Неделни податоци

Во текот на 18-та недела од 2019 година (29.04-05.05.2019), пријавени се 25 (I=1,2/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е 55,4% намалување во споредба со минатата недела (n=56).

Регистрираната инциденца оваа недела укажува на ниска активност на вирусот на грип, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитетот (Графикон 1).

Во текот на изминатата недела, регистриран е еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 63 години од Кавадарци. Болеста започнала во текот на месец март, но поради компликации (бронхопневмонија), заболената била подолго време хоспитализирана на КИБФС, а смртта е регистрирана на 04.05.2019 година. Во лабораторијата на ИЈЗ е докажан Influenza A(H1)pdm од биолошки материјал од заболената. Кај заболеното лице е утврдено постоење на коморбидитет.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ нема пристигнати материјали за тестирање на грип.

Графикон 1.  Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

grip 18 slika 1

Во 18-та недела, најголем број заболени лица (n=14; 56%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 6,9/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела пријавени се заболени лица од 6 извештајни единици, а во сите, бројот на регистрирани заболени лица е под 10. Најголем број заболени лица се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=9), а највисока инциденца од I=8,7/100.000 е регистрирана во ПЕ Гевгелија.

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 21.346 (I=1.031,6/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=23.906), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 10,7%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=25.902) се регистрира намалување од 17,6%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите извештајни единици (31).

Најголем број на заболени лица се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=3.703), ЦЈЗ Струмица (n=2.486), ПЕ Кавадарци (n=1.892), ПЕ Гостивар (n=1.645) и ЦЈЗ Прилеп (n=1.577) (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца од 4.396,5/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци и ЦЈЗ Струмица (2.624,6/100,000). Висока инциденца над 1.500,0/100.000 жители, регистрирана е во ПЕ Ресен, ПЕ Дебар, ПЕ Свети Николе, ПЕ Кратово и ЦЈЗ Прилеп (Графикон 2).

 

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 18 2

Во текот на сезоната 2018/19, регистрирани се вкупно 29 смртни случаи асоцирани со грип, на возраст од 5 месеци до 86 години. Најголем број од починатите лица се жители на подрачјето на ЦЈЗ Скопје (13). Кај 21 лице (72,4%) е утврдено постоење на коморбидитет.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 13.576 (63,6%), а највисока кумулативна инциденца од 2.023,4/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години.

Најголем број од пријавените случаи се регистрирани во февруари – 11.076 заболени или 51,9% (Графикон 3).

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2018/2019

grip 18 slika 3

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, пристигнати се вкупно 837 биолошки материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот. Од пристигнатите материјали, 433 (51,7%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, сите типизирани како инфлуенца А. Според субтипот, 324 (74,8%) се Influenza A(H1)pdm, 57 (13,2%) се Influenza A(H3), а 52 (12,0%) се Influenza А несуптипизирани.

Оваа сезона почнувајќи од 4-та недела па се до 10-та недела процентот на позитивни резултати беше над 50%, а во пикот на сезоната во 7-мата недела процентот на позитивни примероци беше над 70%.

 

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Влезот во сезоната на грип, согласно МЕМ моделот, е регистриран во 5-та недела од 2019 година,  а од 13-та недела повторно се регистрира вонсезонско ниво на активност на вирусот на грип. Инциденцата на регистрираните случаи на грип/заболувања слични на грип, го достигна пикот во 8-та недела од 2019, неколку недели подоцна од очекуваното.

Намалениот број на пријавени случаи од епидемиолошкиот надзор, како и малиот број на пристигнати материјали во последните недели од вирусолошкиот надзор, укажува на вонсезонско ниво на активност на вирусот на грип. Оваа сезона, најголем број од докажаните инфлуенца вируси припаѓаат на поттипот Influenza A(H1)pdm, а ко-циркулира и Influenza А(H3). Во последните недели се забележува зголемување на процентуалното учество на Influenza А(H3).

Сезоната се одликува со задоцнет старт и задоцнет пик на заболувањето, висока вирулентност на вирусот на грип, со голем број на пријавени сериозни респираторни инфекции и највисок број на смртни исходи асоцирани со грип, по пандемијата во 2009 година.

Во преостанатите две недели од сезоната, се очекува да се одржува вонсезонско, многу ниско ниво на активност на вирусот на грип.

 

 

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 17 недела/2019) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, во земјите Европскиот регион пријавија активност на основно ниво, што покажува дека сезоната на грип е пред крајот. Сите земји пријавиле низок интензитет на вирусот на инфлуенца.

Оваа недела, позитивни се 16% од тестираните примероци, според сентинел надзорот во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Во тек на сезоната 2018/2019, циркулираат двата субтипови на инфлуенца А, со тоа што некои земји регистрираат ко-циркулација, додека други земји пријавуваат доминација на A(H1N1)pdm09 или на A(H3N2) субтипот.

Од почетокот на 40 недела, 99% од инфлуенца А вирусите детектирани од САРИ (сериозни акутни респираторни инфекции) случаи беа субтипизирани, а 79% од нив беа A(H1N1)pdm09.

Генерално, тековните вакцини против грип имаат тенденција да делуваат подобро против вирусот на грип A(H1N1) pdm09 и вирусот на инфлуенца Б, отколку против вирусот на инфлуенца A(H3N2).

За сезоната 2019-2020 на северната хемисфера, СЗО препорачува четиривалентна вакцина која содржи:

  • A/Brisbane/02/2018 (H1N1)pdm09-like virus;
  • A/Kansas/14/2017 (H3N2)-like virus;
  • B/Colorado/06/2017-like virus (B/Victoria/2/87 lineage);
  • B/Phuket/3073/2013-like virus (B/Yamagata/16/88 lineage).

 

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија