Универзалниот ден за правата на децата беше основан во 1954 година од страна на Обединетите нации и се слави на 20 ноември секоја година. Овој ден е наменет за подигање на свеста за правата на децата и подобрување на детската благосостојба.

Притоа, два големи настани го одбележале Универзалниот ден на детето: 1959 година Генералното собрание на ОН ја усвоило Декларацијата за правата на детето, а на истиот ден триесет години подоцна, во 1989 година била усвоена и Конвенцијата за правата на детето, која Република Македонија ја ратификуваше во 1993-тата.

Конвенцијата за правата на детето[1] е документ кој има најголем број на ратификации од државите, декларирајќи ја цврсто изразената волја за подобрување на правата на децата, особено изразени со конвенциските одредби за заштита на правата и можноста за партиципација во активности, како и воведување на минимум стандарди за здравствена заштита, образование и социјална заштита.

Република Македонија е земја потписничка на Конвенцијата за правата на детето

и двата нејзини Протоколи: Факултативниот протокол за  продажба на деца, детска проституција и детска порнографија[2] и Факултативниот протокол за учество на деца во вооружени конфликти[3].

 

Во Република Македонија постои Коалиција на невладини организации наменета за мониторирање на правата на децата и е основана на иницијатива на Првата детска амбасада во светот Меѓаши во 1997 година. Коалицијата е составена од граѓански организации, коишто во дел од своето дејствување се занимаваат со правата на децата.

 

Потребата од заштитата на правата на децата произлегува од фактот дека тие претставуваат високо ранлива општествена група која што лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство. Согласно ООН, децата се изложени на насилство, експлоатација, виктимизација од страна на возрасните секојдневно, но и на глад, болести и недостаток на социо-економски услови за здрав и активен живот во државите кои се сметаат за сиромашни или пак држави во развој.

 

Сите деца и млади ги имаат истите права – имаат право на најголем можен степен на здравје, право на бесплатно основно образование, слободно да го искажуваат своето мислење и да бидат слушнати. Децата и младите имаат право на добро воспитување. Нивните родители или други воспитувачи не смеат да употребат сила, злоставување и злоупотребата е забранета. Децата и младите имаат право да добијат посебна помош и заштита во војна и при бегство. Децата и младите имаат право да бидат заштитени од експлоатирачка работа и сексуална злоупотреба. Тие имаат право да живеат со своите родители и да го одржуваат контактот со двата родитела, ако тие живеат одделно. Децата и младите што се хендикепирани, имаат право на посебна поддршка и унапредување, како и активно учество во општествениот живот.

 

Во областа на здравството посебно внимание се посветува на децата. Во Република Македонија, според Државниот завод за статистика, во 2016 година имало 162 024 деца на возраст од 0 до 6 години и 308 811 деца на возраст од 7 до 19 години. Институтот за јавно здравје на Република Македонија секоја година подготвува збирен Извештај за здравствената заштита на децата на возраст од 0 до 6 години. Во Извештајот се опфатени сите градови и села ширум Републиката. Според последниот Извештај од 2016 година со посети заради систематски прегледи се опфатени 60 743 деца на возраст од 0 до 6 години и остварени се посети заради контролен преглед – 31 639. Во советувалиште регистрирани се посети од

64 198 за бебиња до една година, додека останати деца кои посетиле советувалиште се

47 229. Во ординација кај лекар во 2016 година дошле на преглед 1 167 877 деца на возраст до 6 години. Од Извештајот може да се види дека во 2016 година, 3 403 деца посетиле психолог, додека на логопед биле 1 815 деца. Во споредба со претходни години, нема големи промени во посетите на малите деца.

 

Нема повеќе или помалку битни права, не постои нивна хиерархија. Секое право може во одредена ситуација да постане најбитно за поедино дете или неговото опкружување.  Сепак, правата на децата не значат апсолутна слобода да прават што сакаат. Суштината на правата на децата е да им обезбеди живот и развој во сигурно, здраво опкружување, да можат да ги остварат своите потенцијали и да дадат допринос на општеството на детска и зрела возраст.

Со учење дека имаат права, децата истовремено учат дека тие исти права им припаѓаат и на другите. Со заложување за почитување на сопствените права, децата развиваат чувство на одговорност и почитување на другите поединци и групи. Исто така, со учество во донесувањето одлуки, децата полесно превземат на себе и одговорност за нивната примена.

 

Наставниците, воспитувачи, здравствени и социјални работници, адвокати, судии и припадници на сите професии кои работат или професионално доаѓаат во контакт со децата имаат важна улога во заштита на прават на децата. Но, можеби најголема и најважна улога имаат самите родители, но, суштината на правата на децата треба да ја познаваат и самите деца. Со познавање и со разбирање на сите права кои им припаѓаат со самото раѓање и кои им се гарантираат со Конвенцијата, децата ќе созреат во одговорни личности кои ќе знаат да се борат за што подоследно остварување на своите и да ги почитуваат туѓите права.

 

 

Подготвил:
Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести

[1] Закон за ратификација на Конвенцијата за првата на детето, Службен весник на Социјалистичка Република Југославија, бр. 150/1990 – Службен весник на Република Македонија, 1993 г.

[2] Закон за ратификација на Факултативниот протокол кон Конвенцијата за права на децата за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија, Службен весник на Република Македонија, бр. 44/2003, 3 јули 2003 г.

[3] Закон за ратификација на Факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на детето за вклучување на децата во вооружени судири, Службен весник на Република Македонија, бр. 44/2003.