ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на седмата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 220 новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, што претставува намалување од 43,0% во споредба со минатата недела кога беа пријавени 386 случаи.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа недела одговара на многу ниско ниво на интензитет согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични  на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2016, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

grip 1

Оваа недела, најголем број заболени (n=46) е регистриран на територијата на ЦЈЗ Охрид, следат ЦЈЗ Струмица (n=21), ЦЈЗ Куманово (n=19) и ЦЈЗ Тетово (n=18). Во останатите ЦЈЗ/ПЕ се регистрираат поединечни случаи.

Највисока инциденца од 82,0/100.000 е пријавена од подрачјето на ЦЈЗ Охрид каде сéуште се регистрира сезонска активност на инфлуенца вирусот. Сезонска активност на инфлуенца вирусот се регистрира и во ПЕ Дебар, ПЕ Кавадарци и ПЕ Свети Николе. Според инциденцата на 100.000 жители, многу ниско (вон-сезонско) ниво се регистрира на територија на 15 ЦЈЗ/ПЕ. Во 12 ЦЈЗ/ПЕ не е регистриран случај (Картограм 1).

 Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 7 недела 2017

grip 2

Како и во претходната, така и во 7-ма недела од 2017 најголем број заболени (n=162) односно 73,6% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години. Во пријавените случаи од 7-ма недела, децата од 5-14 години учествуваат со 11,7% (n=26), лицата над 65 години со 7,7% (n=17), а со најмал процент – децата на возраст од 0-4 години  (6,8%;  n=15).

Највисока специфична инциденца од 12,9/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години, кај децата на возраст од 5-14 години неделната инциденца е 11,2/100.000 жители, инциденцата кај лицата на возраст од 15-64 години изнесува 11,1/100.000, а најниска инциденца се регистрира кај лицата постари од 65 години – 6,5/100.000 жители (Графикон 2).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000  жители, сезона 2016/2017

 grip 3

 

Кумулативни податоци

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип заклучно со 7-ма недела изнесува 34.103 со кумулативна инциденца од 1.648,1 на 100.000 жители.

Во оваа сезона, сите Центри за јавно здравје и Подрачни единици пријавиле случаи на грип/заболувања слични на грип.

Најголем кумулативен број на заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Скопје (n=4.549; 13,3%), ЦЈЗ Струмица (n=3.222; 9,4%) и ПЕ Кавадарци (n=2.971; 8,7%) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Кавадарци (I=6.903,8/100.000), ПЕ Свети Николе (I=5.718,6/100.000) и ЦЈЗ Струмица (I=3.401,7/100.000) (Графикон 3).

Досега оваа сезона се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона  2016/2017

grip 4

Според дистрибуција по месеци на заболените на грип/заболувања слични на грип,  во  октомври се регистрирани 0,5% или 171 случај, во ноември – 1,6% (532 случаи), во декември се регистрирани 15.073 случаи или 44,2%, a  највисок број се регистрира во јануари – 17.158 случаи или 50,3% од вкупниот број на случаи во сезоната. За три недели од месец февруари, пријавени се 1.169 случаи (3,4%).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 23.491 случаи (68,9%), а најголема кумулативна инциденца од 1.965,0 на 100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години и децата на возраст од 0-4 години (1.910,6/100.000). Кај лицата над 65-годишна возраст, кумулативниот број е 3.844 со инциденца од 1.466,4 на 100.000 жители (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи, кумулативно за сезона  2016/2017

grip 5

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 7-мата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, тестирани се 5 примероци, сите негативни за присуство на вирусот на грип.

Кумулативно во сезоната 2016/2017, од вкупниот број на тестирани биолошки материјали (n=150) добиени со рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, 58 (38,7%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа 55 – Influenza A/H3, 2 се нетипизирани Influenza A вируси и еден е Influenza B вирус (Графикон 5).

Графикон 5. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2016/2017

grip 6

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.324 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 661 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.908 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Според епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи, сезоната на грип започна порано од вообичаеното со пик на активноста кон крајот на декември 2016 и првата половина од јануари 2017 година.

Бројот на случаи во седмата недела и податоците од вирусолошкиот надзор укажуваат дека активноста на грип е на многу ниско ниво во Македонија.

Сепак, сезоната на грип е сѐ уште во тек, па не може да се исклучи евентуално зголемување на бројот на заболени, но со помал интензитет.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (6 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, најголем број од земјите пријавуваат високо ниво на активност и широка географска распространетост.

Процентот на позитивно тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е 42% што е намалување во споредба со претходната недела (45%). Најголемиот процент (92%) на примероци се инфлуенца А, а од нив 99% се А/H3N2.

Меѓу хоспитализираните лица предоминираат лицата постари од 65 години, но бројот се намалува.

Кај поголем дел од 19-те земји кои водат статистика за вишок на смртни случаи, се регистрира зголемен број на смртни случаи кај возрасната популација од 15-64 години и кај лицата постари од 65 години, што најверојатно се должи на циркулацијата на А(H3N2) вирусот.

Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 48-та до 51-ва недела.

Досега доминира инфлуенца А типот (96%), а 99% од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Минатата сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09.

Во сезона во која доминира активноста на А(H3N2), се очекува да се најзафатени постарите возрасни групи.

Засега, циркулирачкиот А (H3N2) вирус е антигенетски сличен со сојот што е вклучен во вакцината, иако две третини од изолираните соеви оваа сезона припаѓаат на различна субкласа.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје