ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 9-та недела од 2018 година (од 26.02.2018 – 04.03.2018), во Република Македонија пријавен е 2.781 (I=134,4/100.000) новозаболен од грип/заболувања слични на грип, што е намалување за 35% во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 4.258 заболени лица.

Во однос на минатата сезона која се карактеризираше со ран почеток и пик на активноста, оваа сезона бројот на заболени во 9-та недела е зголемен за 18 пати.

Регистрираната инциденца oваа недела е во рамките на неделната граница на ниска (сезонска) активност на вирусот на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип, според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

 1

Исто како и во претходните недели, во 9-та недела најголем број заболени – 1.651 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 247,9/100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени лица (n=544) се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје, а највисока инциденца (680,9/100.000 жители) е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, во 5 се регистрира многу висока (ЦЈЗ Струмица, ПЕ Свети Николе и ПЕ Кавадарци) и висока активност. Во останатите ЦЈЗ/ПЕ се регистрира од многу ниско до средно ниво на активност на вирусот на грип, додека во 3 ПЕ не се регистрирани заболени лица (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 9 недела 2018

kartogram

Кумулативни податоци

Досега во сезоната 2017/2018 вкупно се пријавени 19.210 случаи со инциденца од I=928,4/100.000.

Регистрираниот број на случаи е помал за 44% споредено со истиот период од минатата сезона (34.481).

Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите ЦЈЗ/ПЕ.

Досега, најголем број на заболени лица – 2.386 се регистрирани во ЦЈЗ Скопје, а поголем број е пријавен и во ПЕ Гостивар (2.072) и ЦЈЗ Куманово (1.787). Највисока инциденцата од 3.022,9 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 11.558 случаи (60%), а највисока кумулативна инциденца од 1.750,3/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените во јануари (2.396 заболени или 12,5%) и достигнување врв во февруари (12.951 или 67,4%). Во месец март, за една недела, регистрирани се 2.781 заболени или 14,5%.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Се нотира заедничка циркулација на Influenza А и Influenza B вирусот во републиката, со доминација на Б вирусите.

Во текот на 9-та недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 48 материјали за грип. Од тестираните материјали, 54,2% (26) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца. Од позитивните примероци оваа недела 83% се Influenza B, а 17% Infleunza A. Од Инфлуенза Б вирусите 90% се од линијата Yamagata, a 10% B (Victoria). Од influenza A вирусите 50% се Influenza A(H1N1)pdm09, а 50% не се суб-типизирани (Графикон 2).

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се вкупно 364 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои 180 (49,5%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца (Графикон 2). Од позитивните примероци, на инфлуенца Б отпаѓаат 69%, а на инфлуенца А 31%. Од инфлуенца Б вирусите 96,8% се B (Yamagata), 1,6% B(Victoria) и кај 1,6% не е одредена линијата. Од инфлуенца А вирусите 75% се суб-типизирани како  Influenza A(H1N1)pdm09, останатите 25% не се суб-типизирани (Графикон 2).

Графикон 2. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2017/2018

 2

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип е на ниско (сезонско) ниво на активност по две недели поминати во рамките на неделната граница на средна активност, а се регистрира и широка географска распространетост.

Во последните три недели се намалува процентот на позитивно тестирани примероци од вирусолошкиот надзор (слично како и во останатите земји во Европа), што укажува дека е достигнат пикот на сезоната на грип.

Се очекува постепено намалување на нивото на активност на вирусот на грип во наредниот период.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ на располагање за вакцинација против сезонски грип за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, се регистрира широка географска распространетост на активноста на вирусот на грип во најголем дел од земјите од регионот.

Во текот на оваа недела, како позитивни се потврдени 49% од тестираните материјали (51% минататата недела), со заедничка ко-циркулација на Influenza А (36%) и Influenza B вирусот (64%).

Во досегашниот дел од сезоната се забележува заедничка циркулација на Influenza А со 33% (65% – А (H1N1)pdm09) и Influenza B со 67% (97% – B/Yamagata) во сентинел надзорот.

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, 59% припаѓаат на вакциналниот сој, а 37% се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона. B/Yamagata доминира од регистрираните Influenza B вируси, но не е вклучена во тривалентната вакцина за оваа сезона.

Врз основа на податоците доставени до EuroMOMO, зголемениот морталитет од сите причини значително се покачи во текот на изминатите месеци во југозападниот дел на европскиот регион.

За сезоната 2018-2019 на северната хемисфера СЗО препорачува четиривалентна вакцина која содржи:

  • A/Michigan/45/2015 (H1N1)pdm09-like virus;
  • A/Singapore/INFIMH-16-0019/2016 (H3N2)-like virus;
  • B/Colorado/06/2017-like virus (B/Victoria/2/87 lineage);
  • B/Phuket/3073/2013-like virus (B/Yamagata/16/88 lineage).

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје