ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на четвртата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 1.199 новозаболени лица, со инциденца од 58,0 на 100.000 жители, што претставува намалување од 50,4% во споредба со минатата недела кога беа пријавени 2.417 случаи.

Вкупниот број на пријавени случаи одговара на ниско (сезонско) ниво на активност, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични  на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2016, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

sl 1

Оваа недела, најголем број заболени (n=147) е регистриран на територијата на ЦЈЗ Охрид, следат ЦЈЗ Прилеп (n=134), ПЕ Гостивар (n=118) и ЦЈЗ Скопје (n=117) заболени лица.

Највисока инциденца од 262,0/100.000 е пријавена од подрачјето на ЦЈЗ Охрид, каде што единствено се регистрира висока активност на инфлуенца вирусот оваа недела.

Средна активност се регистрира на територија на пет ЦЈЗ/ПЕ: Прилеп, Кавадарци, Дебар, Делчево и Виница, а во 13 ЦЈЗ/ПЕ активноста е на ниско (сезонско) ниво.

Во 9 ЦЈЗ/ПЕ активноста е на многу ниско ниво, а во ПЕ Пехчево, ПЕ Крушево и ПЕ Крива Паланка, оваа недела не е регистриран случај (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 4 недела 2017

sl 2

Како и во претходната, така и во 4-тата недела од 2017 најголем број заболени (n=891), односно 74,3% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, што е незначително зголемување на процентуалното учество од претходната недела (71,8%). Во пријавените случаи од 4-та недела, лицата над 65 години учествуваат со 12,3% (n=147),  децата од 5-14 години со 8,4% (n=101), а со најмал процент – децата на возраст од 0-4 години  (5,0%;  n=60).

Највисока специфична инциденца од 61,1/100.000 жители е регистрирана кај лицата на возраст од 15-64 години, инциденцата лицата постари од 65 години изнесува 56,1/100.000, кај децата на возраст од 0-4 години неделната инциденца е 51,6/100.000 жители, а најниска инциденца се регистирира кај школските деца на возраст од 5-14 години – 43,6/100.000 жители.

Во однос на претходната недела бројот на регистрирани случаи и инциденцата бележи намалување во сите возрасни групи (Графикон 2).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000  жители, сезона 2016/2017

sl 3

Кумулативни податоци 

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип заклучно со 4-та недела изнесува 32.931 со кумулативна инциденца од 1.591,5 на 100.000 жители.

Во оваа сезона, сите Центри за јавно здравје и нивни Подрачни единици пријавиле случаи на грип/заболувања слични на грип.

Најголем кумулативен број на заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Скопје (n=4.476; 13,6%), ЦЈЗ Струмица (n=3.121; 9,5%) и ПЕ Кавадарци (n=2.905; 8,8%) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Кавадарци (I=6.750,5/100.000; n=2.905), потоа следи ПЕ Свети Николе (I=5.611,3/100.000; n=1.151) и ЦЈЗ Струмица (I=3.295,0/100.000; n=3.121) (Графикон 3).

Досега, во оваа сезона на грип се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона  2016/2017

sl 4

Дистрибуција по месеци: Од вкупниот број на регистрирани случаи на грип/заболувања слични на грип, во октомври се регистрирани 0,5% или 171 случај, во ноември – 1,6% (532 случаи), во декември беа пријавени  45,8% (15.073 случаи), а во јануари се пријавени 17.155 случаи или 52,1% од вкупниот број на пријавени случаи во сезоната.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 22.610 случаи (68,7%), а најголема кумулативна инциденца од 1.915,3 на 100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години и децата на возраст од 0-4 години (1.865,9/100.000), каде што кумулативно се регистрирани 4.433 односно 2.168 случаи. Кај лицата над 65-годишна возраст, кумулативниот број на пријавени случаи е 3.720 случаи, со инциденца 1.419,1 на 100.000 жители (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи, кумулативно за сезона                    2016/2017

 sl 5

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 4-тата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, на присуство на вирусот на грип се тестирани 18 примероци, од кои 6 или 33,3% се позитивни за присуство на вирусот на грип, 5 позитивни за A/H3 и еден е нетипизиран Influenza A вирус.

Од почетокот на сезоната 2016/2017, во оваа лабораторија се тестирани вкупно 133 биолошки материјали од рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 56 материјали (42,1%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа: 53 – Influenza A/H3, 2 се нетипизирани Influenza A вируси и еден е Influenza B вирус (Графикон 5).

Графикон 5. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2016/2017

sl 6

 

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.324 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 661 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број на вакцинирани лица, 17.908 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип, укажуваат на ран почеток на сезоната со пик на активноста кон крајот на декември 2016 и првата половина од јануари 2017 година.

Оваа недела, само на територија на ЦЈЗ Охрид се регистрира висока активност, на територија на 4 ЦЈЗ/ПЕ средна активност, а во останатиот дел од земјата активноста на вирусот на грип е на ниско или многу ниско ниво, што говори во прилог на локализирана активност на инфлуенца вирусот. 

Бројот на случаи во 4 недела, како и локализираната географска активност укажува на намалување на интензитетот на грип. Сепак, сезоната на грип е сéуште активна, па во претстојниот период до 20-тата недела од 2017, не може да се исклучи евентуално зголемување на бројот на случаи, но со помал интензитет.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 3 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на вирусот на грип и понатаму е на високо ниво во 32 земји од регионот. Процентот на позитивно тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е 49% што претставува зголемување во споредба со минатата недела (46%). Најголемиот број на примероци се инфлуенца А (А/H3N2). Меѓу хоспитализираните лица предоминираат лицата постари од 65 години.

Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 48-та до 51-ва недела.

Досега предоминира инфлуенца А типот (96%), а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Минатата сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09. Во сезона во која доминира активноста на А (H3N2), се очекува да се најзафатени постарите возрасни групи.

Засега, циркулирачкиот А (H3N2) вирус е антигенетски сличен со сојот што е вклучен во вакцината, иако две третини од изолираните соеви оваа сезона припаѓаат на различна субкласа.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје