ОДНЕСУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ КОН ЗДРАВЈЕТО И НИВНАТА ЗДРАВСТВЕНА СОСТОЈБА
Здравјето е главен ресурс на животот и претпоставка за добросостојба и квалитетен живот на човекот во заедницата. Здравјето сè почесто се зема како мерка за развој на заедницата, за намалување на сиромаштијата, на социјалната нееднаквост и дискриминацијата, но и како знак на поврзаност, разбирање и соработка меѓу луѓето. Да се биде здрав станува едно од фундаменталните човекови права. Според овие определби, здравјето и унапредувањето на здравјето се холистички, контекстуално поставени и високо етички концепти, кои такви и треба да се вградуваат во политиките и практиките за унапредување на јавното здравје.
Задоволство од животот
Со возраста расте незадоволството од животот кај сите групи млади, со исклучок на момчињата од албанската заедница, кај кои не е забележан пад. Меѓуетнички разлики покажуваат дека девојчињата на сите три возрасти, и 15-годишните момчиња, се помалку задоволни од животот од своите албански врсници. Силна е поврзаноста помеѓу задоволството од животот и семејната имотност во сите возрасни групи деца, момчиња и девојчиња, и во двете етнички заедници. Во споредба со другите земји, македонските деца се меѓу земјите ниско рангирани по задоволството од животот, а кај 15 –годишните млади и најниско од 44 земји во Европа. За разлика од Македонија, земјите од регионот (Албанија, Грција, Бугарија, Хрватска) се рангирани од средината кон врвот по задоволството од животот, на листата од 44 земји.
Употреба на лекови за надминување на психосоматски тегоби
Наодите покажуваат дека со возраста расте употребата на лекови/таблети за главоболка кај девојчињата од македонските паралелки. Меѓуродови разлики се забележуваат кај 11- годишните ученици од албанските паралелки, на сметка на момчињата, и кај 15-годишните етнички Македонци, на сметка на девојчињата. Девојчињата од македонските паралелки на 11- и 15-годишна возраст повеќе користат лекови за главоболка од нивните врснички Албанки, додека кај 11-годишните момчиња меѓуетничките разлики се на сметка на етничките Албанци. Семејната имотност е негативно поврзана со користење на лекови за главоболка кај 15-годишните етнички Македонки.
Хронични болести, хендикеп и други здравствени проблеми
Со возраста расте преваленцата на хронични болести, хендикеп или други здравствени проблеми само кај девојчињата од македонските паралелки. Меѓуродови разлики се забележуваат само во групата на 11-годишните етнички Албанци, при што момчињата повеќе страдаат од овие болести од нивните врснички. Во оваа возрасна група постојат меѓуетнички разлики помеѓу момчињата, при што, момчињата Албанци страдаат во поголем процент од нивните македонски врсници.
Прекумерна телесна тежина
Преваленцата на учениците со прекумерна телесна тежина и дебелина опаѓа со возраста, кај испитаниците од двете етнички групи. Момчињата во однос на девојчињата се подебели. Позитивна поврзаност помеѓу социо-економски статус и дебелината на испитаниците, постои кај момчињата од македонската група, и кај 11-годишните девојчиња, Албанки. Во меѓународни рамки Македонија е меѓу земјите со висока преваленца на дебели млади луѓе.
Појадок
Со возраста се намалува секојдневниот појадок кај децата од македонската етничка заедница. Кај децата од албанско говорно подрачје нема таква тенденција. Учениците од македонските паралелки многу почесто појадуваат секојдневно за време на училишните денови од нивните врсници од албанските паралелки.
Орално здравје
Девојчињата од двете етнички групи во сите возрасти ги мијат почесто забите од момчињата. Со возраста се намалува секојдневното миење на забите во албанската етничка група. Позитивна поврзаност со семејната имотност и миењето на забите имаме кај момчињата во македонската етничка група и кај девојчињата во албанската етничка група. Во меѓународни рамки Македонија е меѓу земјите со пониска преваленца на секојдневно миење на забите, повеќе од еднаш дневно.
Физичка активност
Резултатите од секојдневната физичката активност покажаа дека момчињата и помладите испитаници се во поголем процент физички активни во повеќето денови. Кај девојчињата физичката активност опаѓа драстично со возраста: преваленцата е речиси три пати пониска кај 15- годишните девојчиња во однос на 11-годишните. Во меѓународни рамки Македонија е меѓу земјите со висока преваленца на секојдневната физичка активност: се наоѓа при врвот на табелата и девојчињата се подобро рангирани од момчињата.
Гледање ТВ и видео два и повеќе часа во текот на денот
Резултатите од истражувањето покажуваат дека преваленцата на учениците кои изјавиле дека секојдневно гледаат ТВ, 2+часа, се зголемува со возраста. Испитаниците од македонската етничка група, во сите возрасни категории искажале повисока пропорција на гледање ТВ, во однос на испитаниците од албанската етничка група. Позитивна поврзаност со семејната имотност постои кај 11-годишни момчиња од македонската етничка група. Во меѓународни рамки Македонија е меѓу земјите со пониска преваленца на секојдневното гледање на ТВ, 2+ часа.
Секојдневно пушење
Со возраста се зголемува бројот на деца кои пушат секој ден, и до осумкратно повеќе од нивните 11 до 15 години. Најчести секојдневни пушачи, меѓу младите се 15-годишните албански момчиња. За разлика од нив, албанските девојчиња пушат помалку од сите други испитаници. Од тука и високата меѓуродова и меѓуетничка диспропорција меѓу учениците од албанската етничка заедница, односно меѓу девојчињата од двете етнички заедници. Постои поврзаност меѓу секојдневното пушење и семејната имотност кај 11-годишните македонски и 15-годишните албански момчиња. Во споредба со земјите од регионот, Македонија спаѓа во групата земји со релативно ниска преваленца на секојдневни пушачи.
Пиење алкохол најмалку еднаш седмично
Македонија спаѓа во групата земји со просечна пропорција (14%) на 15-годишни ученици, кои пијат алкохол барем еднаш неделно. Со возраста повеќекратно (два дотри пати) расте, преваленцата на пиење еднаш неделно. Исто така, два до три пати почесто пијат момчињата, во споредба со девојчињата од македонските паралелки, и тоа на 13- и 15-годишна возраст. Големи меѓуетнички разлики се јавуваат кај 15-годишните момчиња и девојчиња, како и кај 13-годишните момчиња, на сметка на македонските ученици, кои пијат повеќе. Како и во Европа, преваленцата на пиење алкохол еднаш неделно кај 15-годишниците опаѓа, со текот на времето.
Пушење марихуана во последните 30 дена (актуелни корисници)
Преваленцата на употребата на марихуана барем еднаш во текот на последните 30 дена е ниска и кај двата рода. Нема појава на меѓуродови и меѓуетнички разлики. Девојчињата, Македонки од високоимотните семејства почесто користеле марихуана во последните 30 дена, во споредба со учениците од нискоимотните семејства.
Сексуално однесување на младите во Македонија
Високата преваленца на сексуални искуства кај 15-годишните момчиња, како и високата меѓуродова диспропорција од 12:1 на сексуално активни момчиња наспроти девојчиња, по кои тие далеку отстапуваат од европските просеци, се важни одредници на сексуалното однесување на младите од Македонија.
Со пораст на сексуалните искуства, се зголемува употребата на кондоми кај младите во Македонија, а со тоа се подобрува и нивната заштита од несакана бременост и сексуално преносливи болести. Сепак, девојчињата значително поретко од момчињата умеат да се заштитат и при првиот и при последниот сексуален однос. Особено е висока меѓуродовата диспропорција при првиот сексуален однос меѓу етничките Албанци, и до 9:1, во соодносот момчиња и девојчиња.
Малтретирање во училиште
Возраста нема големо влијание врз зачестеноста на малтретирањето на други ученици. Момчињата од двете етнички групи повеќе од девојчињата учествувале во малтретирање на други ученици, и оваа разлика единствено не е значајна кај 11- и 15-годишните момчиња и девојчиња од албанска националност. Во меѓународни рамки, Македонија е рангирана во земјите со средна застапеност на ученици кои малтретирале други ученици.
Малтретирање преку електронски медиуми
Возраста нема влијание врз зачестеноста на појавата на малтретирање, на ниту еден од двата прикажани начини, со посредство на електронските медиуми. Меѓуродови разлики се забележуваат кај учениците Македонци: 11-годишните и 15-годишните момчиња од македонските паралелки повеќе од девојчињата биле малтретирани преку електронски медиуми, додека нема значајни меѓуетнички разлики меѓу учениците од различните етнички заедници. Ниската семејна имотност е поврзана со појавата на прикажување несоодветни форографии, со интимна содржина, и без дозвола, кај 11-годишните момчиња од македонските и 15-годишните момчиња од албанските паралелки.
Извор: Резултати од Студијата - Однесувања поврзани со здравјето кај учениците на 11, 13 и 15 години во Македонија, HBSCM, 2014
Здравствена состојба и здравствена заштита на училишни деца и младина во Р.Македонија, 2016
Дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина се остварува во 38 места пунктови, кои сите се во град.
Во оваа дејност работат 62 лекари и 110 здравствени работници со виша и средна стручна подготовка. При тоа не е постигнат задоволителен стандард на обезбеденост со лекари на оваа групација од населението и тоа 1 лекар на 5228 деца од 7-19 години просечно за Републиката.
Не задоволува и соодносот на лекарите и здравствените работници со виша и средна стручна подготовка кој изнесува 1:1,8
Вкупниот обем на превентивни здравствени услуги и активности извршени во 2016 година бележат опаѓање од 19.7 индексни поени во однос на 2015г.
Извор: ИЈЗРМ – Извештај на Службата за здравствена заштита на училишни деца и младина, 2015 и 2016
Морталитет регистриран во дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина
Во 2016 година регистрирани се вкупно 125 умрени лица на возраст од 5-24 години и стапка од 24.8%оо.
Дистрибуцијата по возраст покажува дека младите луѓе од 15-24 годишна возраст се најзастапени во вкупниот морталитет на оваа популација и тоа со 70,4% учество и стапка од 32%оо.
Дистрибуцијата по пол покажува дека машките деца се повеќе застапени во морталитетот во однос на женските.
Морталитет според возраст и пол, 5-24, РМ, 2016 (стапка/100000)
Извор: Природно движење на населението,2016
Препораки:
- подигање на свеста на младите преку програми за здравствена едукација на сите нивоа со цел укажување на значењето за сопственото здравје и севкупната благосостојба;
- активно учество во имплементација на здравствените програми со цел примена на знаењата стекнати со здравствена едукација за здрави животни стилови;
- подигање на свеста на младите за ризикот кој постои кај нивното здравје со цел намалување на ризичното однесување.
Утврдени патолошки состојби при извршени систематски прегледи на ученици и студенти во 2015/2016 година
а) Во основните училишта
Деформитетите, лошото држење на телото и лошата хранетост на телото, се најзастапените патолошки состојби утврдени при извршувањето на систематските прегледи кај учениците од основното образование.
Лошото држење на телото е евидентирано кај 12.142 ученици или 19,3% од прегледаните; следат деформитетите на стопалото кои се застапени кај 11 871 ученик или 18,9% од прегледаните; потоа се деформитетите на ’рбетниот столб и градниот кош кај 11. 391 ученик или 18,1% од вкупно прегледаните.
На четвртото место по застапеноста е лошата ухранетост на телото застапена кај 9107 ученици или 14,5% од прегледаните.
Во споредба со претходната година, за сите претходно наброени патолошки состојби постои намалување на процентуалната застапеност кај прегледаните ученици во 2016 в однос на 2015 година.
Деформитетите на ’рбетниот столб и градниот кош најмногу се застапени кај учениците од V и VII одделение, додека деформитетите на стопалото во најголем број се регистрирани во I -во и во VII одделение.
Лоша развиеност на телото е забележана кај 3.369 ученици или 5,4% од прегледаните. Во споредба со претходната година забележана е помала застапеност од 3,4%
Извор: ИЈЗ на Р.Македонија
Кај 4.987 ученици или 7,9% од прегледаните се најдени пречки на видот и мотилитетот, што е помала застапеност во споредба со претходната година, кога биле евидентирани кај 8,3% од прегледаните; конгенитални срцеви аномалии се најдени кај 272 или 0,4% (за 51% помалку во споредба со претходната година), а стекнати кај 441 или 0,7% од прегледаните, што е за 34 % помалку во споредба со претходната година.
Вошливоста е застапена кај 104 ученици или 0,2% и е за 37,3% помала во споредба со претходната година, додека недоволната хигиена на телото е констатирана кај 610 или 1% од прегледаните ученици, што е за 14% повеќе во споредба со претходната година.
Лабораториските прегледи на крвта за хемоглобин, според доставените извештаи, се извршени само кај 68% од прегледаните ученици. При тоа е најден хемоглобин под 10 гр.% кај 1166 ученици или 1,9% од прегледаните на хемоглобин, што е повеќе за 12,1% во споредба со претходната година.
Преглед на урина е извршен кај 32.557 ученици или 51,8% од вкупно прегледаните, при што е најден албумен кај 672 ученици или 1,1% од прегледаните на албумен во урина. Претходната година, преглед за присуството на албумен во урината бил извршен кај вкупно 41.698 ученици, или 57,6% од прегледаните; албумен бил детектиран кај 2,4% од прегледаните.
При стоматолошките прегледи најден е кариес кај 8.983 ученици или 1% од прегледаните што е за 31,2% помалку во споредба со претходната година. Ортодонтски аномалии се најдени кај 3.479 ученици или 5,5% од прегледаните, што е за 38,2% помалку во споредба со претходната година.
б) Средни училишта
Кај учениците од средните училишта од најдените патолошки состојби најзастапени се деформитетите на рбетниот столб и градниот кош кај 5.510 или 21,6% од прегледаните (за 6,1% помалку во споредба со претходната година); потоа следи лошото држење на телото кај 5.486 ученик или 21,5% од вкупно прегледаните (за 4,2% помалку од претходната година), потоа следи лошата ухранетост на телото кај 3.410 ученици или 13,4% од вкупно прегледаните (за 11,5% помалку од претходната година). На четвртото место се деформитетите на стопалото застапени кај 3.378 ученици или 13,3% (за 3,4% помалку во споредба со претходната година).
Пречки на видот и мотилитетот се најдени кај 2.626 ученици или 10,3% од прегледанит. Кај помладите возрасти на учениците, односно учениците од основните училишта застапеноста на вакви најдени пречки е двојно поголема.
Конгенитални срцеви аномалии најдени се кај 66 ученици или 0,3%, и е за дупло помалку во споредба со претходната година, додека стекнати се најдени кај 34 или 0,1% од прегледаните ученици (329 и 0,9% од прегледаните во 2015 година).
Лоша развиеност на телото била констатирана кај 757 ученици (3%).
Вошливоста е констатирана само кај 12 ученици и е помала во однос на вошливоста кај учениците од основното образование – 104 или 0,2%.
Лабораториски прегледи на крв за хемоглобин се извршени кај 17.858 ученици или 70,1% од прегледаните (26149 или 69,5% прегледани во претходната година), при што е најден хемоглобин под 10 гр.% кај 323 ученици или 1,3% од прегледаните на хемоглобин (438 или 1,2% во претходната година).
Кај 13.078 ученици или 51,3% (21193 или 56,3% во минатата година) е извршен преглед на албумен во урина, а позитивен албумен е најден кај 265 ученици или 1% од прегледаните на албумен (635 или 1,7% во претходната година).
При извршените стоматолошки прегледи кариес е најден кај 5.528 ученици или 21,7% од прегледаните (4756 или 12,6% е најдениот кариес кај учениците од претходната година). Ортодонтските аномалии се регистрирани кај 1.703 ученици или 6,7% (1888 или 5% се регистрирани во минатата година).
в) Студенти
Кај прегледаните студенти како најзастапени патолошки состојби се: деформитетите на рбетниот столб и градниот кош кои се регистрирани кај 1.765 студенти или 15.1% од прегледаните; лошата развиеност на телото кај 1.194 студенти или 10.2% , а лошото држење на телото е застапено кај 846 студенти или 7,2% од прегледаните. Деформитетите на стопалото се регистрирани кај 139 студенти.
Лабораториските прегледи на крв се извршени кај 738 студенти или 6.3%, а на урина кај 11.470 или 97,6 % од прегледаните студенти, при што албумен во урината е детектиран кај 523 или 4,5% од прегледаните. Кариес е најден кај 27,9% од студентите.
КОНСТАТАЦИИ
Според Програмата за систематски прегледи за 2015/2016 година опфатени се вкупно 100.016 ученици и студенти или 97,1% од подлежните и го задоволува предвидениот стандард од 90-95%. И во претходната година опфатеноста задоволувала и изнесувала 96,1%. Кај учениците во основното образование изнесува 97.3%; кај учениците во средното образование 95,3%, а кај студентите е 100% од подлежните.
Предвидените содржини на систематските прегледи според Програмата не задоволуваат во поглед на лабораториските испитувања (на крв -хемоглобин, урина-албумен и фецес за цревни паразити) кои се извршуваат во недоволен обем или воопшто не се извршуваат во некои региони.
Се ова гореизложеното наметнува, преземање мерки за подобрување на спроведувањето на Програмaта за систематски прегледи на ученици и студенти, посебно во однос на опфатеноста на учениците и студентите во ординациите со цел за санирање на најдените состојби.