Останете физички активни за време на карантин

Упатство за физичката активност на здравите лица во само-изолација. Лицата без симптоми или дијагноза на акутно респираторно заболување, се сметаат за здрави.

Светот продолжува да се соочува со нови случаи на КОВИД-19, во Европскиот регион на Светската здравствена организација (СЗО). Карантинот продолжува и од многу здрави лица се бара да останат дома во само-изолација. Во некои земји, фитнес центрите и другите локалитети, каде што поединците се активни, ќе останат привремено затворени. Останувањето дома подолг временски период, претставува значителен предизвик да останете физички активни. Седечкото однесување и ниското ниво на физичката активност докажано имаат негативни ефекти врз здравјето, благосостојбата и квалитетот на животот на поединците. Изолацијата сама по себе предизвикува дополнителен стрес, кој може да се одрази и на психичката состојба на граѓаните. Физичката активност и техниките за релаксација, се сметаат за вредни алатки кои ќе ви помогнат да останете смирени и да продолжите да го штитите вашето здравје во времето на пандемијата.

СЗО на неделно ниво за возрасната популација, препорачува 150 минути умерена физичка активност или 75 минути силна физичка активност, а можат и да се комбинираат двете заедно. Овие препораки сè лесно остварливи и во домашни услови, без специјална опрема и во ограничен простор. Дадени се неколку совети за тоа како да останете активни и да го намалите седечкото однесување додека сте дома во изолација:

Направете кратки активни паузи во текот на денот. Кратка и интензивна физичка активност е дел од неделните препораки. Танцувањето, играње со децата и извршувањето на  домашните работи како што се чистењето и градинарството се други начини да останете активни во текот на денот, во домашните услови.

Вежбајте по пат на интернет. Искористете ги часовите за вежбање преку интернет. Многу од нив се бесплатни и можат да се најдат на YouTube каналот. Ако немате искуство со изведување на овие вежби, бидете претпазливи и свесни за сопствените способности.

Прошетајте. Дури и во мали простори, шетањето или тапкањето во место, можат да ви помогнат да останете активни. Ако имате телефонски повик, наместо да седите, стојте или движете се низ дома додека зборувате. Ако одлучите да одите надвор да пешачите или да вежбате, не заборавајте да одржувате барем 1 метар растојание од другите луѓе.

Станете. Намалете го времето на седење, стојте секогаш кога е тоа изводливо. Би било идеално, да го прекинете времето на седење и лежење на секои 30 минути. Размислете на кои се начини можете да работите и што се можете да сработите додека стоите. Како пример се наведува редење книги или други материјали. Во слободното време, кога не сте активни, дајте приоритет на когнитивно стимулирачките активности, како што се читањето, играњето табла, шах, крстозборки и загатки.

Опуштете се. Медитацијата и длабоките вдишувања можат да ви помогнат да останете смирени. За оптимално здравје, важна е здрава и избалансирана исхрана и хидратација. СЗО препорачува пиење вода, наместо слатки и газирани пијалоци, како и ограничена употреба на алкохолни пијалоци кај возрасните и строга забрана на употреба на алкохол кај младите луѓе, бремените жени и доилките. Алкохолот се забранува и кај некои други здравствени состојби. Препораките за подобрување на здравствената состојба, одат во прилог на оптимална консумација на житарки од цели зрна, свежо овошје и зеленчук, а ограничување на внес на сол, шеќер, маснотии и преработена и рафинирана храна.

Почитувајте ги мерките и останете физички активни, за време на изолацијата!

 

Оддел за здравствена промоција и следење на болести