Во периодот од 31.08-06.09.2019, добиени се вкупно 4 пријави од кои немаме лабораториска потврда за конечна класификација на случаите како мали сипаници.

Согласно резултатите добиени од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ, заклучно со 06.09.2019 година, вкупниот број на регистрирани случаи на мали сипаници во републиката изнесува 1.898, со стапка на заболување од 91,7 на 100.000 жители.

Сеуште е во тек епидемијата на мали сипаници на цела територија на Македонија.

Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 24 градови, најголем број се регистрирани во Скопје – 996, а највисока инциденца се регистрира во Струга -165,1/100.000.

Возраста на заболените се движи од 1 месец до 63 години. Најголем број на заболени се на возраст над 30 години – 851 (44,8%), а највисока инциденца од 1.394,8/100.000 жители се регистрира кај децата на возраст под една година.

Според вакциналниот статус, 1.527 (80,4%) од заболените се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

 

Од пријавените случаи, 851 (44,8%) биле хоспитализирани, а кај 302 (15,9%) се регистрирани компликации.

Од вкупно регистрираните случаи, 34,9% се лабораториски потврдени, 36,4% се епидемиолошки поврзани, додека 28,7% се со клиничка слика на мали сипаници. Според резултатите од примероците испратени во референтната лабораторија за мали сипаници во Луксембург, циркулира генотипот B3 Dublin, кој циркулира и во соседните држави.

Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 37.189.

Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани вкупно 6.237 дози на вакцина, од нив повеќе од 60% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

ИЈЗ Скопје