ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 5-та недела од 2019 година (28.01-03.02.2019), во Република Македонија пријавени се 1.252 (I=60,5/100.000) случаи со симптоми на грип/ заболувања слични на грип, што е речиси двојно зголемување во споредба со минатата недела (n=643).

Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 37,4% споредено со 5-та недела од минатата сезона (n=2.001), а во однос на бројот за 5-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 8 сезони) постои намалување од 62,7% (Графикон 1).

Регистрираната инциденца oваа недела за прв пат оваа сезона е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (35,1/100.000) (Графикон 1).

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 50 материјали за тестирање на грип, од кои 28 (56%) позитивни за присуство на вирусот на грип – 24 Influenza A(H1N1)pdm09, 2 Influenza A(H3) и 2 Influenza А несуптипизиран.

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

grip 5 nedela sl 1

Како и во текот на сите претходни недели од почетокот на сезоната, така и во 5-та недела, најголем број заболени (n=826; 66,0%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 91,6/100.000 жители е регистрирана кај децата од возрасната група од 5-14 години (Гарфикон 3).

Оваа недела пријавени се заболени лица од 25 извештајни единици. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Струмица (n=176), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кратово (I=313,5/100.000) (Табела 1 во Прилог).

Во 6 извештајни единици се регистрира многу ниска, во 15 се регистрира ниска (сезонска), во 3 се регистрира средна, додека во една – висока активност на вирусот на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 5 недела 2019

5 nedela

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 4.125 (I=199,4/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=5.479), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 24,7%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=12.334) се регистрира намалување од 66,6%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од 29 од вкупно 31 извештајна единица.

Најголем број на заболени лица  се регистрирани во ПЕ Гостивар (n=644; 15,6%; I=537,7/100.000), ЦЈЗ Тетово (n=469), ЦЈЗ Струмица (n=418) и ЦЈЗ Скопје (n=418) (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца од 666,5/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Дебар каде се регистрирани вкупно 185 заболени лица. Висока инциденца над 400,0/100.000 жители регистрирана во ПЕ Кавадарци, ПЕ Свети Николе, ПЕ Делчево, ПЕ Кратово, ЦЈЗ Струмица и ПЕ Гостивар (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

 

Графикон 2. Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 5 nedela sl 3

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 2.874 (69,7%), а највисока кумулативна инциденца од 304,7/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 3. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 5 nedelaaaa

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци (Табела 1 во Прилог):

  • октомври – 51 заболен или 1,2%
  • ноември – 383 заболени или 9,3%
  • декември – 784 заболени или 19,0%
  • јануари – 2.907 заболени или 70,5%

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, пристигнати се вкупно 149 материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот. Од пристигнатите материјали, 49 (32,9%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, сите инфлуенца А. Според субтипот  39 (79,6%) се Influenza A(H1N1)pdm, 6 (12,2%) се Influenza A(H3), а 4 (8,2%) се Influenza А несуптипизиран (Графикон 4).

Графикон 4. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2018/2019

grip 5 nedelaa

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип е над неделната граница на сезонска активност, што укажува на задоцнет старт на сезоната во Р. Македонија  (5 недели по очекуваното согласно моделот за последните 8 сезони). Процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор оваа недела е 56% што укажува на висока активност на вирусот на грип. Во позитивните примероци (28) во кои е докажано присуство на вирусот на инфлуенца, доминира вирусот на инфлуенца - Influenza A(H1N1)pdm. Се очекува пораст на активноста на вирусот и достигнување на пик на сезоната на грип во текот на следните недели.

 

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО).

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се вкупно 19.960 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,3% од вкупниот број на набавени вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 19.328 лица заклучно со 5-та недела на територијата на Р. Македонија. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.957 лица или 56,7%, на возраст од 30-64 години – 7.370 лица или 38,1%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 196 или 1,0%. Вакцинирани се 4 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирано е 801 лице или 4,1%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 14.095 лица или 72,9% се со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно податоците од почетокот на сезоната, во ПЗУ Неуромедика, вакцинирани се вкупно 50 лица. Најголем дел од вакцинираните се во возрасната група од 30-64 години. Вакцинирана е една бремена жена и 11 здравствени работници. Од вкупниот број на вакцинирани лица во ПЗУ Неуромедика, 38,0% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 4 недела/2019) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, активноста на вирусот на грип во Европскиот регион продолжи да се интензивира. Земјите треба да продолжат да ја поттикнуваат вакцинацијата.

Оваа недела, позитивни се 51,3% (48,8% во минатата недела) од тестираните од сентинел надзорите во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Во досегашниот период од оваа сезона, во сентинел надзорот предоминира инфлуенца А со 98,8%, со заедничка циркулација на A(H1N1)pdm09 и A(H3N2).

Од примероците од редовниот надзор, околу две третини од позитивните се A(H1N1) pdm09.

Повеќето од хоспитализираните лабораториски потврдени инфекции со инфлуенца се поврзани со A(H1N1)pdm09 и се кај лица на возраст од 15-64 години.

Доминантните вируси кои циркулираат – A(H1N1)pdm09 и A(H3N2) се совпаѓаат со компонентите на вакцината, иако досега мал дел од нив се генетски и антигенски карактеризирани.

Податоците од земјите-членки кои известуваат до EuroMOMO покажаа дека смртноста од сите причини е над очекуваното ниво за ова време од годината.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје