Неделни податоци

Во текот на 11-та недела од 2019 година (11.03-17.03.2019), во Република Северна Македонија се пријавени 1.573 (I=117,4/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е за 35,2% намалување во споредба со минатата недела (n=2.429).

Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 20,6% споредено со 11-та недела од минатата сезона, а во однос на просекот за 11-та недела  од  последните 8 сезони, постои зголемување за 2,1 пати  (Графикон 1).

Регистрираната инциденца оваа недела е над неделната граница на сезонска активност на вирусот на грип (Графикон 1).

Во текот на изминатата недела, регистрирани се 7 смртни случаи асоцирани со грип, два од нив со датум на смрт во претходните две недели. Се работи за 3 лица од Скопје, две од Кичево и по едно лице од Ресен и Валандово. Возраста на починатите се движи од 37-82 години.

Кај 5 лица е утврдена претходна хронична болест, односно постоење на ко-морбидитет.

Кај 43% од починатите потврден е А(H1pdm) вирусот на грип.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 84 материјали за тестирање на грип, од кои 39 (46,4%) позитивни за присуство на вирусот на грип – 31 Influenza A(H1)pdm, 2 Influenza A(H3) и 6 Influenza А несуптипизиран (Графикон 5).

Графикон 1.  Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

грип 11 недела слика 1

Како и во текот на претходните недели од почетокот на сезоната, така и во 11-та недела, најголем број заболени (n=1.003; 63,7%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 130,8/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години (Гарфикон 2).

 

Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

грип 1 1недела слика 2

Оваа недела пријавени се заболени лица од 27 извештајни единици. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=370), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци (I=288,1/100.000).

Регистрираната активност на вирусот на грип во 11 недела е прикажана на Картограм 1.

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 11 недела 2019

грип 11 картограм 3

 

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 19.204 (I=928,1/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 14,3%, а во однос на моделот за последните 8 сезони, исто така се регистрира намалување од 22,7%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите извештајни единици (31).

Најголем број на заболени лица се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=3.293), ЦЈЗ Струмица (n=2.279),

ПЕ Кавадарци (n=1.751) и ЦЈЗ Битола (n=1.370) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца од 4.068,9/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци. Висока инциденца над 1.500,0/100.000 жители регистрирана во ЦЈЗ Струмица, ПЕ Дебар, ПЕ Свети Николе и ПЕ Кратово (Графикон 3).

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

грип 11 слика 4

Во текот на сезоната 2018/19, регистрирани се вкупно 22 смртни случаи асоцирани со грип, на возраст од 5 до 86 години. Најголем број од починатите лица се жители на подрачјето на ЦЈЗ Скопје (12), 3 лица се од Охрид, 2 од Кичево и по еден смртен случај е пријавен во Кавадарци, Делчево, Тетово, Ресен и Валандово. Кај 17 лица е утврдено постоење на коморбидитет.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 12.184 (63,4%), а највисока кумулативна инциденца од 1.827,1/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години.

Најголем број од пријавените случи се регистрирани во февруари – 11.076 заболени или 62,8% (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2018/2019

 грип 11 слика 5

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, пристигнати се вкупно 712 материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот.

Од пристигнатите материјали, 387 (54,4%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, сите инфлуенца А.

Според субтипот 306 (79,1%) се Influenza A(H1)pdm, 40 (10,3%) се Influenza A(H3), а 41 (10,6%) се Influenza А несуптипизиран (Графикон 5).

Графикон 5.  Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2018/2019

грип 11 слика 6

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип го достигна пикот во 8-та недела, од кога започна намалување на неделната инциенца кое континуирано се одржува во текот на последните три недели. Намалувањето на процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор под 50%, исто така укажува на намалување на активност на вирусот на грип. Во позитивните примероци, доминира вирусот на инфлуенца – Influenza A(H1)pdm, а ко-циркулира и Influenza А(H3).

Оваа сезона се одликува со задоцнет старт и висока вирулентност на вирусот на грип со голем број на пријавени сериозни респираторни инфекции и смртни исходи асоцирани со грип.

Се очекува да продолжи трендот на постепено намалување на активноста на вирусот на грип и во наредниот период.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО).

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се вкупно 19.992 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,4% од вкупниот број на набавени вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 19.348 лица заклучно со 9-та недела на територијата на целата држава. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.977 лица (56,7%). Од категоријата на здравствени работници, вакцинирано е 801 лице. Од вкупниот број вакцинирани, 14.111 лица (72,9%) се со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно податоците од почетокот на сезоната, во ПЗУ, вакцинирани се вкупно 50 лица. Најголем дел од вакцинираните се во возрасната група од 30-64 години. Од вкупниот број на вакцинирани лица, 38,0% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 10 недела/2019) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, во Европскиот регион се регистрира широка географска распространетост.

Оваа недела, позитивни се 42,8% (41,8% во минатата недела) од тестираните примероци од сентинел надзорите во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Во текот на сезоната 2018/2019, субтиповите на инфленца А широко циркулираат, со тоа што некои земји регистрираат ко-циркулација, додека други земји пријавуваат доминација на A(H1N1)pdm09 или на A(H3N2) субтипот.

Од почетокот на 40 недела, над 90% од инфлуенца А вирусите детектирани од САРИ (сериозна акутна респираторна инфекција) случаи беа субтипизирани, а 81% од нив беа A(H1N1)pdm09.

Генерално, тековните вакцини против грип имаат тенденција да делуваат подобро против вирусот на грип A(H1N1) pdm09 и вирусот на инфлуенца Б, отколку против вирусот на инфлуенца A(H3N2).

Прелиминарните проценки за ефективноста на вакцината продолжуваат да ја поддржуваат употребата на вакцини. Првичните податоци сугерираат дека вакцините се ефикасни, но проценките се разликуваат во зависност од испитуваната популација и пропорциите на субтипови на циркулирачки вируси А.

Податоците од земјите-членки кои известуваат до EuroMOMO покажуваат дека зголемената смртност кај лицата продолжува да опаѓа.

Зголемена смртност се бележи во возрасната група над 65 години, а помалку во возрасната група од 15-64 години.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија