Меѓународниот ден на старите лица е можност да се нагласи важниот придонес на старите лица кон општеството и да се подигне свеста за проблемите и предизвиците на стареењето во денешниот свет.Мотото за 2016 година е да го поттикнеме секој да размислува позитивно во поглед на стареењето.Негативните ставови и дискриминацијата врз основа на возраста на лицето се широко распространета пракса која има негативни ефекти врз здравјето на старите лица.Резолуцијата на Светското здравствено собрание во врска со Стратегија и Акционен план за глобално  стареење и здравје, донесена во мај 2016 година, повикува на глобална кампања за борба против негативните ставови за старите лица, со една  цел, подобрување на животот на старите лица  од ден на ден.

Постојаните докази од  најголемиот број на истражувања укажуваат на фактот дека постарите лица кои се предмет на злоупотреба, се најчесто жени, со слабо физичко здравје, нарушени когнитивни функции и зависни од други лица, а тоа го согледуваме и преку резултатите на  “Националното истражување за преваленцијата на злоупотребата и занемарувањето на постарите лица во домаќинствата во Република Македонија”. Заболувањата (како што се депресија, хипертензија, мозочен удар и срцеви напади) често се предизвикани од злоупотребата, а пак истите овие заболувања понатаму придонесуваат кон дополнителна злоупотреба. Во истражувањето ризик факторите што се идентификувани во однос на злоупотреба и занемарување на постарите лица се: полот (жените имаат поголема шанса да бидат изложени на злоупотреба од мажите), постарите лица што живеат со партнери имаат поголема шанса да бидат злоупотребувани, во споредба со оние што не живеат со партнер (освен во случајот на занемарувањето), физичките заболувања и депресијата (освен во случајот на финансиска злоупотреба), како и поседувањето на сопствен стан или куќа (освен кога се работи за занемарување).

Стареењето на популацијата е успех на целокупниот развој на цивилизацијата, а едно од најголемите достигнувања на човештвото е долговечноста. Таа се должи на унапредување на санитација, развојот на медицината, здравствената заштита, едукацијата, исхраната, како и подобрување на економската благосостојба.

Падот на стапката на наталитетот и продолжениот животен век исто така ја менува демографската слика во земјите низ светот. Во 1950 година имало 205 милиони лица на возраст над 60 години, а 605 милиони во 2000 година.Тој број се очекува да порасне на над две милијарди до 2050 година.

Клучни факти

  • Помеѓу 2015 и 2050 година процентот на светската популација над 60 години речиси двојно ќе се зголеми од 12% на 22%.
  • До 2020 година бројот на луѓе на возраст од 60 години и постари ќе бидат побројни од деца помали од 5 годишна возраст.
  • Во 2050 година 80% од постарата популација ќе живее во земјите со низок и среден приход.
  • Сите земји се соочуваат со големи предизвици за да се осигураат дека нивните здравствени и социјални системи се подготвени за големи промени.

Глобалниот тренд на стареењето на популацијата не ја заобиколува Република Македонија. Според “Статистичкиот годишник на Република Македонија” од 2012 година, во 1971 година процентот на возраст над 60 години изнесувал 8,9%, а во 2002 година – 15%.Лицата на  возраст над 65 години во 1971 година изнесувале 5,8%, додека во 2002 година 10,6%.

Согласно Државниот завод за статистика и проценката на населението во Република Македонија во 2015 година, лицата на возраст 65 и повеќе години се застапени со 12,8%, или вкупно 265570.

Во Република Македонија  се донесени два клучни документи: Национална стратегија за стари лица, Национална стратегија за палијативна грижа. Во овие два документи се идентификуваат  приоритетните задачи за подобрување на квалитетот на живеење на старите лица и лица со малигни и хронични заболувања.

Палијативното згрижување е активно, севкупно згрижување на лица со напредната, неизлечива, прогресивна болест чија цел е да му се помогне на пациентот од сите аспекти на неговото страдање.

Растечкиот тренд на стареењето на популацијата како во светот така и кај нас има за последица зголемен број на болести со хроничен и прогресивен тек најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем, потоа се случаите кај кои како причина за смрт се јавуваат неоплазмите, следуваат случаите кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести, а на четврто место се смртните случаи кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем.

 

   Број на умрени лица според возраст, пол и причина за смрт во Република Македонија во 2015 година

Причини за смрт  0-14 15-44 45-64 65-74 75+
Болести на циркулаторниот систем (I00-I99) Мажи 9 138 1089 1310 3168
Жени 3 79 578 1085 4480
Неоплазми (C00-D48) Мажи 9 64 821 751 609
Жени 2 76 527 424 458
Ендокрини болести (E00-E90) Мажи 0 3 84 113 156
Жени 1 4 72 159 286
Болести на респираторниот систем (J00-J99) Мажи 6 11 77 122 230
Жени 5 4 44 72 190

Во насока на подобрување на условите, како и зголемување на институционалните капацитети, Владата овозможи рамка и субвенции за отворање на приватни и јавно-приватни установи за згрижување на старите лица. Најголем ефект би се постигнал доколку се земат предвид регионалните демографски податоци за старото население.

Клучни приоритети за подобрување на активното стареење се:

  1. Подобрени здравствени и социјални услуги
  1. Доближување на јавните услуги до постарите лица

3.Обезбедување на предуслови за доживотно учење, активно стареење и меѓугенерациска солидарност.

Користена литература:

1.Неловска.Л.Образовните институции навреме треба да реагираат. Во Лекарски весник.Македонско лекарско друштво, Година VI,број 77,Октомври, 2016 година.

2.Национално истражување за преваленцијата на злоупотреба и занемарување на постарите лица во домаќинствата во Република Македонија, Маријана Марковиќ..и др. Скопје.Министерство за здравство.Министерство за труд и социјална политика,2013 година.

  1. Ageing аnd health, Available from URL: http://www.who.int/mediacentre/factsheets/fs404/en/
  1. Ageing аnd life -course, international day of older persons 2016, Available from URL: http://www.who.int/ageing/events/idop_rationale/en/

 

Подготвил:

Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести