Неделни податоци

Во текот на 10-та недела од 2019 година (04.03-10.03.2019), во Република Македонија се пријавени 2.429 (I=117,4/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е за 9,3% намалување во споредба со минатата недела (n=2.678).

Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 28,5% споредено со 10-та недела од минатата сезона (n=1.890), а во однос на моделираниот просечен број за 10-та недела во последните 8 сезони, постои зголемување за 2,2 пати  (Графикон 1).

Регистрираната инциденца оваа недела е над неделната граница на сезонска (ниска) активност на вирусот на грип (Графикон 1).

Во текот на изминатата недела, регистрирани се 4 смртни случаи асоцирани со грип, од кои двајца од Скопје, и по еден од Охрид и Тетово. Возраста на починатите се движи од 50-73 години. Кај 2 лица е утврдена претходна хронична болест/и, односно постоење на ко-морбидитет. Кај сите починати лабораториски потврден е А(H1pdm) вирусот на грип.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 84 материјали за тестирање на грип, од кои 55 (65,5%) позитивни за присуство на вирусот на грип – 44 Influenza A(H1)pdm (80%), 5 Influenza A(H3) и 6 Influenza А несуптипизиран (Графикон 5).

 

Графикон 1.  Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

grip 10 nedela slika 1

Како и во текот на сите претходни недели од почетокот на сезоната, и во 10-та недела најголем број заболени (n=1.553; 63,9%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 243,6/100.000 жители е регистрирана кај децата од возрасната група од 0-4 години (Гарфикон 2).

 

Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 10 nedela slika 2

Оваа недела пријавени се заболени лица од 28 извештајни единици. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=560), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци (I=601,8/100.000).

Во 10-та недела само во два региона се регистрира многу висока или висока активност на вирусот на грип (ПЕ Кавадарци и ЦЈЗ Струмица) (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 10 недела 2019

grip 10 nedela slika 3

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 17.630 (I=852,0/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 16,4%, а во однос на моделот за последните 8 сезони се регистрира намалување од 26,8%.

Најголем број на заболени лица се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=2.915), ЦЈЗ Струмица (n=2.138), ПЕ Кавадарци (n=1.627) и ЦЈЗ Битола (n=1.285) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца од 3.780,7/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци. Висока инциденца над 1.500,0/100.000 жители регистрирана во ЦЈЗ Струмица, ПЕ Дебар и ПЕ Свети Николе (Графикон 3).

 

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители,  сезона 2018/2019

grip 10 nedela slika 4

Во текот на сезоната 2018/19, регистрирани се вкупно 15 смртни случаи асоцирани со грип, на возраст од 5 до 86 години. Кај 12 лица е утврден коморбидитет.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 11.181 (63,4%), а највисока кумулативна инциденца од 1.696,3/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години.

Најголем број од пријавените случаи се регистрирани во февруари – 11.076 заболени или 62,8% (Графикон 4) (Табела 1 во Прилог).

 

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2018/2019

        grip 10 nedela slika 5

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, пристигнати се вкупно 628 материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот. Од пристигнатите материјали, 348 (55,4%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, сите инфлуенца А.

Според субтипот 275 (79%) се Influenza A(H1)pdm, 38 (10,9%) се Influenza A(H3), а 35 (10,1%) се Influenza А несуптипизиран (Графикон 5).

Графикон 5.  Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2018/2019

grip 10 nedela slika 6

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип го достигна пикот во 8-та недела. Од 9-та недела започна намалување на неделната инциденца, што се одржува и во текот на  10-тата  недела. Но,  процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор и оваа недела е над 65% што  укажува на одржување на висока активност на вирусот на грип. Во позитивните примероци, доминира вирусот на Influenza A(H1)pdm, а ко-циркулира и Influenza А(H3). Оваа сезона се одликува со задоцнет старт, продолжен период на висока активност и висока вирулентност на вирусот на грип, со голем број на пријавени сериозни респираторни инфекции и смртни исходи асоцирани со грип. Во наредниот период се очекува постепено намалување на активноста на вирусот на грип.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО).

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се вкупно 19.992 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,4% од вкупниот број на набавени вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 19.348 лица заклучно со 9-та недела на територијата на целата држава. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.977 лица (56,7%).

Од категоријата на здравствени работници, вакцинирано е 801 лице. Од вкупниот број вакцинирани, 14.111 лица (72,9%) се со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно податоците од почетокот на сезоната, во ПЗУ, вакцинирани се вкупно 50 лица., од нив 38% со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 9 недела/2019) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, во Европскиот регион се регистрира широка географска распространетост.

Оваа недела, позитивни се 41,8% (49% во минатата недела) од тестираните примероци од сентинел надзорите во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Во досегашниот период од оваа сезона, во сентинел надзорот предоминира инфлуенца А со

99,6% од позитивните резултати и предоминација на A(H1N1)pdm09 над A(H3N2).

Од  примероците  од редовниот надзор, околу две третини од позитивните се A(H1N1) pdm09.

Оваа сезона, во случаите со сериозна акутна респираторна инфекција доминира вирусот на инфлуенца тип А  во 90% од потврдените случаи, а од нив 81% се потврдени како A (H1N1) pdm09.

Генерално, тековните вакцини против грип имаат тенденција да делуваат подобро против вирусот на грип A(H1N1) pdm09 и вирусот на инфлуенца Б, отколку против вирусот на инфлуенца A(H3N2). Прелиминарните проценки за ефективноста на вакцината продолжуваат да ја поддржуваат употребата на вакцини.

Податоците од земјите-членки кои известуваат до EuroMOMO покажаа дека зголемената смртност кај лицата на возраст од 15-64 години и над 65 години регистрирана последниве недели, започнува да опаѓа.

На 21 февруари 2019 година, СЗО ги објави препораките за состав на вакцина против грип што ќе се користи во сезоната 2019-2020 година на северната хемисфера. Препораката за типот на инфлуенца Б е непроменета, за типот A (H1N1) pdm09 е ажурирана, а одлуката за типот A (H3N2) е одложена до 21 март 2019 година.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје на Република Македонија