ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на осмата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 227 (I=11,0/100.000) новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, слично како и минатата недела кога беа пријавени 220 случаи (зголемување од 3,2%).

Вкупниот број на пријавени случаи оваа недела одговара на многу ниско ниво на интензитет согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични                         на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2016, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

1

 

 

Оваа недела, најголем број заболени (n=71) е регистриран на територијата на ЦЈЗ Охрид, следат ПЕ Гостивар (n=36) и ЦЈЗ Тетово (n=30). Во останатите ЦЈЗ/ПЕ се регистрираат поединечни случаи.

Највисока инциденца од 126,5/100.000 е пријавена од подрачјето на ЦЈЗ Охрид каде што се регистрира средна активност на инфлуенца вирусот. Сезонска активност на инфлуенца вирусот се регистрира во ПЕ Дебар (I=61,2/100.000). Според инциденцата на 100.000 жители, многу ниско (вон-сезонско) ниво се регистрира на територија на 17 ЦЈЗ/ПЕ. Во 12 ЦЈЗ/ПЕ не е регистриран случај (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 8 недела 2017

2

Како и во претходната, така и во 8-ма недела од 2017 најголем број заболени (n=175) односно 77,1% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години. Во пријавените случаи од 8-ма недела, лицата над 65 години учествуваат со 11,5% (n=26), децата од 5-14 години со 7,5% (n=17), а со најмал процент – децата на возраст од 0-4 години  (4,0%;  n=9).

Највисока специфична инциденца од 12,0/100.000 жители е регистрирана кај лицата на возраст од 15-64 години, кај лицата постари од 65 години неделната инциденца е 9,9/100.000 жители, кај децата на возраст од 0-4 години инциденцата изнесува 7,8/100.000, а најниска инциденца се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години – 7,3/100.000 жители (Графикон 2).

 

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000                     жители, сезона 2016/2017

  3

 

 Кумулативни податоци

 

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип заклучно со 8-ма недела изнесува 34.330 со кумулативна инциденца од 1.659,1 на 100.000 жители.

Во оваа сезона, сите Центри за јавно здравје и Подрачни единици пријавиле случаи на грип/заболувања слични на грип.

Најголем кумулативен број на заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Скопје (n=4.555; 13,3%), ЦЈЗ Струмица (n=3.233; 9,4%), ПЕ Гостивар (n=2.984; 8,7%), ПЕ Кавадарци (n=2.976; 8,7%) и ЦЈЗ Битола (n=2.826; 8,2%) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Кавадарци (I=6.915,5/100.000), ПЕ Свети Николе (I=5.747,9/100.000) и ЦЈЗ Струмица (I=3.413,3/100.000) (Графикон 3).

Досега оваа сезона се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип.

 

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона               2016/2017

     4

 

Според дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци,  највисок број на заболени лица се регистрира во месец јануари – 17.158 случаи или 50,0% од вкупниот број на пријавени случаи во сезоната 2016/2017, а во декември се регистрирани 15.073 случаи или 43,9% од случаите во сезоната. Во текот на ноември се пријавени 532 случаи или 1,5%, а во месец октомври – 171 заболен или 0,5%. Во месец февруари, пријавени се 1.396 случаи или 4,1% од вкупниот број на заболени во текот на оваа сезона (Графикон 4).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 23.666 случаи (68,9%), а најголема кумулативна инциденца од 1.972,3 на 100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години и децата на возраст од 0-4 години (1.918,4/100.000), каде што кумулативно се регистрирани 4.565, односно соодветно 2.229 случаи. Кај лицата над 65-годишна возраст, кумулативниот број на заболени е 3.870 со инциденца од 1.476,3 на 100.000 жители (Графикон 5).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи, кумулативно за сезона 2016/2017

 

 5

 

 ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

 

Во текот на 8-мата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, тестирани се 4 примероци, сите негативни за присуство на вирусот на грип.

Кумулативно во сезоната 2016/2017, од вкупниот број на тестирани биолошки материјали (n=159) добиени со рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, 58 (36,5%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа 55 – Influenza A/H3, 2 се нетипизирани Influenza A вируси и еден е Influenza B вирус (Графикон 5).

Графикон 5. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2016/2017

6

    

 

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.324 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 661 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.908 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната со пик на активноста кон крајот на декември 2016 и првата половина од јануари 2017 година.

Оваа недела, бројот на регистрирани случаи и податоците од вирусолошкиот надзор укажуваат дека активноста на грип е на многу ниско ниво во Македонија.

И покрај ваквата актуелна состојба, сезоната на грип е сѐ уште во тек, па не може да се исклучи евентуално зголемување на бројот на заболени, но со помал интензитет.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (7 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, нивото на активност остана на покачено ниво, но пониско во споредба со претходната недела.

Процентот на позитивно тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е 36% што е намалување во споредба со претходната недела (44%). Најголемиот процент на примероци се инфлуенца А/H3N2. Иако се забележува зголемен број на инфлуенца Б, како што е и вообичаено за крај на сезоната, сепак бројот останува мал.

Меѓу хоспитализираните лица предоминираат лицата постари од 65 години, но бројот продолжи да се намалува.

Кај поголем дел од 19-те земји кои водат статистика за вишок на смртни случаи, се регистрира зголемен број на смртни случаи кај возрасната популација од 15-64 години и кај лицата постари од 65 години, што најверојатно се должи на циркулацијата на А(H3N2) вирусот.

Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 48-та до 51-ва недела.

Досега доминира инфлуенца А типот (96%), а 99% од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Минатата сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09.

Во сезона во која доминира активноста на А(H3N2), се очекува да се најзафатени постарите возрасни групи.

Засега, циркулирачкиот А (H3N2) вирус е антигенетски сличен со сојот што е вклучен во вакцината, иако две третини од изолираните соеви оваа сезона припаѓаат на различна субкласа.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје