ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 52-ра недела од 2016 година, во Република Македонија пријавени се 9.485 (I=458,4/100.000) новозаболени лица на групни пријави за заболени од грип, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со минатата недела кога беа пријавени 4.194 случаи.

Со исклучок на пандемската сезона 2009/2010, бројот на пријавени случаи оваа недела е највисок регистриран во последните 10 години, како за овој период од сезоната така и воопшто.  Вкупниот број на пријавени случаи оваа недела ја надминува границата на многу висока активност, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип(Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2015, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

sl 1

Оваа недела најголем број заболени (n=1.263) е регистриран на територијата на ЦЈЗ Скопје,  а над 1,000 случаи пријавени се во ЦЈЗ Струмица (1.123), ЦЈЗ Велес (n=1.122) и Кавадарци (1.024).

Највисока инциденца од 2.379,5/100.000 е пријавени од подрачјето на ПЕ Кавадарци, втора највисока инциденца од 1.954,9 се регистрира во ПЕ Свети Николе (n=401), а во ЦЈЗ Велес инциденцата изнесува 1.693,4 на 100.000. Границата за многу висока активност е надмината уште во 10 ЦЈЗ/ПЕ. Висока активност се регистрира на територија на ЦЈЗ Тетово, ЦЈЗ Кочани и ПЕ Македонски Брод, во 8 ЦЈЗ/ПЕ активноста е на средно ниво, а во 6 ЦЈЗ/ПЕ на ниско ниво (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 52 недела 2016

sl 2

Како и претходната, во 52-ва недела најголем број заболени (n=6.247) односно 65,9% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, што не претставува значајна промена на процентуалното учество од претходната недела (66,1%). Во пријавените случаи од 52 недела, децата на возраст од 5-14 години учествуваат со 18,4% (n=1.745), лицата над 65 години со 9,8% (n=928) и децата од 0-4 години со 6,0% (n=565).

Највисока инциденца од 753,9/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години, а кај децата на возраст од 0-4 години инциденцата изнесува 486,3/100.000 (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители,   сезона 2016/2017

sl 3

Кумулативни податоци

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип изнесува 15.775 со кумулативна инциденца од 762,4 на 100.000 жители.

Во сезоната  со исклучок на ПЕ Берово, случаи се пријавени од сите извештајни единици.

Најголем кумулативен број заболени се регистрирани во регионот на, ЦЈЗ Скопје (2.174), ЦЈЗ Велес (1.757) и ЦЈЗ Тетово (1.495).  Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Свети Николе (I=3.831.9/100.000; n=786;), ПЕ Кавадарци (I=3.299.7/100.000; n=1.420;) и ЦЈЗ Велес (I=2.651,8/100.000; n=1.757) (Графикон 3).

 

Графикон 3. Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона    2016/2017

sl 4

Од вкупниот број на регистрирани случаи на грип/заболувања слични на грип,  15.072 случаи (95,5%) се пријавени во декември месец, 3,4% во ноември и најмал процент во октомври – 1,1%.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 10.369 случаи (65,7%), а најголема кумулативна инциденца од 1.252,5 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години и децата на возраст од 0-4 години (836,5/100.000) каде што кумулативно се регистрирани 2.899, односно 972 случаи (Графикон 4).

Графикон 4. Дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи, кумулативно сезона 2016/2017

sl 5

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 52-вата недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ се тестирани 24 примероци на присуство на вирусот на грип, при што 17 или 70,8% се позитивни за присуство на вирусот на грип тип А, и сите припаѓаат на A/H3 подтипот.

Од почетокот на сезоната 2016/2017, во оваа лабораторија тестирани се вкупно 78 биолошки материјали од рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 26 (33,3%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа Influenza A/H3.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната, а неделниот број ја надминува границата на многу висока активност (прв пат по пандемската сезона 2009/2010). Оваа недела, на територија на 13 ЦЈЗ/ПЕ се регистрира многу висока активност. Иако зимскиот распуст во училиштата може да го ублажи интензитетот на ширење на грипот, сепак се очекува високиот број на случаи да се одржува и во наредните неколку недели.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016 и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.324 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 661 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.908  или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 51 недела/2016) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на вирусот на грип и понатаму се зголемува во сите земји од регионот. Процентот од позитивните тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е покачен на 47% во однос на 38% од претходната недела. Најголемиот број на примероци се инфлуенца А (А/H3N2).

Во документот за процената на ризик за сезоната 2016/207 објавен од ECDC на 24.12.2016, се укажува на ран почеток на сезоната, доколку А/H3N2 продолжи да предоминира, најверојатно е дека лицата над 65 годишна возраст ќе бидат најзагрозени. Повеќе од половината од вирусите на А/H3N2 припаѓаат на нова генетска група, но се антигенски слични со вакциналните соеви.

Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 48-та до 51-ва недела.

Досега предоминира инфлуенца А типот (95%), а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Мината сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје