Во текот на 51-ва недела од 2016 година (од 19.12.2016 – 25.12.2016), во Република Македонија пријавени се 4.195 новозаболени лица на групни пријави за заболени од грип, што е зголемување за 4,9 пати во споредба со минатата недела, кога беа регистрирани 853 заболени лица. Бројот на пријавени лица оваа недела е повеќекратно зголемен споредено со 51-ва недела од минатата сезона, кога беa регистрирани 109 случаи.

Вкупниот број на пријавениот случаи и оваа недела ја надминува граница на сезонската активност, а активноста на вирусот на грип е на средно високо ниво. На Графикон 1 е претставена неделната инциденца, како и граничните вредности за одредени нивоа на интензитет добиени со МЕМ метод на моделирање.

Графикон 1.Број на заболени од сезонски грип/заболувања слични на грип, по недела на пријавување во сезоната 2016/2017, споредена со очекуванасезонска крива и сезона 2015/2016

graf 1

Оваа недела најголем број заболени (n=728) е регистриран на територијата на ЦЈЗ Скопје, во ЦЈЗ Велес се пријавени 560, а во Тетово 529 заболени лица. Највисока инциденца од 1.272,4/100.000 е пријавени од подрачјето на ПЕ Свети Николе каде е регистрирано 261 заболено лице, но и во ЦЈЗ Велес со 845,2/100.000 жители, ПЕ Кавадарци со 741,3/100.000 (пријавени 319 заболени) и ПЕ Неготино каде што инциденцата е 349,4/100.000, што укажува на многу висока активност на вирусот на грип во регионот на ЦЈЗ Велес. Границата за многу висока активност е надмината уште на територијата на ЦЈЗ Струмица, ПЕ Кратово и ПЕ Гостивар. Висока активност се регистрира на територија на ЦЈЗ Тетово и ПЕ Радовиш, во останатите региони активноста е на средно или ниско ниво (Картограм 1).

Како и претходната, во 51-ва недела најголем број заболени (n=2.773) односно 66,1% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 332,3/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години каде се регистрирани 769 случаи.

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 50 недела 2016

kartogram

Вкупниот број на пријавени случаи оваа сезона е 6.291, а кумулативната инциденца –304,1/100.000 жители. Случаи на грип/заболувања слични на грип се пријавени од 29 извештајни единици, а во 5 од нив бројот на пријавени заболени лица е помал од 10. Најголем број се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Тетово (982), ЦЈЗ Скопје (911) и ЦЈЗ Куманово (728), додека во останатите региони се регистрираат помал број заболени. Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Свети Николе (I=1.877,0/100.000) каде има пријавено 385 заболени, ЦЈЗ Велес (I=958,4/100.000)и ПЕ Кавадарци (I=920,2/100.000)(Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители,сезона 2016/2017

graf 2

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 4.123 случаи (65,5%), а најголема кумулативна инциденца од 498,6 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години и децата на возраст од 0-4 години (350,3/100.000).

Од вкупниот број на регистрирани случаи на грип/заболувања слични на грип, 5.588 или 88,8% се пријавени во декември месец, 8,5% во ноември и најмал процент во октомври –2,7%.

Во 51-ва недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани сe 6 примероци, од кои 4 се позитивни на вирус на грип A/H3. Во текот на оваа сезона, од досега пристигнатите 54 примероци, добиени се 9 позитивни резултати за присуство на вирусот на грип (16,7%) (Influenza A/H3).

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната, при што се очекува висок број на случаи во периодот на Новогодишните и Божиќните празници. Оваа недела, на територија на седум ЦЈЗ/ПЕ се регистрира многу висока активност, во два – висока а во останатите ЦЈЗ/ПЕ активноста е на средно или ниско ниво. Се очекува и во наредните недели интензитетот на грип/заболувања слични на грип да се одржува на високо ниво.

 

ВАКЦИНАЦИЈА:

Од 43 недела, 2016 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ, заклучно со 51-ва недела, потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини за оваа сезона.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.322 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 9.995 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 648 лица или 2,4%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници вакцинирани се 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 17.902 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

Вакцинацијата против сезонски грип е завршена во 28 ЦЈЗ/ПЕ.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 50 недела/2016)за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на вирусот на грип е зголемена во сите земји од регионот. Процентот од позитивните тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е 38%.

Можно е оваа сезона да го достигне пикот за време на периодот на празници во многу земји што ќе го зголеми притисокот врз здравствениот систем.

Процентот од позитивните тестирани примероци од сентинел надзорот достигна до 10% со што е достигнат прагот кој укажува на зголемена регионална активност на вирусот на грип. Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 49-та до 51-ва недела.

Досега предоминира инфлуенца А типот, а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2).

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје