СОСТОЈБА СО ГРИП/ ЗАБОЛУВАЊА СЛИЧНИ НА ГРИП ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, СЕЗОНА 2019/2020 (1-ва недела, до 05.01.2020)

Неделни податоци

Во текот на 1-ва недела од 2020 година (30.12.2019–05.01.2020), пријавени се 207 (I=10,0/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е зголемување за 31,0% во споредба со минатата недела (n=158).

Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 1-ва недела од минатата сезона (n=196) е зголемен за 5,6%, а во споредба со бројот за 1-ва недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) (n=799) регистрирано е намалување од 74,1% (Графикон 1).

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, нема пристигнати материјали за тестирање на грип.

Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=36,4/100.000), односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

graf_week1

 

 

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични

                        на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020

 

Како и претходната, така и во 1-ва недела најголем број случаи (n=140; 67,6%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 16,4/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата на возраст од 0-4 години (Графикон 2).

graf2_week1

 

Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020

Оваа недела пријавени се случаи од 14 извештајни единици, од кои во 7 извештајни единици бројот на пријавени е ≥10. Најголем број случаи и највисока инциденца се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Струмица (n=71; I=75,0/100.000).

Во сите извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, освен во ЦЈЗ Струмица и ПЕ Гостивар каде е регистрирана сезонска (ниска) активност  (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 1 недела 2020

картограм 1-2020

Кумулативни податоци

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 1.035 (I=50,0/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=1.414), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 26,8%, а во однос на моделот од последните 9 сезони (n=2.122) се регистрира намалување од 51,2%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се случаи од 21 извештајна единица.

Најголем број на случаи се регистрирани во ПЕ Гостивар (n=219), ЦЈЗ Скопје (n=173) и ЦЈЗ Струмица (n=171) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца од 277,4/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Дебар каде се регистрирани вкупно 77 случаи. Кумулативна инциденца над 100,0/100.000 жители e регистрирана во ПЕ Гостивар, ЦЈЗ Прилеп и ЦЈЗ Струмица (Графикон 3).

Графикон 3. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020

graf3_week1

Во однос на дистрибуцијата на случаите по возрасни групи, кумулативно најголем број се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 614 (59,3%), а највисока кумулативна инциденца од 121,4/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

Дистрибуција на случаите од сезонски грип/заболувања слични на грип по месеци е дадена на Графикон 4 .

Графикон 4. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2019/2020

graf4_week1

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2019/2020, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се вкупно 88 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои само еден материјал (1,1%) е позитивен на присуство на вирусот на инфлуенца – Influenza A/H3.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на случаи на заболувања слични на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и нискиот процент на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на државата.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): постарите лица (над 65 години); деца на возраст од 6-59 месеци; лица постари од 6 месеци со хронични болести; бремени жени; и здравствени работници.

 

За сезоната 2019/2020, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 28.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 20.800 дози вакцина се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест (650 денари).

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува во ЦЈЗ/ПЕ, секој за своето подрачје. За територијата на Скопје, покрај ЦЈЗ Скопје, оваа сезона вакцинацијата се врши и во Поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива кај матичен лекар, преку електронскиот систем „Мој Термин“.

Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или матичниот лекар за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 15.11.2019, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 27.058 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од извештаите на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 14.065 лица. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 7.087 лица или 50,4%, на возраст од 30-64 години – 6.365 лица или 45,3%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 452 или 3,3%. Вакцинирани се 10 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 148 лица или 1,1%. Вакцинирани се три бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 7.693 лица (54,7%) се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 52-ра недела од 2019 година, активноста на грип продолжи да се зголемува во Европскиот регион на СЗО, иако само 25 земји пратиле извештај. Во земјите што обезбедиле извештај, интензитетот се движи од базично до средно ниво, а географската распространетост – од спорадична до широко распространета активност на вирусот на грип.

Детекцијата на вирусот на грип во примероците од сентинел системот е над 10% од 47-мата недела на 2019 година наваму.

Во поголемиот дел од земјите во регионот доминантен е Influenza A вирусот, иако има земји каде доминира Influenza В или постои ко-циркулација на двата вируси. Меѓу Influenza A вирусите, ко-циркулираат A(H1N1)pdm09 и A(H3N2), а меѓу Influenza В, доминира линијата Victoria.

Во текот на 52-рата недела, процентот на позитивни тестирани пациенти од сентинел надзорот е 44,6%.

Од почетокот на сезоната на сентинел надзорот, 16,6% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите:

  • Influenza A – 1.650 (69,4%):
    • A(H1N1)pdm09 – 641
    • A(H3N2) – 932
    • А несубтипизиран – 77
  • Inluenza B – 729 (30,6%):
    • Victoria lineage – 194
    • Yamagata lineage – 6
    • Неодредена линија – 529

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје