Во текот на 42-ра недела од 2016 година (од 16.10.2017 – 22.10.2017), во Република Македонија пријавени се 45 (I=2,2/100.000) нови случаи на групни пријави за заболени од грип. Во однос на регистрираните случаи во минатата недела (n=12) постои зголемување од 3.75 пати.

Во споредба со бројот на регистрирани случаи во 42-ра недела од минатата сезона (82), се бележи намалување од 45,1%.

Во оваа недела, пријавени се заболени лица од 12 извештајни единици. Најголем број на заболени се регистрирани во ЦЈЗ Тетово – 14 заболени лица. Во ПЕ Дебар и ПЕ Гостивар регистрирани се по 10 заболени лица.

Највисока инциденца се бележи во ПЕ Дебар од 36,0/100.000 жители, а најниска во ЦЈЗ Скопје (0,2/100.000).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 31 случај (68,9%), а највисока инциденца (1,8/100.000) се регистрира кај лицата над 65 години, каде вкупно се пријавени 10 заболени лица.

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на заболени од грип изнесува 60 (I=2,9/100.000), што е помалку за 53,1% во споредба со истиот период минатата година биле регистрирани 128 заболени лица.

Во текот на 42-ра недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 4 материјали за тестирање на грип. Сите тестирани материјали се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 20 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, сите тестирани негативни за присуство на вирусот на грип.

 

 Вакцинација против грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • бремени жени, во било кој стадиум од бременоста
  • деца на возраст од 6 месеци до 5 години
  • постари лица на возраст од 65 години и повеќе,
  • лицата со хронични медицински состојби – хронични заболувања и состојби на намален имунитет
  • здравствени работници.

Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, на располагање за вакцинација за оваа сезона се 27.997 дози на тритипна Influvac вакцина.

Според пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 15.422 лица во текот на 42 недела на територијата на РМ, или 55,1% од вкупно набавените вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 8.964 лица или 58,1%, на возраст од 30-64 години – 6.097 лица или 39,5%, додека лица на возраст од 5-29 години вакцинирани се вкупно 126 или 0,8%. Од возрасната група лица помали од 5-годишна возраст, вакцинирани се 8 лица. Од категоријата на здравствени работници во текот на 42 недела вакцинирани се 227 лица или 1,5%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 11.575 лица или 75,1 се со историја на хронично/и заболување/а.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно презентираните информации на Flu News Europe за 41 недела од 2017 година, активноста на вирусот на инфлуенца во 39 земји во Европа е со низок интензитет, што е вообичаено за ова време од годината.

Само неколку земји пријавиле детекција на спорадични инфлуенца вирусни инфекции, преку редовниот и сентинел системот за надзор, вклучувајќи и хоспитализирани пациенти кај кои се докажани инфлуенца А и инфлуенца Б.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје