СОСТОЈБА СО ГРИП ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА,
СЕЗОНА 2018/2019
(43 недела, до 28.10.2018)

Во текот на 43-та недела од 2018 година (од 22.10.2017 – 28.10.2017), во Република Македонија пријавени се 14 (I=0,7/100.000) нови случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. Во однос на регистрираните случаи во минатата недела (n=18) постои намалување од 22,2%.
Во споредба со бројот на регистрирани случаи во 43-та недела од минатата сезона (n=63), се бележи намалување од 77,8%.
Во оваа недела, пријавени се спорадични случаи од 7 извештајни единици: Тетово – 4, Дебар – 3, Струмица и Прилеп – по 2, Куманово, Кратово, Свети Николе – по 1.
Највисока инциденца се бележи во ПЕ Дебар – 10,8/100.000 жители, а најниска во ЦЈЗ Куманово (0,7/100.000).
Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени во текот на оваа недела се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 9 случаи (64,3%), а највисока инциденца (1,1/100.000) се регистрира кај лицата над 65 години каде вкупно се пријавени 3 заболени лица.
Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип/ заболувања слични на грип изнесува 51 (I=2,5/100.000), што е помалку за 58,5% во споредба со истиот период минатата година биле регистрирани 123 заболени лица.
Во текот на 43-та недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 3 материјали за тестирање на грип. Тестираните материјали се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.
Од почетокот на сезоната 2018/2019, во оваа лабораторија пристигнатите материјали од 43-тата недела се први пристигнати во оваа сезона од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот.

Вакцинација против грип
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО):
• бремени жени, во било кој стадиум од бременоста
• деца на возраст од 6 месеци до 5 години
• постари лица на возраст од 65 години и повеќе,
• лицата со хронични заболувања и состојби на намален имунитет
• здравствени работници.

Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.
За првпат, од оваа сезона на инфлуенца, во Р. Македонија ќе се започне со бесплатна вакцинација против инфлуенца за одредена категорија на население. За таа намена, Министерството за здравство набави 28.000 дози за лицата постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија и без примања.
Дополнителни 13.100 дози се набавени од страна на Центрите за јавно здравје како комерцијални вакцини за останатото население. И тоа, ЦЈЗ Скопје набави 5.000 дози за потребите на населението на територијата на ЦЈЗ Скопје и ЦЈЗ Куманово, а ЦЈЗ Битола набави 8.100 дози за останатите Центри за јавно здравје.
Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца ќе се спроведува ЦЈЗ/ПЕ, како и претходните сезони.
ЕВРОПСКИ РЕГИОН
Согласно презентираните информации на Flu News Europe за 43 недела од 2018 година, активноста на вирусот на инфлуенца во Европа е со низок интензитет, што е вообичаено за ова време од годината.
Само неколку земји пријавиле детекција на спорадични инфлуенца вирусни инфекции, преку редовниот и сентинел системот за надзор, вклучувајќи и хоспитализирани пациенти кај кои се докажани инфлуенца А и инфлуенца Б. Вкупно, 2% од тестираните примероци биле позитивни за присуство на вирусот на грип.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања
Институт за јавно здравје