ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 12-та недела од 2018 година (од 19.03.2018 – 25.03.2018), во Република Македонија пријавени се 693 (I=33,5/100.000) новозаболени од грип/заболувања слични на грип, што е намалување за 47% во споредба со минатата недела.

Во однос на 12-та недела од минатата сезона која се карактеризираше со ран почеток и пик на активноста, оваа сезона бројот на заболени е зголемен за 10 пати.

Регистрираната инциденца oваа недела е под неделната граница на ниска (сезонска) активност на вирусот на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип, според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

граф 1

Исто како и во претходните недели, во 12-та недела најголем број заболени – 466 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 45,6/100.000 жители се регистрира кај најмалите – децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени лица (n=131) се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Струмица, а највисока инциденца (292,5/100.000 жители) е регистрирана на подрачјето на ПЕ Свети Николе.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, во една се регистрира средна активност (ПЕ Свети Николе). Во останатите ЦЈЗ/ПЕ се регистрира од многу ниско до ниско ниво на активност на вирусот на грип, додека во 4 ПЕ не се регистрирани заболени лица (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 12 недела 2017

12 nedela m

Кумулативни податоци

Досега во сезоната 2017/2018 вкупно се пријавени 23.097 случаи на грип/заболувања слични на грип со вкупна инциденца од I=1.116,2/100.000.

Регистрираниот број на случаи е помал за 34% споредено со истиот период од минатата сезона (34.725).

Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите ЦЈЗ/ПЕ.

Досега, најголем број на заболени лица –3.050 се регистрирани во ЦЈЗ Скопје, а поголем број е пријавен и во ПЕ Гостивар (2.303) и ЦЈЗ Струмица (2.234). Највисока вкупна инциденцата од 3.678,5 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 14.051 случаи (60,8%), а највисока вкупна инциденца од 2.019,4/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените во јануари (2.396 заболени или 10,4%) и достигнување врв во февруари (12.951 или 56,1%). Во месец март, за четири недели, регистрирани се 6.668 заболени или 28,9%.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Се нотира заедничка циркулација на Influenza А и Influenza B вирусот во републиката, со доминација на B вирусите.

Во текот на 12-та недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 12 материјали за грип. Од тестираните материјали, 50% (6) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца. Од позитивните примероци оваа недела 66,7% се Influenza B, а 33,3% Infleunza A. Од Influenza B вирусите 75% се од линијата Yamagata, 25% се од линијата Victoria. Од influenza A вирусите, сите се Influenza A(H1N1)pdm09 (Графикон 2).

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се вкупно 451 хумани материјали од здравствените установи, од кои 235 (52,1%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца (Графикон 2). Од позитивните примероци, на инфлуенца Б отпаѓаат 69,4%, а на инфлуенца А 30,6%. Од инфлуенца Б вирусите 89,6% се B (Yamagata), 4,9% B(Victoria) и кај 5,5% не е одредена линијата. Од инфлуенца А вирусите 80,6% се суб-типизирани како Influenza A(H1N1)pdm09, останатите 19,4% не се суб-типизирани (Графикон 2).

Графикон 2. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2017/2018

 граф 2

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип по седум недели поминати над границата на сезонско ниво, оваа недела е на ниво кое се регистрира надвор од сезона на грип. Се регистрира регионална географска распространетост.

Процентот на позитивно тестирани примероци од вирусолошкиот надзор е намален во однос на претходната недела, што укажува дека активноста на вирусот на инфлуенца се намалува.

Се очекува континуирано намалување на бројот на пријавени случаи и процентот на позитивни резултати во наредниот период.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ на располагање за вакцинација против сезонски грип за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

  

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 11 недела/2018) за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, се регистрира широка географска распространетост на активноста на вирусот на грип во регионот, а некои земји од источниот дел од регионот во овој период од сезоната почнаа да регистрираат зголемена активност со доминација на Influenza А.

Во текот на оваа недела, како позитивни се потврдени 44% од тестираните материјали од сентинел надзорот (51% во текот на минататата недела), со заедничка циркулација на Influenza А и Influenza B вирусот иако поголемиот број докажани вируси припаѓаат на Influenza B. Од Influenza B докажаните примероци и понатаму доминира B/Yamagata.

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, 57% припаѓаат на вакциналниот сој, а 48% од B/Victoria се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона. B/Yamagata сублинијата доминира од регистрираните Influenza B вируси, но овој сој не е вклучен во тривалентната вакцина за оваа сезона.

Врз основа на податоците доставени до EuroMOMO, морталитетот од сите причини остана на високо ниво во одредени земји, додека во други се намалува.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје