slikavovedДенес, репрезентативноста на јавно-здравствениот сегмент во државата преку активностите на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија и 10-те регионални центри, сигнификантна е на осмислениот и реализиран квантум на експертски мислења, извидувања и контроли, аналитички иследувања и процена на ризик, во креирање на посебностите од терен како индивидуална слика, сé до нивно збирно анализирање како општа слика. Изминатиот период претставуваше круна на сериозните активности во креирањето на современ систем на превентивна медицинска заштита, односно како основен инструмент на управување со дефинирање на приоритетните проблеми и превземање на адекватни решенија на национално, регионално и локално ниво.

Категоричен императив во имплементацијата на националната стратегија на превентивно-медицинската дејност е подобрување на здравјето на населението во Република Северна Македонија, преку санирање на компонентите на здравјето и анимирање на сите кои посредно или непосредно влијаат врз актуелната состојбата.

За остварување на ваквите заложби пред оваа генерација се исправени предизвиците на имплементирањето на светски референтни станарди и континуирано следење и обука на современите аналитичко-дијагностички процедури, што треба да е резултат на максималните заложби и труд, ентузијазам, креативност и професионалност на сите актери во нашата институција и сите професионалци од јавно здравствената дејност.

МИСИЈА

Да го унапреди здравјето и општата благосостојба на населението преку научно базирани сознаниа,добри практики,информации и организациони партнерства и влијание на  оржливи јавно здравствени политики .

 

ВИЗИЈА

Здраво население, во здрава и безбедна животна средина, одржлив здравствен систем  и  сигурност од глобални и локални јавно-здравствени закани.

 

НАШИТЕ ВРЕДНОСТИ

Квалитет- Ние го надградуваме квалитетот  преку обезбедување на соодветно ниво на извонредност во процесот на пружање услуги засновани на висок степен на знаење, компетентност на нашиот научен и стручен персонал и примена на меѓународно акредитирани методи и лаборатории.

Традиција-Ние се гордееме со нашата долгораочна традиција бидејќи таа е втемелена во процесот на реализација на нашите активности како морална обврска на вработените со цел да ја оправдаме довербата стекната од клиентите и партнерите.

Ефективност-  во реализација на нашата дејност ние се водиме од оправданоста на инвестициите и потрошените средства преку користење на докази, научни факти и добра практика за постигнување оптимални резултати .

Партнерство.- Нашата работа е базирана врз  изградба на пртнества и соработката со  наштите долгорочни партнери во земјата и во странство врз основа на меѓусеба доверба.

Одговорност.- Базирана врз принципот на правичност и човековото достоинство, ние се чуствуваме одговорни за целото население во Република Северна Македонија за нивното здравје и благосостојба.

 

НАЧЕЛА НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ

Јавното здравје е систем од знаења и вештини за спречување на болести, продолжување на животот и унапредување на здравјето преку организирани напори на општеството.

ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија како национална здравствена институција е првата линија на реализацијата на таквата цел,која ја  реализира преку обезбедување на соодветен  ниво на извонредност во процесот на пружање своите услуги , засновани на највисокиот степен на знаење кое е достапно и применливо во Република Северна Македонија начелата на :

  1. Одговорност за здравјето на населението и водечката улога на државата во зачувување и унапредување на здравјето на населението;
  2. Сеопфатност на мерки и активности со фокус на населението како целина и на одделни социјални групи и кон социоекономските детерминанти на здравјето и најзначајните фактори на ризик;
  3. Меѓусекторска соработка, мултидисциплинарен и интердисциплинарен пристап за унапредување на здравјето – кој се постигнува со постојано подобрување на соработката со здравствени установи вклучени во областа на јавното здравство со други учесниците во јавното здравје;
  4. Научна основа и сеопфатност во собирањето на податоци преку квантитативни и квалитативни методи – што значи активност на јавно здравство врз основа на научно докажани и проверени методи и процедури кои се користат со цел да се промовира и да се зачува здравјето на населението;
  5. Партнерство со населението и зајакнување на граѓанските иницијативи во областа на јавното здравје – кои се реализираат зголемување на свеста за важноста на грижата за сопственото здравје;
  6. Ефикасноста и ефективноста во јавното здравје – кои се реализираат со постигнување на најдобри можни резултати во однос на расположливите финансиски ресурси, односно постигнување на највисоко можно ниво на здравје со најниска потрошувачка ресурси;

Акредитација и сертификација

Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија (ЈЗУ ИЈЗ), како институција со долгогодишно искуство во здравствената дејност е трајно определен да одржува високи стандарди и квалитет во сите свои дејности и контиунирано да го унапредува своето реноме и углед. Оваа своја определба ја остваруваме со примена на дефинирана Политика за квалитет, која нè обврзува на соодветна организација на работењето, доделување на овластувања и одговорности што ќе обезбедат добра професионална пракса и ќе се овозможи одржување високи стандарди на квалитет на услугите во сите области од работата. Сите активности во ЈЗУ ИЈЗ се спроведуваат на непристрасен, независен, објективен и доверлив начин.

Препознавајќи го значењето на примената на стандардите за квалитет во своето работење ЈЗУ ИЈЗ започна со активности за нивна имплементација уште многу одамна.  Лабораториите од ЈЗУ ИЈЗ кои се дел од Центарот за референтни лаборатории беа меѓу првите во Македонија кои се акредитираа согласно барањата на стандардот ISO 17025:2006. Првиот сертификат за акредитација на лабораториите за тестирање и калибрација според ISO 17025:2006, ЈЗУ ИЈЗ го доби на 25.12.2006 година, доделен од страна на Институтот за акредитација на Република Македонија. Оттогаш, ЈЗУ ИЈЗ редовно ја унапредува својата работа и ги следи новите барања за обезбедување квалитет во работата што се потврдува и со редовните годишни проверки од Институтот за акредитација на Република Северна Македонија. Стручноста и компетентноста на лабораториите се потврдува и со редовното успешно учество во шеми за тестирање на оспособеноста и меѓулабораториски споредби во земјата и странство.

Основната цел на воспоставениот систем за квалитет е задоволување на барањата од прописите и други нормативни документи како и барањата на корисниците на услуги што се рефлектира преку издавање точни и квалитетни резултати од испитувањата, како и почитување на роковите и правовремено изведување на активностите. Сите вработени во ЈЗУ ИЈЗ се запознати со Политиката за квалитет и се вклучени во документираниот систем на управување, користат процедури и работни упатства кои доследно ги спроведуваат во својата работа. За правилно функционирање на сертифицираниот систем за квалитет одговорен е наименуван претставник од страна на раководството – Менаџер за квалитет. На ваков начин, раководството на ЈЗУ ИЈЗ ја истакнува својата посветеност и заложба за развој, а секој од вработените согласно сопствените овластувања и одговорности придонесува за подобрување на ефективноста на работа на институцијата.

Институтот за јавно здравје се стреми да ги следи светските достигнувања во областа на аналитиката и во секој момент да биде подготвен да одговори на барањата и потребите на корисниците на услуги и инспекциските тела. Лабораториите за тестирање кои припаѓаат на Центарот за референтни лаборатории и Секторот за контрола и испитување на лекови во ЈЗУ ИЈЗ се акредитирани за испитување на храна (квалитет и безбедност – микробиологија, пестициди, тешки метали, микотоксини, радиологија), вода за пиење, минерална вода и површинска вода (квалитет и безбедност, содржина на гама-радионуклиди, алфа и бета активност), почва и атмосферски талози, градежни материјали,  лекови и предмети за општа употреба (играчки, пластични предмети и керамика) и материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Лабораторијата за калибрација е акредитирана за калибрација на инструменти за детекција на јонизирачко зрачење.

 

Опсегот на акредитација вклучува околу 70 методи за тестирање и 4 методи за калибрација, а списокот на акредитирани методи по лаборатории може да се најде на следните линкови:

http://www.iarm.gov.mk/files/Akreditirani-tela/Laboratorii/OB05-25_LT-005.pdf

http://www.iarm.gov.mk/files/Akreditirani-tela/Laboratorii/OB05-32_LK-008.pdf

 

Последната реакредитација на лабораториите за тестирање е извршена во декември 2018 година со период на важност на сертификатот до 24.12.2022 година (ЛТ-005), а на лабораторијата за калибрација во јануари 2018, со период на важност на серификатот до 22.04.2022 година (ЛК-008).

 

Сертификат за акредитација ЛТ-005 и ЛК-008