Физиологија и мониторинг на исхрана

body analyzerИнститутот за јавно здравје на Република Македонија има чест да Ве извести дека во Одделението за физиологија и мониторинг на исхрана при Институтот е набавен најсовремен апарат за индивидуална проценка и анализа на телесниот состав. Во рамките на постојаните настојувања за подобрување и осовременување на методите за проценка на ризиците по здравјето поврзани со состојби како што се зголемена телесна тежина, здебеленост или недоволна ухранетост, кон кои ИЈЗ континуирано се стреми, воведувањето на оваа методологија ќе биде дополнителен импулс во пристапот кон оваа актуелна проблематика. Времето на постојан технолошки напредок во кое живееме бара неопходни прилагодувања во науката базирана на докази. Како институција од терциерно ниво во превентивната медицина, ИЈЗ преку своето Одделение за физиологија и мониторинг на исхрана, го следи тој тренд и настојува во најголема можна мера да се доближи до најновите достигнувања во областа на исхраната и проценката на здравствени ризици поврзани со неа.

Анализаторот на телесниот состав ги следи следните параметри на телесен состав:

  • Телесна тежина;
  • Процент на масти во телото;
  • Маса на масно ткиво;
  • Маса на немасно ткиво;
  • Проценка на маса на мускулно ткиво;
  • Вкупна количина на телесна вода;
  • Одредување на базален метаболизам;
  • Проценка на дневни енергетски потреби;
  • Граници на оптимални содржини на телесни масти;
  • Распореденост на телесните масти по сегменти на телото.

Преку податоците добиени од апаратот заедно со дополнителни антропометриски, клинички испитувања и совети од стручниот тим на лекари во Одделението, се нуди индивидуален пристап со комплетна проценка на телесниот состав и насоки за спроведување на диететски режим и животен стил кој ќе придонесе кон постигнување на телесните карактеристики кои ќе ги намалат ризиците по здравјето.

Проблемите поврзани со зголемената телесна тежина и здебеленоста се едни од најголемите ризици за појава на хронични незаразни болести. Отвореноста на пазарот за разни додатоци на храна, нестручниот пристап кон овие прашања и трагањето по брзи решенија се прашања кои се високо на агендата не само на нашето, туку и на многу економски поразвиени општества. Преку пристапот кој го воведуваме имаме интенција да придонесеме кон научниот пристап во третирањето на проблемите на зголемената телесна тежина, здебеленост и диететскиот режими кои придонесуваат кон решавање на тие проблеми.