СОСТОЈБА СО ГРИП/ ЗАБОЛУВАЊА СЛИЧНИ НА ГРИП ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, СЕЗОНА 2019/2020  (51-ва недела, до 22.12.2019)

Неделни податоци

Во текот на 51-ва недела од 2019 година (16.12–22.12.2019), пријавени се 145 (I=7,0/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е зголемување за 57,6% во споредба со минатата недела (n=92).

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ нема пристигнати материјали за тестирање на грип.

Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 51-ва недела од минатата сезона (n=241) е намален за 39,8%, а во споредба со бројот за 51-ва недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) (n=198) регистрирано е намалување од 26,7% (Графикон 1).

Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=36,4/100.000), односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични

                        на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020

grafik2

Како и претходната, и во 51-ва недела најголем број случаи (n=91; 62,8%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 18,9/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата од 0-4 години.

Оваа недела пријавени се случаи од 17 извештајни единици, од кои во 4 извештајни единици бројот на пријавени е ≥10. Најголем број случаи се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Струмица и ПЕ Гостивар (n=25). Највисока неделна инциденца (I=41,8/100.000) е регистрирана во ПЕ Кратово.

Во сите извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, освен во ПЕ Кратово каде е регистрирана сезонска (ниска) активност  (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 51 недела 2019

мапа 51

Кумулативни податоци

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 670 (I=32,4/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=1.016), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 34,1%, а во однос на моделот од последните 9 сезони (n=1.031) се регистрира намалување од 35,0%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се случаи од 20 извештајни единици. Најголем број (n=149; 22,2%) се регистрирани од подрачјето на ЦЈЗ Скопје, а највисока кумулативна инциденца (I=230,6/100.000) е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на случаите по возрасни групи, кумулативно најголем број се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 367 случаи (54,8%), а највисока кумулативна инциденца од 96,4/100.000 се регистрира кај децата од 0-4 години.

Дистрибуција на случаите од сезонски грип/ заболувања слични на грип по месец:

  • октомври – 86 случаи или 12,8%
  • ноември – 274 случаи или 40,9%
  • декември – 310 случаи или 46,3%

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2019/2020, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 77 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, сите тестирани негативни за присуство на вирусот на грип.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на случаи на заболувања слични на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на државата.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

За сезоната 2019/2020, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 28.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Од истите, 1.000 дози се наменети за деца на возраст од 6 месеци до 5 години, а преостанатите 27.000 дози се наменети за лица над 65 годишна возраст, лица со хронични заболувања и бремени жени во било кој период од бременоста, како и за здравствени работници.

Дополнителни 20.800 дози вакцина се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест (650 денари).

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува во ЦЈЗ/ПЕ, секој за своето подрачје. За територијата на Скопје, покрај ЦЈЗ Скопје, оваа сезона вакцинацијата се врши и во Поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива кај матичен лекар, преку електронскиот систем „Мој Термин“.

Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или матичниот лекар за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 15.11.2018, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 26.382 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од извештаите на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 13.623 лица. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 6.813 лица или 50,0%, на возраст од 30-64 години – 6.209 лица или 45,6%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 445 или 3,3%. Вакцинирани се 10 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 143 лица или 1,0%. Вакцинирани се три бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 7.377 лица (54,2%) се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 50-та недела 2019 година, активноста на грип продолжи да се зголемува во делови од Регионот, сѐ повеќе земји пријавуваат зголемување на интензитетот и географската активност на вирусот на грип. Детекцијата на вирусот на грип во примероците од сентинел системот е над 10% четири недели по ред, што укажува на почетокот на сезоната на грип на европско ниво.

Поголемиот дел од пријавените детектирани вируси на грип во регионот се Influenza A, иако 5 држави пријавиле доминација на Influenza B, а 3 ко-циркулација на Influenza A и B.

Во текот на 50-тата недела, процентот на позитивни тестирани пациенти од сентинел надзорот е 25,9%. Од почетокот на сезоната сентинел надзорот, од, 12,2% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите:

  • Influenza A – 1.057 (72,3%):
    • A(H1N1)pdm09 – 357
    • A(H3N2) – 650
    • А несубтипизиран – 50
  • Inluenza B – 405 (27,7%):
    • Victoria lineage – 117
    • Yamagata lineage – 5
    • Неодредена линија – 283

 

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје