ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 5-та недела од 2018 година (од 29.01.2018 – 04.02.2018), во Република Македонија пријавени се 2.001 (I=96,7/100.000) новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, што е зголемување за 84% во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 1.085 заболени лица.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 563 заболени, постои зголемување на бројот на заболени во 5-тата недела за 3,6 пати.

Регистрираната инциденца и oваа недела е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно над прагот што означува влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични  на грип, според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

 1

Во 5-та недела најголем број заболени – 1.239 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 173,7/100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени лица (n=333) се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар, а највисока инциденца (353,1/100.000 жители) е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, само на подрачјето на ПЕ Дебар се регистрира многу висока активност; на подрачјето на ПЕ Гостивар – висока активност, на подрачјето на 5 ЦЈЗ/ПЕ – средна активност, на подрачјето на 9 ЦЈЗ/ПЕ – ниска (сезонска) активност, во 9 извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а останатите 6 извештајни единици оваа недела не пријавиле заболени од грип/ заболувања слични на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 5 недела 2017

5

Кумулативни податоци

Досега во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 5.479 (I=264,8/100.000).

Регистрираниот број на случаи е повеќекратно помал (> 6 пати) споредено со истиот период од минатата сезона (33.497).

Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 27 ЦЈЗ/ПЕ.

Досега, најголем број на заболени лица – 1.220 се регистрирани во ПЕ Гостивар, а поголем број е пријавен и во ЦЈЗ Тетово (638) и ЦЈЗ Куманово (600). Највисока инциденцата од 1.444,8 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 3.546 случаи (65%), а највисока кумулативна инциденца од 381,1/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените и достигнување врв во јануари (2.396 заболени или 44%), но со приближно ист број на заболени за 4 дена од февруари (2.001 или 37%).

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Се нотира заедничка циркулација на Influenza А и Influenza B вирусот во републиката.

Во текот на 5-тата недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 22 материјали за грип. Од тестираните материјали, 14 (63,6%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – 8 Influenza B (Yamagata), 5 Influenza A(H1N1)pdm и 1 Influenza А – несуптипизиран.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се вкупно 154 хумани материјали од здравствените установи, од кои 35 (22,7%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца. Од нив, 15 се Influenza A (13 суптипизирани како А(H1N1)pdm и два А несуптипизиран), а 20 се Influenza B (Yamagata).

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип е над неделната граница на сезонска активност, а се регистрира и регионална географска распространетост.

Исто така, се зголемува и процентот на позитивно тестирани примероци од вирусолошкиот надзор (слично како и во останатите земји во Европа), кој е особено висок во изминатата недела, што се заедно укажува дека сме во ек на сезоната на грип.

Се очекува пораст на активноста и достигнување на пикот на сезоната во следните недели.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ на располагање за вакцинација против сезонски грип за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во Европа, во 4-тата недела на сезоната 2017/2018, се регистрира широка географска распространетост на активноста на вирусот на грип во најголем дел од земјите од регионот, но интензитетот најчесто е од низок до среден. Низок интензитет на активност се регистрира во 16 земји, среден во 16, во 7 од нив (Бугарија, Исланд, Ирска, Италија, Швајцарија, Велс и Косово) се регистрира висок интензитет, a во Луксембург се регистрира многу висок интензитет на активност на вирусот на грип. Во однос на географската распространетост, во 6 земји се регистрира спорадична, во 4 локална, во 4 регионална и во 24 широка распространетост.

Во текот на оваа недела, како позитивни се потврдени 52% од тестираните материјали од сентинел надзорот (во однос на 42-50% минататите недели), со заедничка ко-циркулација на Influenza А (33%) и Influenza B вирусот (67%).

Во досегашниот дел од сезоната се забележува заедничка циркулација на Influenza А со 34,9% (62,7% – А (H1N1)pdm09) и Influenza B со 65,1% (96,6% – B/Yamagata) во сентинел надзорот.

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, 58% припаѓаат на вакциналниот сој, а 37% се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона. B/Yamagata сојот доминира од регистрираните Influenza B вируси, но овој сој не е вклучен во тривалентната вакцина за оваа сезона.

Врз основа на податоците доставени до EuroMOMO, во текот на изминатите недели се зголеми смртноста кај старите лица, особено во земјите од јужниот дел од Европа и Велика Британија.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје