ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 10-та недела од 2018 година (од 05.03.2018 – 11.03.2018), во Република Македонија пријавени се 1.980 (I=91,3/100.000) новозаболени од грип/заболувања слични на грип, што е намалување за 32% во споредба со минатата недела.

Во однос на 10-та недела од минатата сезона која се карактеризираше со ран почеток и пик на активноста, оваа сезона бројот на заболени е зголемен за 13 пати.

Регистрираната инциденца oваа недела е во рамките на неделната граница на ниска (сезонска) активност на вирусот на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип, според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

 граф 1

Исто како и во претходните недели, во 10-та недела најголем број заболени – 1.209 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 137,8/100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени лица (n=355) се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје, а највисока инциденца (550,9/100.000 жители) е регистрирана на подрачјето на ПЕ Свети Николе.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, во 2 се регистрира многу висока (ПЕ Свети Николе и ПЕ Кавадарци). Во останатите ЦЈЗ/ПЕ се регистрира од многу ниско до средно ниво на активност на вирусот на грип, додека во 3 ПЕ не се регистрирани заболени лица (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 10 недела 2017

grip 10 nedela kartogram

Кумулативни податоци

Досега во сезоната 2017/2018 вкупно се пријавени 21.100 случаи со инциденца од I=1.019,7/100.000.

Регистрираниот број на случаи е помал за 39% споредено со истиот период од минатата сезона (34.625).

Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите ЦЈЗ/ПЕ.

Досега, најголем број на заболени лица – 2.741 се регистрирани во ЦЈЗ Скопје, а поголем број е пријавен и во ПЕ Гостивар (2.169) и ЦЈЗ Струмица (1.914). Највисока инциденцата од 3.288,1 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 12.767 случаи (60,5%), а највисока кумулативна инциденца од 1.888,1/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените во јануари (2.396 заболени или 11,4%) и достигнување врв во февруари (12.951 или 61,4%). Во месец март, за две недели, регистрирани се 4.671 заболени или 22,1%.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Се нотира заедничка циркулација на Influenza А и Influenza B вирусот во републиката, со доминација на B вирусите.

Во текот на 10-та недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 48 материјали за грип. Од тестираните материјали, 60,4% (29) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца. Од позитивните примероци оваа недела 65,5% се Influenza B, а 34,5% Infleunza A. Од Инфлуенза B вирусите 47,4% се од линијата Yamagata, 31.6% се Influenza B неодредена линија, а 21% B (Victoria). Од influenza A вирусите, сите се Influenza A(H1N1)pdm09 (Графикон 2).

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се вкупно 412 хумани материјали од здравствените установи, од кои 209 (50,7%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца (Графикон 2). Од позитивните примероци, на инфлуенца Б отпаѓаат 68,4%, а на инфлуенца А 31,6%. Од инфлуенца Б вирусите 90,2% се B (Yamagata), 4,2% B(Victoria) и кај 5,6% не е одредена линијата. Од инфлуенца А вирусите 78,8% се суб-типизирани како Influenza A(H1N1)pdm09, останатите 21,2% не се суб-типизирани (Графикон 2).

Графикон 2. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2017/2018

 граф 2

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип е на ниско (сезонско) ниво, а се регистрира регионална географска распространетост.

Процентот на позитивно тестирани примероци од вирусолошкиот надзор е лесно зголемен во однос на претходната недела иако беше регистриран пад на бројот на случаи. Во последните две недели се регистрирани B(Victoria) вируси.

Се очекува постепено намалување на нивото на активност на вирусот на грип во наредниот период.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ на располагање за вакцинација против сезонски грип за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, се регистрира широка географска распространетост на активноста на вирусот на грип во регионот, а некои земји од источниот дел од регионот се соочуваат со бавен старт на сезоната.

Во текот на оваа недела, како позитивни се потврдени 49% од тестираните материјали (исто како минататата недела), со заедничка циркулација на Influenza А (39%) и Influenza B вирусот (61%).

Во досегашниот дел од сезоната се забележува заедничка циркулација на Influenza А со 34% (65% – А (H1N1)pdm09) и Influenza B со 66% (97% – B/Yamagata) во сентинел надзорот.

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, 60% припаѓаат на вакциналниот сој, а 37% се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона. B/Yamagata доминира од регистрираните Influenza B вируси, но не е вклучена во тривалентната вакцина за оваа сезона.

Врз основа на податоците доставени до EuroMOMO, зголемениот морталитет од сите причини значително се покачи во текот на изминатите месеци во југозападниот дел на европскиот регион.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје