ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 3-та недела од 2019 година (14.01-20.01.2019), во Република Македонија пријавени се 535 (I=25,9/100.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, што е зголемување за 90,4% во споредба со минатата недела.

Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 16,0% споредено со 3-та недела од минатата сезона (n=637), а во однос на бројот за 3-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 8 сезони) постои намалување од 73,7% (Графикон 1).

Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=35,07/100.000). Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

grip 1.1.

Како и во текот на сите претходни недели од почетокот на сезоната, така и во 3-та недела, најголем број заболени (n=416; 77,8%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 31,0/100.000 жители е регистрирана кај децата од возрасната група од 0-4 години.

Оваа недела пријавени се заболени лица од 19 извештајни единици. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар (n=183) каде е регистрирана и највисока инциденца (I=152,8/100.000) (Табела 1 во Прилог).

Во 12 извештајни единици се регистрира многу ниска, во 6 се регистрира ниска (сезонска), додека во една се регистрира средна активност на вирусот на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 3 недела 2019

3 nedela

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 2.230 (I=107,8/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=2.393), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 6,8%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=6.131) се регистрира намалување од 63,6%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од 25 извештајни единици.

Најголем број на заболени лица  се регистрирани во ПЕ Гостивар (n=485; 21,7%; I=404,9/100.000), ЦЈЗ Тетово (n=311; 13,9%; I=155,7/100.000) и ЦЈЗ Куманово (n=235; 10,5%; I=164,7/100.000) (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Гостивар. Висока инциденца над 200,0/100.000 жители регистрирана во ПЕ Кавадарци, ПЕ Свети Николе, ПЕ Дебар, ПЕ Македонски Брод, ПЕ Радовиш и ЦЈЗ Струмица (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 2. Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 3.3

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 1.591 (71,3%), а највисока кумулативна инциденца од 163,5/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 3. Дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 4.4

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци (Табела 1 во Прилог):

  • октомври – 51 заболен или 2,3%
  • ноември – 383 заболени или 17,2%
  • декември – 784 заболени или 35,2%
  • јануари – 1.012 заболени или 45,4%

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 3-тата недела од 2019, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 25 материјали за тестирање на грип, од кои 7 (28%) позитивни за присуство на вирусот на грип – пет Influenza A(H1N1)pdm09, еден Influenza A(H3) и еден Influenza A несубтипизиран.

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 80 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои 9 (11,3%) се позитивни на присуство на вирусот на грип, пет Influenza A(H1N1)pdm09, два Influenza A(H3) и два Influenza A несубтипизиран.

Графикон 4. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2018/2019

grip 5.5

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Бројот на регистрирани случаи на грип е под неделната граница на сезонска активност, иако се зголемува инциденцата и процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор. Активноста на грип е сé уште на многу ниско ниво и оваа недела, со очекување на пораст на активноста и достигнување на пик во следните недели.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО).

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се вкупно 19.942 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,2% од вкупниот број на набавени вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 19.328 лица заклучно со 3-та недела на територијата на Р. Македонија. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.957 лица или 56,7%, на возраст од 30-64 години – 7.370 лица или 38,1%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 196 или 1,0%. Вакцинирани се 4 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирано е 801 лице или 4,1%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 14.095 лица или 72,9% се со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно податоците од почетокот на сезоната, во ПЗУ Неуромедика, вакцинирани се вкупно 50 лица. Најголем дел од вакцинираните се во возрасната група од 30-64 години. Вакцинирана е една бремена жена и 11 здравствени работници. Од вкупниот број на вакцинирани лица во ПЗУ Неуромедика, 38,0% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 2 недела/2019) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, активноста на вирусот на грип во Европскиот регион продолжи да се интензивира. Земјите треба да продолжат да ја поттикнуваат вакцинацијата.

Оваа недела, позитивни се 42,2% (44,6% во минатата недела) од тестираните од сентинел надзорите во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Во досегашниот период од оваа сезона, во сентинел надзорот предоминира инфлуенца А со 98,6%, со заедничка циркулација на A(H3N2) и A(H1N1)pdm09.

Од примероците од редовниот надзор, околу две третини од позитивните се A(H1N1) pdm09.

Повеќето од хоспитализираните лабораториски потврдени инфекции со инфлуенца се поврзани со A(H1N1)pdm09 и се кај лица на возраст од 15-64 години.

Доминантните вируси кои циркулираат – A(H1N1)pdm09 и A(H3N2) се совпаѓаат со компонентите на вакцината, иако досега мал дел од нив се генетски и антигенски карактеризирани.

Податоците од земјите-членки кои известуваат до EuroMOMO покажаа дека смртноста од сите причини е на очекуваното ниво за ова време од годината иако во мал дел од земјите се регистрира пораст.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје