Во текот на 40-тата недела од 2016 година (од 03.10.2016 – 09.10.2016), во Република Македонија пријавени се 23 (I=1,1/100.000) заболени на групни пријави за заболени од грип, во споредба со 5 заболени кои биле пријавени во истиот период минатата сезона.

Заболени од грип се пријавени од ЦЈЗ Тетово (n=15), ЦЈЗ Скопје (n=5) и ЦЈЗ Штип (n=3).

Во однос на возрасната дистрибуцијата, најголем дел од заболените се на возраст од 15-64 години (n=11), 9 лица се на возраст од 5-14 години, 2 заболени се деца на возраст од 0-4 години и едно лице е на возраст над 65 години.

Во текот на 40-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 5 примероци на материјал за лабораториско тестирање на грип, во споредба со еден во минатата сезона на грип.  Сите тестирани материјали се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

 

Вакцинација против грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Се очекува ЦЈЗ/ПЕ да отпочнат со вакцинација последната недела од септември, веднаш по добивањето на вакцините против грип. Вкупната количина на нарачани тритипни вакцини (Influvac, произведена во Abbot Biologicals Olst, Холандија) за оваа сезона за 10-те Центри за јавно здравје и нивни подрачни единици, изнесува 26.900 дози.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Првиот извештај за состојбата со грип во Европскиот Регион на почетокот на новата сезона 2016/2017  (40 недела) ќе биде публикуван во петок, 14 октомври.

Согласно презентираните иформации на Flu News Europe за септември месец (од 36-39 недела), активноста на вирусот на инфлуенца во Европа е со низок интензитет, а само неколку земји пријавиле детекција на спорадични инфлуенца вирусни инфекции.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје