела бројот на регистрирани случаи и инциденцата кај децата на возраст од 5-14 години се речиси тројно намалени  (Графикон 2).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000  жители, сезона 2016/2017

 Графикон 2 (1)

Кумулативни податоци

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип изнесува 29.315 со кумулативна инциденца од 1.416,8 на 100.000 жители.

Во оваа сезона, сите извештајни единици пријавиле случаи на грип/заболувања слични на грип.

Најголем кумулативен број на заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Скопје (4.144), ЦЈЗ Струмица (2.872), ПЕ Кавадарци (2.691), ПЕ Гостивар (2.528) и ЦЈЗ Битола (2.404). Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Кавадарци (I=6.253,2/100.000), ПЕ Свети Николе (I=5.323,7/100.000; n=1.092) и ЦЈЗ Велес (I=3.081,9/100.000; n=2.042) (Графикон 3).

Досега оваа сезона се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона  2016/2017

Графикон 3

Од вкупниот број на регистрирани случаи на грип/заболувања слични на грип,  15.073 случаи или 51,4% се пријавени во декември месец, 1,8% во ноември и најмал процент во октомври – 0,6%. Во јануари, за две недели се пријавени 13.539 случаи или 46,2% од вкупниот број на пријавени случаи во сезоната.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 19.984 случаи (68,2%), а најголема кумулативна инциденца од 1.812,9 на 100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години и децата на возраст од 0-4 години (1.708,4/100.000), каде што кумулативно се регистрирани 4.196 односно 1.985 случаи. Кај најстарата возрасна група, лица над 65-годишна возраст, кумулативниот број е 3.150 случаи, со инциденца  1.201,7/100.000 жители (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи, кумулативно за сезона  2016/2017

Графикон 4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 2-рата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, на присуство на вирусот на грип се тестирани 12 примероци, од кои 9 или 75% се позитивни за присуство на вирусот на грип. Од нив, 8 припаѓаат на Influenza А типот – A/H3 и еден е Influenza B.

Од почетокот на сезоната 2016/2017, во оваа лабораторија се тестирани вкупно 100 биолошки материјали од рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 41 материјали (41%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа: 39 – Influenza A/H3, 1 е нетипизиран Influenza A вирус и еден е Influenza B.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната, а неделниот број се одржува над границата на висока активност. Оваа недела, на територија на 12 ЦЈЗ/ПЕ се регистрира многу висока активност. За разлика од минатата недела каде што најголемо намалување се регистрираше кај децата од 5-14 години, оваа недела  намалување се регистрира кај сите возрасни групи, што укажува на постепено намалување на интензитетот на грип.  Сепак, се очекува релативно висок број на случаи да се одржува и во наредните недели.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.324 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 661 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.908 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 1 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на вирусот на грип и понатаму е на високо ниво во земјите од регионот, а во 10 земји активноста е на високо или многу високо ниво. Процентот од позитивните тестирани примероци од сентинел надзорот и оваа како и минатата недела е 50%. Најголемиот број на примероци се инфлуенца А (А/H3N2). Зголемен е бројот на хоспитализирани лица, а предоминираат лицата постари од 65 години со инфлуенца А инфекција.

Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 48-та до 51-ва недела.

Досега предоминира инфлуенца А типот (96%), а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Мината сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09. Во сезона во која доминира активноста на А (H3N2), се очекува да се најзафатени постарите возрасни групи.

Засега, циркулирачкиот А (H3N2) вирус е антигенетски сличен со сојот што е вклучен во вакцината, иако две третини од изолираните соеви оваа сезона припаѓаат на различна субкласа.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје