ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 4-та недела од 2018 година (од 22.01.2018 – 28.01.2018), во Република Македонија пријавени се 1.085 (I=52,4/100.000) новозаболени лица од грип/на грип слични заболувања, што е зголемување за 70% во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 637 заболени лица.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 1.919 случаи, постои намалување на бројот на заболени во 4-тата недела за 9%.

Регистрираната инциденца oваа недела за прв пат оваа сезона е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно достигнат е прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

1

Во 4-та недела најголем број заболени – 699 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 71,7/100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени лица (n=292) и највисока инциденца (243,8/100.000 жители) се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, на подрачјето на ПЕ Гостивар и ПЕ Дебар се регистрира средна активност, на подрачјето на 9 ЦЈЗ/ПЕ се регистрира ниска (сезонска) активност, во 11 извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а останатите 9 извештајни единици оваа недела не пријавиле заболени од грип/ заболувања слични на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 4 недела 2017

4 nedela

Кумулативни податоци

Досега во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 3.478 (I=168,1/100.000).

Регистрираниот број на случаи е повеќекратно помал споредено со истиот период од минатата сезона (32.934).

Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 25 ЦЈЗ/ПЕ.

Досега, најголем број на заболени лица – 887 се регистрирани во ПЕ Гостивар и 413 во ЦЈЗ Тетово, а највисока инциденцата од  1.091,7 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 2.307 случаи (66%), а највисока кумулативна инциденца од 207,4/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 4-тата недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестиран е 21 материјал за грип. Од тестираните материјали, 8 се позитивен за присуство на вирусот на инфлуенца – 5 Influenza B (Yamagata) и 3 Influenza A(H1N1)pdm.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се вкупно 132 хумани материјали од здравствените установи од кои 21 (15,9%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, од кои 9 се Influenza A (8 суптипизирани како А(H1N1)pdm и еден А несуптипизиран), а 12 се Influenza B (Yamagata).

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип за прв пат оваа сезона е над неделната граница на сезонска активност (2-3 недели по очекуваното согласно моделот за последните 7 сезони). Исто така, се зголемува и процентот на позитивни тестирани примероци од вирусолошкиот надзор. Се очекува пораст на активноста и достигнување на пикот на сезоната во следните недели.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација во јавните здравствени установи, за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини – вакцинацијата против сезонски грип е завршена на територијата на РМ. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, се регистрира широка распространетост на активноста на вирусот на грип во најголем дел од земјите од регионот, а се зголемува во земјите од источниот дел од континетот. Низок интензитет на активност се регистрира во 21 земја, среден во 16, а во 5 (Италија, Ирска, Луксембург, Малта и Шпанија) се регистрира висок интензитет на активност на активност на вирусот на грип. Во однос на географската распространетост, во 7 земји се регистрира спорадична, во 4 локална, во 7 регионална и во 22 широка распространетост.

Во текот на оваа недела, како позитивни се потврдени 52% од тестираните материјали од сентинел надзорот (во однос на 42-50% минататите недели), со заедничка ко-циркулација на Influenza А (40%) и Influenza B вирусот (60%).

Во досегашниот дел од сезоната се забележува заедничка циркулација на Influenza А со 35,7% (61,3% – А (H1N1)pdm09) и Influenza B со 64,3% (96,4% – B/Yamagata) во сентинел надзорот.

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, 64% припаѓаат на вакциналниот сој, а 36% се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона. B/Yamagata сојот доминира од регистрираните Influenza B вируси, но овој сој не е вклучен во тривалентната вакцина за оваа сезона.

Врз основа на податоците доставени до EuroMOMO, во текот на изминатите недели се зголеми смртноста кај старите лица, особено во земјите од јужниот дел од Европа и Велика Британија.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје