Неделни податоци

Во текот на 12-та недела од 2019 година (18.03-24.03.2019), во Република Северна Македонија се пријавени 975 (I=47,1/100.000) случаи на грип/заболувања слични на грип, што е за 38% помал број во однос на минатата недела (n=1.573).

Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 40,7% споредено со 12-та недела од минатата сезона, а во однос на бројот за 12-та недела од типичната епидемиска крива за последните 8 сезони постои зголемување за околу 2 пати  (Графикон 1).

 

Регистрираната инциденца и оваа недела е над неделната граница на сезонска активност на вирусот на грип (Графикон 1).

 

Во текот на изминатата недела, регистриран е еден смртен случај асоциран со грип, кај жител на Кавадарци. Починатото лице е на возраст од 63 години, со утврдена претходна хронична болест/ко-морбидитет. Кај починатото лице потврден е А(H1pdm) вирусот на грип.

 

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 51 материјал за тестирање на грип, од кои 23 (45,1%) се позитивни за присуство на вирусот на грип. Од позитивните, 10 припаѓаат на Influenza A(H1)pdm подтипот, 7 се Influenza A(H3) и 6 Influenza А несуптипизирани (Графикон 5).

grip 12 nedela slika 1

Графикон 1.  Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

Како и во текот на претходните недели од почетокот на сезоната, така и во 12-та недела, најголем број заболени (n=619; 63,5%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 94,7/100.000 жители е регистрирана кај децата од возрасната група од 0-4 години (Грaфикон 2).

slika 2222

Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

Оваа недела пријавени се заболени лица од 23 извештајни единици. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=206), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на ПЕ Ресен (I=159,0/100.000) и ПЕ Кавадарци (I=151,0/100.000) (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 12 недела 2019

kartogram 12 ned

Кумулативни податоци

 

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 20.179 (I=975,2/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=23.097), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 12,6%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=25.275) се регистрира намалување од 20,2%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите извештајни единици (31).

Најголем број и процент на заболени лица се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=3.499; 17,3%),            ЦЈЗ Струмица (n=2.408; 11,9%), ПЕ Кавадарци (n=1.816; 9%) и Пе Гостивар (n=1.403; 7%)   (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца од 4.219,9/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци. Висока инциденца над 1.500,0/100.000 жители регистрирана е во ЦЈЗ Струмица, ПЕ Дебар, ПЕ Свети Николе, ПЕ Кратово, ПЕ Ресен и ЦЈЗ Прилеп (Графикон 3).

4444

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

Во текот на сезоната 2018/19, регистрирани се вкупно 23 смртни случаи асоцирани со грип, на возраст од 5 до 86 години. Најголем број од починатите лица се жители на подрачјето на ЦЈЗ Скопје (12), 3 лица се од Охрид, по 2 од Кичево и Кавадарци и по еден смртен случај е пријавен во Делчево, Тетово, Ресен и Валандово. Кај 18 лица (78,3%) е утврдено постоење на коморбидитет.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 12.803 (63,4%), а највисока кумулативна инциденца од 1.921,8/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години.

 

 

Најголем број од пријавените случи се регистрирани во февруари месец – 11.076 заболени или 54,9%, за 3 недели од март  – 4978 заболени лица или  24,7% (Графикон 4).

5555555

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2018/2019

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, пристигнати се вкупно 763 материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот.

Од пристигнатите материјали, 410 (53,7%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, сите инфлуенца А.

Според субтипот 316 (77,0%) се Influenza A(H1)pdm, 47 (11,5%) се Influenza A(H3), а 47 (11,5%) се Influenza А несуптипизиран.

 

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

По достигнување на пикот во 8-та недела, инциденцата на регистрираните случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип на неделно ниво започна да се намалува и овој тренд се одржува во текот на последните четири недели. Иако значително побавно, се намалува и процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор, што исто така укажува на постепено намалување на активност на вирусот на грип. Во позитивните примероци, сéуште е доминантен подтипот вирусот на инфлуенца – Influenza A(H1)pdm, а ко-циркулира и Influenza А(H3).

Оваа сезона се одликува со задоцнет старт и висока вирулентност на вирусот на грип со голем број на пријавени сериозни респираторни инфекции и смртни исходи асоцирани со грип.

Се очекува да продолжи трендот на постепено намалување на активноста на вирусот на грип и во наредниот период.

 

 

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО).

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се вкупно 19.992 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,4% од вкупниот број на набавени вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 19.348 лица заклучно со 9-та недела на територијата на целата држава. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.977 лица (56,7%). Од категоријата на здравствени работници, вакцинирано е 801 лице. Од вкупниот број вакцинирани, 14.111 лица (72,9%) се со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно податоците од почетокот на сезоната, во ПЗУ, вакцинирани се вкупно 50 лица. Најголем дел од вакцинираните се во возрасната група од 30-64 години. Од вкупниот број на вакцинирани лица, 38,0% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 11 недела/2019) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, во една третина од земјите на Европскиот регион се регистрира широка географска распространетост (главно во северните, јужните и западните региони).

Оваа недела, позитивни се 34,1% од тестираните примероци во однос на 42,8% минатата недела, од сентинел надзорот во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Во досегашниот тек на сезоната 2018/2019, лесно превалира A(H1N1)pdm09 во однос на A(H3N2) субтипот. Главно субтиповите на инфленца А широко циркулираат, со тоа што некои земји регистрираат ко-циркулација, додека други земји пријавуваат доминација на A(H1N1)pdm09 или на A(H3N2) субтипот. Само неколку инфлуенца Б вируси се детектирани досега.

Од почетокот на 40 недела, над 90% од инфлуенца А вирусите детектирани од САРИ (сериозна акутна респираторна инфекција) случаи беа субтипизирани, а 80% од нив беа A(H1N1)pdm09.

Генерално, тековните вакцини против грип имаат тенденција да делуваат подобро против вирусот на грип A(H1N1) pdm09 и вирусот на инфлуенца Б, отколку против вирусот на инфлуенца A(H3N2).

Прелиминарните проценки за ефективноста на вакцината продолжуваат да ја поддржуваат употребата на вакцини. Првичните податоци сугерираат дека вакцините се ефикасни, но проценките се разликуваат во зависност од испитуваната популација и пропорциите на субтипови на циркулирачки вируси А.

Податоците од земјите-членки кои известуваат до EuroMOMO покажуваат дека зголемената смртност кај лицата продолжува да опаѓа.

Зголемена смртност се бележи во возрасната група над 65 години, а помалку во возрасната група од 15-64 години.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија