ИНФОРМАЦИЈА ЗА СОСТОЈБАТА СО ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И РЕГИОНОТ

Вовед
Западно-Нилската треска е заболување кое го пренесуваат комарци, а кое кај помалку од 1% од инфекциите кај луѓе може да се манифестира со тешки невролошки симптоми. Сезонскиот надзор во Европа се врши од јуни до ноември, односно во сезоната на трансмисија, во услови на масовно присуство на векторот за заболувањето.

Состојба со Западно-нилска треска во Европскиот регион
Во текот на четвртата недела од месец јуни се пријавени првите хумани случаи на Западно Нилска треска во ЕУ за тековната сезона, од Грција и Италија.
Од почетокот на сезоната на пренос во 2018 година, па заклучно со 9 август 2018 година, во земјите членки на ЕУ/ ЕЕА се пријавени 231 заболени лица (7 смртни случаи).
• Италија – 123 случаи (3 смртни),
• Грција – 59 случаи (3 смртни),
• Унгарија – 23 случаи,
• Романија – 23 случаи (1 смртен) и
• Франција – 3 случаи.
Во соседните земји на ЕУ/ ЕЕА, пријавени се 104 заболени лица (10 смртни случаи).
• Србија – 102 случаи (9 смртни) и
• Косово – 2 случаи (1 смртен).
Сите случаи кај луѓе (во ЕУ/ ЕЕА и соседните земји) се пријавени од региони кои биле погодени во претходните сезони на пренос на ова заболување.

Состојба со Западно-нилска треска во Република Македонија
Во Република Македонија, во периодот од 2011-2015 година, пријавени се вкупно 22 случаи од кои 3 завршиле со смртен исход.
Во периодот 2016-2017 година и во 2018 година, заклучно со 15.08, нема регистрирано нови потврдени случаи на Западно Нилска треска кај луѓе.

Превенција од убоди од комарци
 Спречете го размножувањето на комарци во вашата средина
• Не оставајте отворени буриња, канти, пловни објекти (чамци, кануа) и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница!
• Редовно чистете ги олуците за да се овозможи истекување на водата!
• Одржувајте ги чисти базените за капење, украсни базени, фонтани!
• Не создавајте бари (застоени води) по дворовите.
 Како да се заштитите од убод на комарци?
• Носете соодветна облека која ќе остава што помалку откриени делови од телото/кожа (долги ракави, долги панталони)!
• Применувајте заштитни средства (репеленти) во облик на лосион, стик, аеросол-спреј или крем за кожата и за облеката, кои ги одбиваат комарците! Не употребувајте средства на посекотини, отворени рани, под облека, околу очи и уста, на дланките! Внимание кај мали деца!!!

 Во услови на движење на воздухот (ветер, провев)

• Користете миризливи свеќи, спирали, како заштитни репелентни средства во надворешни услови (градина, двор).
• Користете специјални сијалици, фенери (спржување на комарците), апаратчиња кои со звук ги одбиваат комарците!
• Поставете заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот!
• Одбегнувајте излегување и престој надвор во зори или на самрак, кога комарците се најактивни!
• Патниците во предели каде се евидентираат болести кои се пренесуваат со комарци задолжително да употребуваат репеленти и креветите за спиење да се затворен со заштитни импрегнирани мрежи!!!

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања
Институт за јавно здравје