СОСТОЈБА СО ГРИП/ ЗАБОЛУВАЊА СЛИЧНИ НА ГРИП ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, СЕЗОНА 2019/2020(52-ра недела, до 29.12.2019)

Неделни податоци

Во текот на 52-ра недела од 2019 година (23.12–29.12.2019), пријавени се 158 (I=7,6/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е зголемување за 9,0% во споредба со минатата недела (n=145).

Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 52-ра недела од минатата сезона (n=202) е намален за 21,8%, а во споредба со бројот за 52-ра недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) (n=293) регистрирано е намалување од 46,0% (Графикон 1).

Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=36,4/100.000), односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се 11 материјали за тестирање на грип. Од тестираните материјали, еден (9,1%) е позитивен за присуство на вирусот на инфлуенца A/H3. Од почетокот на сезоната 2019/2020, ова е првиот позитивен резултат.

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични

                        на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020

grafik52

 

Како и претходната, така и во 52-ра недела најголем број случаи (n=107; 67,7%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 9,9/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.

Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020

grafik52a

Оваа недела пријавени се случаи од 12 извештајни единици, од кои во 4 извештајни единици бројот на пријавени е ≥10. Најголем број случаи и највисока инциденца се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар (n=61; I=50,9/100.000).

Во сите извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, освен во ПЕ Гостивар каде е регистрирана сезонска (ниска) активност  (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 52 недела 2019

картограм 52-2019

Кумулативни податоци

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 828 (I=40,0/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=1.218), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 32,0%, а во однос на моделот од последните 9 сезони (n=1.324) се регистрира намалување од 37,4%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се случаи од 20 извештајни единици.

Најголем број на случаи се регистрирани во ПЕ Гостивар (n=163), ЦЈЗ Скопје (n=161) и ЦЈЗ Струмица (n=100) (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца од 248,6/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Дебар каде се регистрирани вкупно 69 случаи. Кумулативна инциденца над 100,0/100.000 жители регистрирана во ПЕ Гостивар и ЦЈЗ Струмица (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 3. Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона

                        2019/2020

grafik52b

Во однос на дистрибуцијата на случаите по возрасни групи, кумулативно најголем број се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 474 (57,2%), а највисока кумулативна инциденца од 105,0/100.000 се регистрира кај децата од 0-4 години (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).

Дистрибуција на случаите од сезонски грип/ заболувања слични на грип по месеци (Табела 1 во Прилог):

  • октомври – 86 случаи или 10,4%
  • ноември – 274 случаи или 33,1%
  • декември – 468 случаи или 56,5%

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2019/2020, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се вкупно 88 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои само еден (1,1%) е позитивен на присуство на вирусот на инфлуенца – Influenza A/H3.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на случаи на заболувања слични на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и нискиот процент на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на државата.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

За сезоната 2019/2020, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 28.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Од истите, 1.000 дози се наменети за деца на возраст од 6 месеци до 5 години, а преостанатите 27.000 дози се наменети за лица над 65 годишна возраст, лица со хронични заболувања и бремени жени во било кој период од бременоста, како и за здравствени работници.

Дополнителни 20.800 дози вакцина се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест (650 денари).

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува во ЦЈЗ/ПЕ, секој за своето подрачје. За територијата на Скопје, покрај ЦЈЗ Скопје, оваа сезона вакцинацијата се врши и во Поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива кај матичен лекар, преку електронскиот систем „Мој Термин“.

Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или матичниот лекар за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 15.11.2019, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 27.042 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини. (Табела 2 во Прилог)

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од извештаите на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 13.961 лице. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 7.021 лица или 50,3%, на возраст од 30-64 години – 6.333 лица или 45,4%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 452 или 3,3%. Вакцинирани се 10 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 142 лица или 1,0%. Вакцинирани се три бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 7.641 лица (54,7%) се со историја на хронично/и заболување/а. (Табела 3 во Прилог)

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 51-ва недела 2019 година, активноста на грип е зголемена во Европскиот регион на СЗО, иако сеуште повеќето земји пријавуваат активност под  базичното ниво или ниска активност.

Детекцијата на вирусот на грип во примероците од сентинел системот е над 10% пет недели по ред, што укажува на започната сезона на грип на европско ниво.

Поголемиот дел од пријавените детектирани вируси на грип во регионот се Influenza A, иако 5 држави пријавиле доминација на Influenza B, а 2 ко-циркулација на Influenza A и B.

Во текот на 51-вата недела, процентот на позитивни тестирани пациенти од сентинел надзорот е 34,2%. Од почетокот на сезоната сентинел надзорот, 14% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите:

  • Influenza A – 1.279 (70,6%):
    • A(H1N1)pdm09 – 470
    • A(H3N2) – 748
    • А несубтипизиран – 61
  • Inluenza B – 533 (29,4%):
    • Victoria lineage – 144
    • Yamagata lineage – 5
    • Неодредена линија – 384

Прилог: Табела

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје