Во текот на 43-та недела од 2016 година (од 24.10.2016 – 30.10.2016), во Република Македонија пријавени се 42 (I=2,0/100.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип, што е намалување за 2 пати во споредба со минатата недела.

Во споредба со бројот на регистрирани случаи во 43-та недела од минатата сезона (66), се бележи намалување од 36,4%, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период (31), постои  зголемување од 35,5%.

Во сезоната 2016/2017 вкупниот број на заболени од грип изнесува 170 (I=8,2/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (148), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 14,9%, а во однос на просекот за 10-годишниот период (16) се регистрира зголемување од 10,6 пати.

Во оваа сезона заклучно со 43-та недела, пријавени се заболени лица од 13 извештајни единици. Најголем број на заболени лица (91) и инциденца (45,6/100.000) се регистрирани во ЦЈЗ Тетово.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) со 111 случаи (65,3%), а највисока инциденца (14,6/100.000) е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години.

Во текот на 43-та недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 4 материјали за тестирање на грип од рутинскиот и сентинел надзор. Сите тестирани материјали се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

Од почетокот на сезоната 2016/2017, во оваа лабораторија пристигнати се 18 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, сите беа тестирани негативни за присуство на вирусот на грип.

  

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип е започната од 43 недела, 2016.

Вкупната количина на нарачани тритипни вакцини (Influvac, произведена во Abbot Biologicals Olst, Холандија) за оваа сезона изнесува 26.900 дози (26.820 се распределени во ЦЈЗ/ПЕ, а 230 дози од ЦЈЗ Велес се дадени на Специјална Болница Демир Капија).

Според пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 8.369 лица во текот на 43 недела на територијата на РМ, или 31,2% од вкупно набавените 26.820 вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 4.662 лица или 55,7%, на возраст од 30-64 години – 3.347 лица или 40,0%, додека лица на возраст од 5-29 години вакцинирани се вкупно 187 или 2,2%. Од возрасната група лица помали од 5-годишна возраст е вакцинирано едно лице. Од категоријата на здравствени работници во текот на 43 недела вакцинирани се 172 лица или 2,1%. Нема вакцинирани бремени лица. Од вкупниот број вакцинирани, 5.912 лица или 70,6% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во текот на оваа недела пристигната е и една пријава за несакана реакција (појава на оток на местото на апликацијата на вакцината) од страна на ПЕ Виница после вакцинација со вакцина против сезонски грип.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 42 недела/2016) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво со спорадична детекција на вируси на грип во регионот. Потврдени се како позитивни 81 примерок, 11 од сентинел и 70 од рутинскиот надзор. Од 40/2016 недела, 66% од сите детекции се пријавени од страна на четири земји од северна Европа.

Досега предоминира инфлуенца А типот, а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2).

Ситуацијата е вообичаена за овој период од годината.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје