ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 51-ва недела од 2017 година (од 18.12.2017 – 24.12.2017), во Република Македонија пријавени се 110 (I=5,3/100.000) новозаболени лица од грип/на грип слични заболувања, што е зголемување за 19,6% во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 92 заболени лица.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 4.195 случаи, постои значително намалување на бројот на заболени во 51-вата недела, кое изнесува скоро 97%.

Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

1

Во 51-ва недела најголем број заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени (21 случај) и највисока инциденца од 75,7/100.000 е регистрирана на територија на ПЕ Дебар.

Во 12 извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а само во една (ПЕ Дебар) се регистрира ниска (сезонска) активност (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 51 недела 2017

51 мапа

Кумулативни податоци

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 960 (I=46,4/100.000).

Регистрираниот број на случаи е помал за 84,7% споредено со истиот период од минатата сезона (6.291). Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 22 ЦЈЗ/ПЕ. Најголем број на заболени лица – 192 се регистрирани во ЦЈЗ Тетово и 188 во ПЕ Гостивар.

Во однос на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 622 лица или 64,8%, а највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години (I=59,6/100.000).

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 51-вата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 5 материјали за грип. Тестираните материјали се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 66 хумани материјали од здравствените установи, од кои само еден (1,5%) е позитивен на присуство на вирусот на инфлуенца – A(H1N1)pdm.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и нискиот процент на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на многу ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Република  Македонија.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација во јавните здравствени установи, за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини – вакцинацијата против сезонски грип е завршена на територијата на РМ. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, активноста на вирусот на грип се зголемува во земјите од западниот дел од континетот, во Скандинавските земји и во Турција. Во однос на географската распространетост, во 23 земји се регистрира спорадична, во 5 локална, во 6 регионална и во 3 (Франција, Шведска и Турција) широка распространетост. Потврдени се како позитивни 26% од тестираните од сентинел надзорот (8,8% минатата недела) во текот на оваа недела, а најголем дел од позитивните (60,9%) се инфлуенца Б.

Во досегашниот дел од сезоната се забележува заедничка циркулација на инфлуенца А со 38,1% (56,4% – А (H1N1)pdm09) и инфлуенца Б со 61,9% (96,2% – B/Yamagata).

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, сите припаѓаат или се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона.

Ситуацијата е вообичаена за овој период од годината.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје