И Н Ф О Р М А Ц И Ј А
За епидемијата на мали сипаници на подрачјето на ПЕ Дебар и состојбата со мали сипаници во Р. Македонија заклучно со 03.08.2018
На 17.07.2018 година, до Институтот за јавно здравје е пријавена епидемија на мали сипаници на територијата на ПЕ Дебар, до 03.08.2018 пријавени се 25 случаи.
Возраста на заболените во оваа епидемија се движи од 7 месеци до 45 години, а најчесто заболуваат повозрасните лица, односно 76% се на возраст над 30 години, 3 се на возраст од 20-29 години, 2 лица од 15-19 години и само едно лице е под една година.
Нема значајна разлика во дистрибуцијата на заболените по пол, 13 се од машки а 12 од женски пол.
Од вкупниот број на случаи, 44% се припадници на ромската популација, 40% се од албанска, 8% од турска, еден заболен (4%) од македонска националност и за едно лице нема податок.
Од заболените во епидемијата за 16 лица има лабораториска потврда, а 9 случаи е утврдена епидемиолошка врска.
Од лабораториски потврдените случаи, 68,8% се невакцинирани или се некомплетно вакцинирани, а 31,2% се вакцинирани со две дози на вакцина против мали сипаници.
Со цел да се намали можноста за ширење на заболувањето преземени се следниве мерки:
• Спроведено е епидемиолошко истражување на секој поединечен случај на мали сипаници од страна на локалните епидемиолози.
• Проверен е вакциналниот статус на сите заболени лица и нивните контакти. На контактите на заболените лица кои не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани препорачана им е вакцинација со МРП вакцина, до комплетирање на вакциналниот статус, соодветно на возраста.
• Проверен е вакциналниот опфат со МРП вакцина на територијата на ПЕ Дебар, а невакцинираните лица се повикани за вакцинација.
• Засилен е епидемиолошкиот надзор над треските проследени со исип, а секој суспектен случај на мали сипаници е лабораториски тестиран.
• Поделен е информативно-едукативен материјал на здравствените работници во примарната здравствена заштита, во детските градинки, остварени се настапи во локалните медиуми со цел информација на населенито и едукација за мерките на заштита од заболување.
• Објавен е едукативен материјал на веб-страната на ИЈЗ со цел луѓето кои патуваат на дестинации каде што има епидемии од мали сипаници (летни одмори) да бидат свесни за ризиците, доколку нивните деца или тие не се вакцинирани против мали сипаници.
Препораки
Да се продолжи со засилениот епидемиолошки надзор над исипните трески во Дебар, но и во останатите градови во Републиката. Секој суспектен случај на мали сипаници кој ги исполнува критериумите на дефиницијата на случај потребно е епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира.
Епидемиолошките служби при ЦЈЗ треба да ги известат матичните лекари/педијатри да ги пријавуваат сите суспектни случаи (исипни трески) до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје (по телефон, маил), во рок од 24 часа од поставување дијагноза или сомнение.
Дополнително најдоцна за 24 часа од утврденото сомнение на мали сипаници, да достават Пријава за заболување/смрт од заразна болест до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје/ПЕ, согласно законската регулатива, и повторно нова пријава по лабораториската конфирмација на болеста.
Истата процедура во однос на пријавувањето се однесува и на лекарите-специјалисти инфектолози во болничките установи.
Пациентите кои се хоспитализирани треба да се изолираат, а бројот на посетители да се сведе на минимум односно да се превземаат мерки за спречување на интрахоспитални инфекции.
Доколку лицето не е хоспитализирано, да се препорача изолација во домашни услови, додека трае заразноста.
Лабораторискиот примерок да се испраќа во Вирусолошката лабораторија во Институтот за јавно здравје на РМ, како референтната лабораторија на СЗО во РМ за конфирмација на мали сипаници.
Во сите вакцинални пунктови на територијата на РМ да се продолжи со засилената контрола, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП, изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани и нивно повикување и вакцинирање.
Спроведување на здравствено-едукативни активности, насочени кон промовирање на МРП вакцинацијата, како најефикасна превентивна мерка во спречувањето и сузбивањето на малите сипаници, е од особена важност.
Зачестени медиумски настапи со цел информирање на населението за состојбата со мали сипаници во Р. Македонија и соседството, начините за заштита со посебен акцент на важноста на вакцинацијата.
Намалување на можностите за дополнителна импортација на мали сипаници преку публикување на препораки до патници во странство за проверка на вакцинален статус и начини за заштита од ова заболување.
Скопје, 03.08.2018 Сектор за превенција и контрола на заразни болести
ИЈЗ Скопје