ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 7-та недела од 2018 година (од 12.02.2018 – 18.02.2018), во Република Македонија пријавени се 3.728 (I=180,2/100.000) новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, што е зголемување за 26% во споредба со минатата недела.

Бројот на регистрирани случаи е повеќекратно повисок споредено со седмата недела од минатата сезона која се одликуваше со ран почеток. Се регистрира лесно зголемување од 15% споредено со очекуваната (моделирана) инциденца на грип за оваа недела (Графикон 1)

Регистрираната инциденца и oваа недела одговара на средна активност активност на вирусот на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип, според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

 1

Во 7-та недела најголем број заболени – 2.201 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 377,2/100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени лица (n=541) се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје, а највисока инциденца (590,2/100.000 жители) е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, само на територија на ПЕ Дебар, ПЕ Свети Николе, ПЕ Ресен, ПЕ Кавадарци и ЦЈЗ Прилеп се регистрира многу висока активност; во 4 – висока активност, 7 ЦЈЗ/ПЕ пријавуваат средна активност, 11 ЦЈЗ/ПЕ – ниска  активност, а во 2 единици се регистрира многу ниска активност на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 7 недела 2017

7 nedela

Кумулативни податоци

Досега во сезоната 2017/2018 вкупно се пријавени 12.171 случаи на грип со инциденца на 588,2 на 100.000.

Регистрираниот број на случаи е повеќекратно помал споредено со истиот период од минатата сезона (34.103).

Вкупно во оваа сезона, пријавени се случаи од 29 ЦЈЗ/ПЕ.

Досега, најголем број случаи – 1.747 се регистрирани во ПЕ Гостивар, а поголем број е пријавен и во ЦЈЗ Тетово (1.258) и ЦЈЗ Куманово (1.222). Највисока инциденцата од 2.500,5 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 7.409 случаи (61%), а највисока кумулативна инциденца од 1.086,6/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените во јануари (2.396 заболени или 19,7%) и достигнување врв за 3 недели од февруари (8.693 или 71,4%).

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Се нотира заедничка циркулација на Influenza А и Influenza B вирусот во републиката, при што инфлуенца Б вирусите се регистрираат во поголем број.

Во текот на 7-та недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 34 материјали за грип. Од тестираните материјали, 25 (73,5%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца –15 Influenza B (Yamagata), 8 Influenza A(H1N1)pdm и 2 Influenza А – несуптипизиран.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се вкупно 252 хумани материјали од здравствените установи, од кои 111 (44%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца. Од нив, 38 се Influenza A (30 суптипизирани како А(H1N1)pdm и 8 се А несуптипизиран), а 73 се Influenza B (Yamagata).

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Во последните две недели се регистрира средно ниво на активност на грип со широка географска распространетост. Се задржува и високиот процент на позитивно тестирани примероци од вирусолошкиот надзор што укажува дека сме во ек на сезоната на грип.

Се очекува одржување на слично ниво на активност на вирусот на грип во наредните неколку недели.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ на располагање за вакцинација против сезонски грип за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, се регистрира широка географска распространетост на активноста на вирусот на грип во најголем дел од земјите од регионот. Низок интензитет на активност се регистрира во 13 земји, среден во 29, во 6 од нив се регистрира висок интензитет, a во Албанија и Луксембург се регистрира многу висок интензитет на активност на вирусот на грип.

Во однос на географската распространетост, во 8 земји се регистрира спорадична, во 4 локална, во 6 регионална и во 30 широка распространетост.

Во текот на оваа недела, како позитивни се потврдени 51% од тестираните материјали од сентинел надзорот (во однос на 42-50% минататите недели), со заедничка ко-циркулација на Influenza А (28%) и Influenza B вирусот (72%).

Во досегашниот дел од сезоната се забележува заедничка циркулација на Influenza А со 33% (65% – А (H1N1)pdm09) и Influenza B со 67% (97% – B/Yamagata) во сентинел надзорот.

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, 59% припаѓаат на вакциналниот сој, а 37% се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона. B/Yamagata сојот доминира од регистрираните Influenza B вируси, но овој сој не е вклучен во тривалентната вакцина за оваа сезона.

Врз основа на податоците доставени до EuroMOMO, во текот на изминатите недели се зголеми смртноста кај старите лица, особено во земјите од западниот дел од Европа.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје