ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 46-та недела од 2018 година (од 12.11.2018 – 18.11.2018), во Република Македонија пријавени се 87 (I=4,2/100.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слуични на грип, што е зголемување за 3,6% во споредба со минатата недела.

Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 29,9% споредено со 46-та недела од минатата сезона (n=67), а во однос на бројот за 46-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 8 сезони) постои намалување од 5,0% (Графикон 1).

Пријавениот број на случаи е под бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (n=726). Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

griip1

Како и претходната, во 46-та недела најголем број заболени (n=53; 60,9%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 6,9/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата од 0-4 години.

Оваа недела пријавени се заболени лица од 16 извештајни единици, од кои во три извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е над 10. Најголем број заболени се пријавени од Куманово (n=21) и Тетово (n=13).

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на заболени од грип изнесува 270 (I=13,0/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=367), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 26,4%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=438) се регистрира намалување од 38,3%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од 19 извештајни единици, а во 7 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е ≥10. Најголем број на заболени лица (n=66; 24,4%; I=46,3/100.000) се регистрирани во ЦЈЗ Куманово, а највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Свети Николе (I=68,3/100.000).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 166 случаи (61,5%), а највисока кумулативна инциденца од 31,0/100.000 се регистрира кај најмалите, децата од 0-4 години.

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 46-тата недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ не се пристигнати материјали за тестирање на грип.

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 6 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, сите тестирани негативни за присуство на вирусот на грип.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • бремени жени, во било кој стадиум од бременоста
  • деца на возраст од 6 месеци до 5 години
  • постари лица на возраст од 65 години и повеќе,
  • лицата со хронични заболувања и состојби на намален имунитет
  • здравствени работници.

За првпат, од оваа сезона на инфлуенца, во Р. Македонија започна бесплатна вакцинација против инфлуенца за одредена категорија на население. За таа намена, Министерството за здравство набави 28.000 дози за лицата постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија и без примања. Дополнителни 18.167 дози се набавени од страна на Центрите за јавно здравје како комерцијални вакцини за останатото население.

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува ЦЈЗ/ПЕ, како и претходните сезони со тоа што за прв пат од оваа сезона, закажувањето за бесплатните вакцини е преку матичен лекар во системот Мој Термин.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 05.11.2018, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 15.654 лица со бесплатни вакцини, односно 55,9% од вкупниот број на набавени вакцини (Табела 1 во Прилог).

Табела 1. Вакцинирани лица со бесплатна вакцина, по ЦЈЗ/ПЕ, Р. Македонија, сезона 2018/2019

 gripp2

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 16.073 лица заклучно со 46-та недела на територијата на РМ. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 9.111 лица или 56,7%, на возраст од 30-64 години – 6.134 лица или 38,2%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 137 или 0,9%. Вакцинирани се 4 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 687 лица или 4,3%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 11.688 лица или 72,7% се со историја на хронично/и заболување/а.

Од вкупниот број на извештајни единици (31), две – ЦЈЗ Скопје и ПЕ Неготино не доставија извештај за вакцнирани во 46-та недела, додека две извештајни единици – ПЕ Делчево и ПЕ Свети Николе воопшто немаат испратено извештај за набавени и потрошени комерцијални вакцини од почетокот на вакцинацијата.

Во текот на 46-та недела, пристигнат е еден извештај за вакцинирани лица против сезонски грип во ПЗУ Неуромедика. Согласно податоците, во ПЗУ Неуромедика, вакцинирани се вкупно 35 лица од вкупно 200 набавени вакцини (17,5%). Најголем дел од вакцинираните (42,9%) се во возрасната група од 30-64 години. Од вкупниот број на вакцинирани лица во ПЗУ Неуромедика, 40,0% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 45 недела/2018) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019 во Европа, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво со спорадична или локална детекција на вируси на грип, вообичаено за овој период од годината. Оваа недела, позитивни се 1% од тестираните од сентинел надзорите во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Досега предоминира инфлуенца А со 85%, а 64,3% од нив се субтипизирани како A(H1N1)pdm09.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје