Неделни податоци

Во текот на 13-та недела од 2019 година (25.03-31.03.2019), во Република Северна Македонија се пријавени 478 (I=23,1/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е за 51,0% намалување во споредба со минатата недела (n=975).

Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 23,8% споредено со 13-та недела од минатата сезона (n=386), а во однос на бројот за 13-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 8 сезони) постои зголемување за 85,9%  (Графикон 1).

Регистрираната инциденца оваа недела е под неделната граница на сезонска (ниска) активност на вирусот на грип, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).

Во текот на изминатата недела, регистрирани се 5 смртни случаи асоцирани со грип, од тоа кај 2 лица е утврдена претходна хронична болест/ ко-морбидитет. Смртните случаи се регистрирани кај лица од Скопје, Делчево, Крива Паланка, Охрид и Тетово. Возраста на починатите се движи од 39-75 години.

Кај три лица од починатите е изолиран А(H1pdm) вирусот на грип, а кај еден несубтипизиран тип А.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 23 материјали за тестирање на грип, од кои 9 (39,1%) позитивни за присуство на вирусот на грип – 6 Influenza A(H1)pdm, 2 Influenza A(H3) и еден Influenza А несуптипизиран (Графикон 5).

 

Графикон 1.  Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

grip 13 nedela   slika 1

 

 

Во 13-та недела, најголем број заболени лица (n=303; 63,4%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 51,6/100.000 жители е регистрирана кај децата од возрасната група од 0-4 години (Гарфикон 2).

 

Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 13 nedela slika 2

Оваа недела пријавени се заболени лица од 22 извештајни единици. Најголем број заболени лица се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=97), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци (I=79,5/100.000) (Табела 1 во Прилог).

Во пет извештајни единици се регистрира ниска,  во 17 – многу ниска и во 9 извештајни единици не е регистрирана активност на вирусот на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 13 недела 2019

grip 13 nedela slika 3

 

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 20.657 (I=998,3/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=23.483), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 12,0%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=25.532) се регистрира намалување од 19,1%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите извештајни единици (31).

Најголем број на заболени лица се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=3.596), ЦЈЗ Струмица (n=2.438), ПЕ Кавадарци (n=1.850) и ЦЈЗ Прилеп (n=1.508) (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца од 4.298,9/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци. Висока инциденца над 1.500,0/100.000 жители, регистрирана е во ЦЈЗ Струмица, ПЕ Дебар, ПЕ Свети Николе, ПЕ Кратово и ЦЈЗ Прилеп (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 13 nedela slika 4

Во текот на сезоната 2018/19, регистрирани се вкупно 28 смртни случаи асоцирани со грип, на возраст од 5 до 86 години. Најголем број од починатите лица се жители на подрачјето на ЦЈЗ Скопје (13), 4 лица се од Охрид, по 2 од Кичево, Кавадарци, Делчево и Тетово, и по еден смртен случај е пријавен во Ресен, Крива Паланка и Валандово. Кај 20 лица (71,4%) е утврдено постоење на коморбидитет.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 13.106 (63,4%), а највисока кумулативна инциденца од 1.973,5/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години (Табела 1 во Прилог).

Најголем број од пријавените случи се регистрирани во февруари – 11.076 заболени или 53,6%

(Графикон 4) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2018/2019

grip 13 nedela slika 5

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, пристигнати се вкупно 787 материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот. Од пристигнатите материјали, 418 (53,1%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, сите инфлуенца А. Според субтипот 283 (67,7%) се Influenza A(H1)pdm, 49 (11,7%) се Influenza A(H3), а 86 (20,6%) се Influenza А несуптипизиран (Графикон 5).

Графикон 5.  Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2018/2019

 grip 13 nedela slika 6

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Инциденцата на регистрираните случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип на неделно ниво, го достигна пикот на заболувањето во 8-та недела.

Потоа, бројот на заболените лица започна да се намалува, и овој тренд очекуваме да продолжи и во текот на следните недели.

Намалување на процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор, исто така укажува на постепено намалување на активност на вирусот на грип. Меѓу позитивните изолати, сéуште е доминантен подтипот вирусот на инфлуенца – Influenza A(H1)pdm, а ко-циркулира и Influenza А(H3), додека 20,6% се Influenza А несуптипизирани

Оваа сезона се одликува со задоцнет старт и задоцнет пик на заболувањето, висока вирулентност на вирусот на грип, со голем број на пријавени сериозни респираторни инфекции и смртни исходи асоцирани со грип.

Во следниот период се очекува да продолжи трендот на постепено намалување на активноста на вирусот на грип.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 12 недела/2019) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, од 45 земји во Европскиот регион кои известуваат за географска распространетост само 11 пријавиле широка географска распространетост (главно во северните, јужните и западните региони). Ниту една земја не пријавила висок интензитет на вирусот на инфлуенца.

Оваа недела, позитивни се 38% од тестираните примероци слично како и минатата недела (39%), според сентинел надзорот во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Податоците од земјите-членки кои известуваат до EuroMOMO покажуваат дека зголемената смртност кај лицата регистрирана претходните недели се врати на нормално ниво.

Во тек на сезоната 2018/2019, двата субтипови на инфленца А циркулираат, со тоа што некои земји регистрираат ко-циркулација, додека други земји пријавуваат доминација на A(H1N1)pdm09 или на A(H3N2) субтипот.

Од почетокот на 40 недела, 90% од инфлуенца А вирусите детектирани од САРИ (сериозна акутна респираторна инфекција) случаи беа субтипизирани, а 80% од нив беа A(H1N1)pdm09.

Генерално, тековните вакцини против грип имаат тенденција да делуваат подобро против вирусот на грип A(H1N1) pdm09 и вирусот на инфлуенца Б, отколку против вирусот на инфлуенца A(H3N2). Прелиминарните проценки за ефективноста на вакцината продолжуваат да ја поддржуваат употребата на вакцините. Првичните податоци сугерираат дека вакцините се ефикасни, но проценките се разликуваат во зависност од испитуваната популација и пропорциите на субтипови на циркулирачки вируси А.

 

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија